Формула 1 во Сочи - добра идеја? | Панорама | DW | 10.10.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Формула 1 во Сочи - добра идеја?

Зимските олимписки игри во Сочи се одржаа, а градот сега настојува долгорочно да привлече посетители. Еден од начините да се постигне тоа е одржувањето на трки во Формула 1.

Во недела (12. октомври) во Сочи за првпат во историјата се одржува трка од Формула 1 во Русија. Формула 1 ни одалеку не е толку популарна во Русија како во многу други земји. Моментално гласни се и оние кои бараат да се бојкотираат меѓународните манифестации кои ги организира Русија- поради кризата во Украина. Но, овој бојкот ќе остане индивидуална работа- Формула 1 не е манифестација која би можела да загуби на значење затоа што на нејзините трибини не седат угледни светски политичари. Од друга страна, договорот за одржување на Големата награда на Русија лично го потпишаа шефот на Формула 1 Берни Еклстон и претседателот на Русија, Владимир Путин. Договорот важи до 2020. година и двете страни се надеваат дека тој ќе им ги наполни касите.

Формула 1- елитен бизнис

За Русија, одржувањето на оваа трка претставува нов вид меѓународна промоција. Во прашање е најпрестижното автомобилско натпреварување кое во целиот свет во сезона го следат во просек 500 милиони луѓе. Иако, бројот на гледачи ширум светот полека опаѓа, особено во Јужна Америка. Но, Берни Еклстон е уверен дека тоа не е резултат на намалениот квалитет на самото натпреварување, туку на изменетите навики на луѓето, кои, како што тврди, едноставно гледаат помалку телевизија од порано. Тој неодамна изјави дека сега луѓето повеќе се интересираат за социјалните мрежи и за интернет, но дека телевизиските преноси на автомобилските трки нема да изумрат.

ARCHIVBILD Bernie Ecclestone Wladimir Putin

Шефот на Формула 1 Берни Еклстон и претседателот на Русија, Владимир Путин

И навистина, случувањата околу Формула 1 сепак се’ уште привлекуваат големо внимание на медиумите. Веста за преминувањето на германскиот возач Себастијан Фетел од тимот на Ред Бул во Ферари го обиколи светот и се најде во ударните вести, токму како и веста за несреќата на младиот возач од тимот на Марусија, Жил Бјанки. Формула 1 има свое постојано место меѓу известувањата за холивудските филмски достигнувања и скандали, кралските семејства и интернет-монгулите. А Русија благодарејќи на Формула 1 ќе добие свое постојано место во тој сегмент на елитно светскиот спортско-забавен бизнис.

Најважни се емоциите“

Секако дека таа поставка сама по себе не е гаранција дека Големата награда на Русија ќе биде навистина успешен потфат. Бидејќи, во површина најголемата земја во светот не постои ниту еден печатен магазин посветен на Формула 1, нема силна традиција на автомобилскиот спорт, а гледаноста на Гран при трката досега беше се’ освен голема. Тоа не успеа да го смени ни првиот руски возач на Формула 1 Виталиј Петров кој во тој напревар помина само неполни три години- од 2010. до 2012. година. Тимот на Марусија, чиј сопственик е истоимената руска автомобилска компанија, нема забележителен успех. Сега Русите најголема надеж полагаат во младиот возач од тимот Торо Росо- Данило Квајт, на кого ова му е прва сезона во Формула 1.

Сето тоа укажува дека потфатот наречен Голема награда на Русија е храбар и- неизвесен. Организаторите се надеваат дека вложените пари ќе се вратат во Краснодарскиот регион и ќе ја зајакнат неговата економија. Во проектот учествуваат многу фирми кои се надеваат дека новата манифестација ќе им донесе приходи, особено во хотелската и угостителската бранша. Поради тоа руските домаќини се потрудија на гостите, покрај убавата природа во Сочи да им понудат и првокласен гламур. Олег Забара, заменик на генералниот директор на Големата награда на Русија, за германскиот магазин Моторспорт тотал рече дека во тој поглед „сака да постави нови стандарди“ и оти со руската делегација веќе престојувал во Абу Даби за она што го виделе таму „да може да го применат во Сочи“. Тој вели дека „не е најважно одржувањето на самата трка, туку емоциите“ кои ги поврзуваат луѓето со тоа место, и додава оти се надева дека престојот во Краснодарската област ќе биде „прекрасно искуство“.

Hermann Tilke Architekt & Streckenplaner Formel 1

Архитектот на пистата во Сочи, Херман Тилке

#

Тестовите се веќе во тек

Должината на пистата во Сочи е 5872 километри- само традиционалните писти во Спа (Белгија) и Силверстон ( Велика Британија) се подолги. Возачите во Формула 1 кои досега возеле на неа се воодушевени. Меѓу нив е и Себастијан Фетел кој за магазинот formula1.com изјави дека „олимпискиот парк и тркачката патека се единствени во светот“. Архитектот на пистата Херман Тилке е горд посебно на свиокот број 3, кој шкотскиот возач Дејвид Култхард веќе го нарече „бесконечен агол“- во свиокот се влегува со брзина над 200 километри на час, а од него се излегува со брзина поголема од 300 км/час. Планирано е на трибините место да најдат 55 илјади луѓе.

Реклама