Фолксваген заробен во вителот на дизелгејт | Економија | DW | 18.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Фолксваген заробен во вителот на дизелгејт

Триковите на Фолксваген со издувни гасови беа обелоденети пред една година. Оттогаш, концернот од Волфсбург прави напор за расчистување на скандалот и враќање на довербата. И, сѐ уште е на почеток, оценува Хенрик Беме.

Понекогаш речиси се добива впечаток како Фолксваген да е радосен поради „темата дизел“, како што во Волфсбург разубавено ја нарекуваат измамата со фалсификувани вредности на издувни гасови. Кризата на Фолксваген му „отвори нови врати“, рече пред вработените деновиве шефот на концернот Матијас Милер.

На тоа може и така да се гледа, но нема навистина гаранција дека европскиот најголем автопроизводител ќе излезе од кризата зајакнат. Концернот, кој до пред една година одвај можеше да се движи под товарот на успехот, е темелно разнишан од скандалот. Концерн кој беше проникнат од визијата да стане број еден во светот и организиран како царство: горе Мартин Винтеркорн, а долу сите останати.

Boehme Henrik Kommentarbild App

Хенрик Беме

Тешките времиња допрва доаѓаат!

Концерн, чиј дизел модел Џета ТДИ во 2008 година од американскиот магазин „Green Car Journal“ беше избран за најеколошки автомобил на годината поради неговата „иновативна дизел технологија“. Но, тоа беше најдобар еко-автомобил само благодарение на еден софтвер за мамење, откриен дури во 2013 година од страна на научниците на Универзитетот Вест Вирџинија. Додека Фолксваген конечно призна дека се служел со трикови, минаа цели две години. Американците тоа не можат да го заборават. Тие ќе го остават Фолкваген да крвари и тоа со години.

Веќе сега е јасно: во САД веќе нема да продаде дизел возило. Склучената спогодба од милијарди евра е само почеток. Ќе тужат уште многу американски сојузни држави, а ќе следуваат и инвестициски и пензиски фондови. Правното расчистување на скандалот во Германија не е ниту почнато. А, кога ќе почне, тогаш секој месец ќе се појавуваат нови наслови кои на Фолксваген постојано ќе му ги отежнуваат напорите да ја поврати довербата. Со секој од тие наслови ќе се врати сеќавањето: да, тоа беа тие измамници!

Денес никој не може да каже колку пари ќе чини расчистувањето на скандалот. Концернот има ставено настрана 17 милијарди евра. Но, тоа нема да биде доволно. Според некои проценки, ќе бидат потребни 35 милијарди евра. Значи, Фолксваген со години нема да заработува. А, заработувачка е итно неопходна за концернот да може да се подготви за автомобилите на иднината - електромобили, автономно возење. Шефот на концернот Милер, предложи амбициозна програма. Но, толку комплексна конструкција од 12 марки, далеку над 100 фабрики во цел свет и над 600.000 вработени, не може да се сврти во посакувана насока за само една година. Ќе бидат неопходни време, трпение и - точно - пари. Ако секое четврто возило од Фолксваген во иднина треба да вози на електричен погон, тогаш потребни се една четвртина помалку мотори на согорување и класичен погон. За еден електромотор се потребни далеку помалку зафати и делови отколку за еден бензинец и, соодветно на тоа, помалку работници за да го произведат.

Заробен во кризата

Значи, Фолксваген, една година подоцна, и натаму седи во кабината за потење на кризата за која е сам виновен. Расчистувањето напредува, но пред крајот на годинава нема да биде завршена работата на американската канцеларија задолжена за тоа. Патем, и тоа ќе отвори повторно некои рани. Акциите за повлекување на возилата во САД и Европа почнаа. Но, уште долго не е сѐ готово. Сѐ уште голем број сопственици чекаат на термин во работилница. А, со оглед на обесштетувањата, кои во САД се исплаќаат, а во Европа не, многумина со право се чувствуваат како потрошувачи од втора класа.

Оттука, зачудува што купувачите на Фолксваген ѝ се и натаму верни на носечката марка. Намалувањето на продажбата, од кое стравуваше концернот, изостана. Тоа е единственоит зрак надеж за Фолксваген во моментов. А, скандалот? Тој уште долго ќе седи на совозачкото место во Волфсбург.

DW.COM

Реклама