Фотографија на денот: 80.000 ковид-мртви во Германија –зад секој број се крие посебна судбина | Информации и анализи за Германија | DW | 19.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Фотографија на денот: 80.000 ковид-мртви во Германија –зад секој број се крие посебна судбина

На централна комеморација во Берлин, претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на роднините на починатите од коронавирус им порача дека не се сами во својата болка.

Германското државно раководство вчера во Берлин со централна комеморација потсети на луѓето во земјата кои починаа од Ковид-19. Бројот на учесниците на комеморацијата поради пандемијата беше строго ограничен.

На манифестацијата освен претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, претседателот на Бундестагот-Волфганг Шојбле, претседателот на Бундесратот-Рајнер Хазелхоф, канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Уставниот суд – Штефан Харбарт, присуствуваа и петмина роднини на починати од коронавирус, кои емотивно ги раскажаа своите лични приказни и искуства.

Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на блиските на речии 80.000 жртви на коронавирусот им изрази длабоко сочувство, предупредувајќи да не се потиснува и минимизира страдањето предизвикано од пандемијата.

„Мој впечаток е дека како општество не ја изразуваме доволно свеста дека зад секоја бројка се кријат судбини, луѓе. Општество кое го потиснува ова страдање, ќе претрпи штети во целина“, предупреди претседателот.

Berlin Konzerthaus am Gendarmenmarkt | Gedenkfeier Covid-Opfer | Merkel

Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на церемонијата во Берлин

Тој потсети и насудбините на оние кои не починаа од последици на Ковид-19, но поради рестрикциите мораа да умрат сами, без  своите најблиски. Потресно и крајно тажно е што луѓе мора да умираат „без последен утешен збор, последен поглед полн со љубов, последен стисок на раката“.

„Сите тие недостигаат, на семејствата, на пријателите, но ќе останат во нашите сеќавања, нема да ги заборавиме“, рече Штајнмајер.

Затоа го смета за важен моментот на потсетување, на заедничко насочување на погледот врз човечката трагедија на пандемијата.

Претседателот апелираше да се зборува за болката, страдањето и гневот, но да не се загубиме во префрлувањето на вината, да не се дозволи пандемијата да го разедини општеството преку различните погледи на мерките и начинот на кој се праваат обиди за нејзино сузбивање: „Да собереме уште еднаш сила за пат нанапред, пат кој води кон излез од пандемијата, по кој треба заеднички да одиме.“

Од почеткот на пандемијата вп Германија од коронавирус заболеа преку 3,1 милион луѓе, а околу 80.000 починаа досега од последици на вирусот.