Фотографија на денот: 11 Октомври - Ден на народното востание | Северна Македонија | DW | 11.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Фотографија на денот: 11 Октомври - Ден на народното востание

Северна Македонија денеска одбележува 80 години од почетокот на Народноослободителната борба.

На 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во 110-илјадна армија. Повеќевековните идеали за основање македонска држава се оживотворени со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

11 октомври денеска се одбележува со низа манифестации. Делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор во Прилеп ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените. На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.

Празникот ќе биде одбележан и во Скопје и во Куманово.

Одбележувањето на 11 Октомври почна вчера со манифестација во организација на Владата и Општина Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“. Во своето обраќање премиерот Зоран Заев рече дека празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година прави подобра држава, поубаво место за живеење.

„Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите.“

Заев во Прилеп нагласи и дека денес Северна Македонија е ценет и посакуван партнер, успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот. Говорејќи за големината на празникот Заев истакна дека борците од Народноослободителната војна и сите претходни генерации, „оние што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите, како дом на слободата“:

„Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите.“

Говорејќи за членството во НАТО и придобивките од него, премиерот се осврна и процесот на интегрирање на Северна Македонија во ЕУ:

„Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме. Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сѐ за сите нас овде во Северна Македонија. За жал нашето столче во Европската Унија сѐ уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед“, порача премиерот Заев.