Франција во шок: Што може да се стори против паралелните општества? | Свет | DW | 19.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Франција во шок: Што може да се стори против паралелните општества?

По бруталното убиство на професорот Самуел Пати, Франција планира да преземе засилени мерки против радикализацијата и да ја подобри безбедноста во училиштата. Ширум земјата пак се одржаа маршеви на солидарност.

Како може да се спречи исламистичката радикализација? Што можете да се направи против паралелните општества? Франција се бори со овие прашања долго пред бруталното убиство на професорот Пати. Но, сега потребата за акција се чини поитна од кога било. Францускиот претседател Емануел Макрон се изјасни за итно спроведување на конкретни мерки против радикализираните групи. Вчеравечер беше одржан состанок на Националниот  совет за одбрана, на чело со Макрон, на кој присуствуваа и неколку министри како и обвинителот за борба против тероризмот, Жан-Франсоа Рикар.

Претходно во текот на денот, десетици илјади луѓе се собраа  ширум Франција да му оддадат почит на неодамна убиениот наставник по историја и географија, на кого му беше отсечена главата бидејќи на часот за слобода на изразување покажал карикатури на муслиманскиот пророк Мухамед.

Абдула Анзоров (18), Русин со чеченско потекло во петокот му ја отсече главата на Самуел Пати во близина на училиштето каде предаваше на западната периферија во Париз. Напаѓачот беше убиен од полицијата набрзо по убиството на Пати (47). Собирот се одржи на Плоштадот на Републиката каде на 11 јануари 2015 година беше одржан голем собир, околу 1,5 милиони луѓе се собраа по терористичките напади на редакцијата на сатиричниот неделен весник Шарли ебдо и на една еврејска самопослуга.

Повеќе:

-Франција: Обезглавен професор - Макрон: „Ова е терористички напад“

-Крвав напад со нож во центарот на Париз

-„Шарли Ебдо“: Процес што ја допира душата на Франција

Собраните луѓе носеа транспаренти со натписи „Јас сум Самуел“, „Јас сум професор“ и „Не на тоталтарните мисли“, а извикуваа „Слобода на изразување и слобода на предавање во училиштата“. На моменти се слушаа долги аплаузи. Собири се одржаа и во Лион, Лил, Стразбур и во Марсеј.

Во Париз на собирот беа и премиерот на Франција, Жан Кастекс, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, лидерот на радикалната левица, Жан-Лик Меланшон, и претставничката на десницата во локалната власт во Париз, Валери Пекрес. Беше виден и поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, додека сегашниот претседател Емануел Макрон го посети местото на убиството во петокот вечер.

„Вие не нѐ плашите. Ние не се плашиме. Нема да нѐ поделите. Ние сме Франција“, напиша Кастекс на Твитер.

Некои демонстранти носеа плакати со карикатури на пророкот Мухамед кој порано ги објави Шарли ебдо.Националното оддавање на почит ќе биде одржано во среда. Вкупно 11 лица се приведени во врска со истрагата. Убиството, кое ја потресе Франција, се случи три недели по исламскиот напад во кој еден Пакистанец со секира повреди две лица кои се наоѓаа во близина на некогашната редакција на Шарли Ебдо.

Во Париз во тек е судењето на соучесниците на нападот кој се случи на 7 јануари 2015 година кога беа убиени 12 новинари и карикатуристи кои работеа во овој весник.Во Франција тогаш започна бран на напади на џихадисти без преседан во земјата, во кои настрадаа неколку стотици луѓе.