Флип-флоп, троп | Северна Македонија | DW | 15.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Флип-флоп, троп

Пречесто во минатото сме имале ситуации во кои лавовските рикања на партиите во опозиција се претвораат во нежни и срамежливи мјаукања кога ќе дојдат на власт. Така е и сега со договорот од Преспа.

Забележувам еден интересен феномен на флип-флоп политика (инаку изразот флип флоп доаѓа од англиската политичка сцена, каде означува политичар или партија која лесно ги менува своите ставови по клучни прашања за 180 степени), кај најголемиот дел од македонските партии кога се во опозиција и кога се на власт.  Опозициските партии се често популистички, без никаква одговорност за состојбите, и лесно кокетираат со приземните, националните и социјалните чувства на електоратот, за потоа, кога ќе дојдат на власт, одеднаш да станат „одговорни”, соочувајќи се со одговорноста на позицијата и дискрепанцијата помеѓу жолчните партиски говори и суровата реалност, и така да мораат да се повлечат од голем дел од своите помпезни најави. 

Ваквата „превртливост” на позициите, за партиите е лесна – тие се сепак централни организации со раководство кое лесно наметнува нови политики. Но, електоратот е друга работа. Тој ги памети сите популистички изјави и најави, ги “книжи” во своето тефтерче на незадоволство, ги мери партиите по сите изјави, додека ваквиот феномен на “лавови во кампања, мачиња на власт” во континуитет создава еден тренд на длабока континуирана поделба на електоратот на радикален и умерен, која носи до масовна социјална и општествено политичка шизофренија.  Оттаму сега дел од електоратот е исфрустриран со двете најголеми македонски партии, и е во основа, комплицирано со нив да се комуницира.

Други колумни од авторот:

-Непогрешливиот инстинкт

-Република Whatever Македонија

-Попатни дилеми

СДСМ го плаќа овој феномен во вид на незадоволство од радикалните елементи во нивното движење, кои јас ги нарекувам група “за ова ли се боревме”?  Ова се критичарите кои би сакале порадикално справување со претходната власт – генерален реизбор на судии, брзи и драконски казни за претходниците, молскавични и драматични промени во медиумската сфера, во државната администрација и слично.  Тие се фрустрирани од радикалните очекувања за политичка револуција и бавното темпо во имплементацијата на промените, а на власта ќе и претставуваат траен проблем доколку не организира специјална стратегија за адресирање на оваа емоција.

Лажна позиција

Но, сепак, истиот феномен во моментов е многу позагрижувачки и потенцијално поопасен од страната на ВМРО ДПМНЕ. Тие во моментов се отидени толку далеку во најбазичен популизам и се позиционираат како исклучително радикален елемент во националните интереси во однос со договорот со Грција, поттикнати од претстојниот референдум, што постои опасност самите во електоратот да си постават таква стапица што нивните најголеми сегашни поддржувачи утре да им ја бараат главата, а притоа менталното здравје на општествово да отиде по ѓаволите.  Еве зошто.

Прво, договорот со Грција, и секако, поширокиот проект на стратешката интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, е неминовен процес.  Тој ниту зависи, ниту може да биде спречен од ВМРО-ДПМНЕ, ништо повеќе одошто би можела една пеперутка да спречи стампедо слонови.  Македонија нема реална стратешка алтернатива, а проектот е отиден толку далеку што тешко дека сега може да се проблематизира.  Референдумот притоа, со или без партијата во опозиција, е релативно готова работа – тој, без оглед на техничкиот епилог, ќе има суштински исход во кој само ќе ја засили општествената одлука во насока на поддршка на договорот и ќе ја забрза политичката катарза во тој правец, и тука локалните политички чинители имаат малку или никаков маневарски простор.

Најголемиот проблем е што ова ВМРО ДПМНЕ го знае, а сепак продолжува да се удира во гради и да вреска против договорот, притоа подгревајќи национални страсти кои и за нив самите ќе бидат камен на сопнување во иднина, а општеството ќе го направат уште подраматично поделено и без национален консензус.  Во таа смисла, нивната позиција е апсолутно лажна, контрадикторна, па ако сакате и нечесна кон електоратот.  ВМРО ДПМНЕ ист ваков договор, кога би биле на власт, без исклучок би прифатил "како поп локум”, исто како и СДСМ.  Во текот на последниов период, како што се откриваа информации за текот на преговорите, гледаме дека слични, па дури и полоши компромиси, прифаќале и порано.  Затоа, не е фер сега да врескаат со кампања против овој нужен и релативно пристоен компромис. 

Лажно лелекање и драмолетка

Ако грешам, нека ме поправат – тие на граѓаните им должат одговор на едно клучно прашање: дали овој договор, со сите негови доблести и недостатоци, кога тие би го преговарале и добиле како власт, би го прифатиле?  Ако би го прифатиле, веднаш да престанеме со лажното лелекање и драмолетка, и да изградиме некаков национален консензус и катарза, зашто имаме уште многу работа. Ако не би го прифатиле (вакви најави веќе имаше), тогаш веднаш нека се изјаснат така, за да бидеме на чисто, и неотповикливо во својата програма и понуда кон граѓаните нека се обврзат дека кога ќе дојдат на власт ќе го поништат и укинат, и ќе не вратат назад во деновите кога не постоеше овој компромис. Сѐ друго би било суштински нечесно и неодговорно – зашто гласачите мораат да знаат за што се бара нивната поддршка, и каков е планот кој со таа поддршка треба да се спроведе.  Зашто пречесто во минатото сме имале вакви флип-флоп ситуации во кои лавовските рикања на партиите во опозиција се претвораат во нежни и срамежливи мјаукања кога ќе дојдат на власт. Така, истите партии кои беа најрадикално против, на пример, територијалната организација додека беа во опозиција, истата ја оставија негибната и со реформата се фалеа кога дојдоа на власт. Исто и со драмата со поддршка со бранителите – во опозиција на едни партии им беа браќа, за кога истите партии дојдоа на власт да ги амнестираат Хашките случаи. 

Затоа, ВМРО ДПМНЕ должи одговор – дали ако некогаш дојдат на власт ќе го поништат договорот, и ако не, чуму сега драмолеткава?  Зашто фрустрациите за партиите се минливи, но за граѓаните трајни, за да не биде во недоглед – во опозиција флип, на власт флоп, на крајот троп.

 

DW.COM

Реклама