Фотографија на денот: Изгор цените на гасот го „запалија“ Казахстан | Свет | DW | 05.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Фотографија на денот: Изгор цените на гасот го „запалија“ Казахстан

Цената на течниот гас во Казахстан двојно се зголеми на почетокот на новата година откако владата ја укина ценовната граница за ова гориво. Следуваа повеќедневни масовни протести. Сето тоа сега има и политички последици.

Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев ја прифати оставката на владата, соопштија од кабинетот на претседателот откако поскапувањето на цената на течниот гас во оваа земја богата со нафта предизвика масовни протести во кои беа повредени речиси 100 полицајци.

Полицијата доцна синоќа употреби солзавец и шок бомби за да ги потисне стотиците демонстранти од главниот плоштад во економската метропола Алма Ата, најголемиот град на поранешната советска република, а конфликтите траеја со часови и во околните места.

Протестите започнаа во неделата во провинцијата Мангистау, која произведува нафта во западен Казахстан, по укинувањето на прописите со кои се ограничуваше цената на течниот  гас, популарно гориво за автомобилите во земјата, по што цената се зголеми за повеќе од 100 проценти.

На протестите учествуваа илјадници луѓе, а во западната провинција Мангистау демонстрантите побараа цената на ТНГ да се намали од 0,27 долари за литар на минатогодишната продажна цена од 0,11 долари.

Набргу потоа, казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев ги повика собраните на протестите да не ги следат повиците на „деструктивните поединци“ кои се обидуваат да го нарушат единството на општеството, но најави и дека владата ќе ја намали цената на течниот нафтен гас. 

Тогаш Токаев потоа прогласи двонеделна вонредна состојба во Алмати и во целиот регион Мангистау.