Фискална стратегија - власта го стега ременот | Економија | DW | 29.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Фискална стратегија - власта го стега ременот

Проекциите за засилен раст и намален јавен долг се добра вест за македонската економија. Експертите се оптимисти, но сугерираат дека е потребно многу труд и дисциплина за тие и да се остварат.

Повисок економски раст, помали буџетски расходи, стабилизирање и намалување на јавниот долг - ова се трите клучни сегменти од Фискалната стратегија за развојот на македонската економија во периодот 2020-2022 која доби виза од Владата. Фискалната стратегија се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

„Фискалната стратегија е одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија“, пишува во стратешкиот документ.

Растот во 2019 корегиран на 3,5%

Очекувањата се дека економијата има капацитет да оствари раст:

„Континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година се основа за нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5%. Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година, и во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5%.“

Експертите го поздравуваат усвојувањето на Фискалната стратегија. Првичните оценки се дека по подолг период таа е реално поставена, но сугерираат на сериозен пристап за остварување на стратешките приоритети:

„Донесувањето на фискалната стратегија од страна на Владата е секако позитивен чекор. Ние како држава и пред тоа имавме таква фискална стратегија, меѓутоа во пракса тешко се доаѓаше до таа фискална консолидација. Се надевам дека овојпат Владата ќе остане доследна на она што е напишано во стратегијата и ќе успее да влијае на намалување на јавниот долг“, коментира универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Mazedonien Regierungssitzung (Mazedonien Regierung)

Владата даде виза за Фискалната стратегија за развојот на македонската економија во периодот 2020-2022

Јавниот долг клучен предизвик

Токму јавниот долг и неговата стабилизација е еден од клучните предизвици за власта. Ако претходните влади со својата растрошност во релативно краток временски период го набилдаа долгот, актуелната демонстрира политики кои го стабилизираат нивото на долгот. Тој надмина 5 милијарди евра, но се спушти во проценти, што според Владата е резултат на очекуваниот раст на економијата. Во 2018 година тој дури и се намали под проекциите во Ревидираната фискална стратегија - од 49,8% од БДП на 48,5% од БДП.

Сепак, во наредните две години јавниот долг ќе се движи нагоре, но главно како резултат на имплементацијата на планираните капитални проекти, но и отплатите на доспеаните долгови од претходните задолжувања, кои во периодот 2019-2022 година ќе изнесуваат околу 2,3 милијарди евра. Политиката на стегање на ременот, односно намалување на буџетскиот дефицит, а со тоа и на државниот долг, треба да влијае на намалување на вкупното задолжување:

„Надолната патека на државниот долг и умерениот раст на гарантираниот долг заради инфраструктурните проекти и потоа неговиот пад, ќе резултираат со умерено зголемување на вкупниот јавен долг на 51,7% од БДП во 2019 година и 52,3% од БДП во 2020 година, и потоа намалување на 50,8% од БДП во 2021 година и дополнително на 49,1% од БДП во 2022 година. Ова е значително под утврдениот лимит за нивото на јавниот долг од 60% од БДП, односно јавниот долг во наредниот период нема да ја загрози одржливоста на фискалната политика“, пишува во фискалната стратегија.

Повеќе:

За позначаен раст потребни се позначајни реформи

Стопанството подготвено за полет, но младите го губат трпението

Промена на економскиот модел за засилен раст

За експертите е клучно владата да ги реализира капиталните проекти, да креира политики кои обезбедуваат раст кој никако не треба да биде под она што сега се поставува како цел:

„Она што би сакал да потенцирам е дека сепак, според мене, планираните стапки на економски раст од 3% или нешто малку повеќе не треба да бидат главен параметар на Владата. Јас би бил послободен и би го поставил растот на повисоко ниво. Објективно, сегашното ниво на кое се наоѓа македонската економија не би требало да го задоволува народот, исто така и скромниот раст којшто се предвидува. Сметам дека со мала измена на економскиот модел, а пред сѐ при водењето сметка кога се носат законите, особено во делот на економската сфера, треба да се предвидуваат и планираат такви законски решенија кои ќе овозможуваат, би рекол, една позитивна околина и позитивни услови за бизнисот. Да се создадат услови тој да се шири, особено во делот насочен кон извозот. На тој начин, кога при носењето на законите ќе се води сметка дека истите би имале влијание на растот на бизнисот, сметам дека и планираната стапка на раст од 5% не би била неостварлива“, коментира Ивановски.

Das Bergbau und Energie Kombinat REK Bitola (Nord-Mazedonien Regierung)

На македонската економија би ѝ биле потребни неколку години солидни стапки на економски раст, дури и повисоки од проектираните во стратегијата за да може да ги надмине просечните остварувања, вели Ивановски

Според Фискалната стратегија, приватната потрошувачка ќе има значаен придонес врз економскиот раст во овој среднорочен период, со просечен годишен раст од 2,8% на реална основа. Растот на приватната потрошувачка се поврзува со растот на вработеноста во приватниот сектор, поддржан и преку активните мерки за вработување, зголемувањето на платите во економијата, како и мерките за зајакнување на социјалната заштита, кои ќе резултираат со раст на расположливиот доход на домаќинствата, а дополнителен импулс ќе има и растот на кредитирањето.

Сепак, и во вакви услови, според Ивановски, на македонската економија би ѝ биле потребни неколку години солидни стапки на економски раст, дури и повисоки од проектираните во стратегијата за да може да ги надмине просечните остварувања::  

„Да, впрочем на македонската економија ѝ се потребни повеќе години по ред стапки на економски раст кои би се движеле од 5 до 7% раст на брутодомашниот производ, како основен предуслов кој би ни овозможил да успееме барем малку да се придвижиме нагоре, а со тоа и да ја подобриме стапката на животниот стандард. Секако, притоа да ја намалиме и стапката на невработеност, што се и главните две проблематични точки на ова општество во коешто живееме“, смета Ивановски.   

Фискална дисциплина ќе се стега ременот

Она што е значајно во стратегијата е зајакнување на фискалната дисциплина. Овој сегмент од функционирањето на носителите на економски политики во изминатите години беше исклучително предизвикувачки, пред сѐ поради постојаните потфрлања во проекциите, што по правило резултираше со умерен буџетски дефицит, кој постојано се пеглаше преку ребаланси на буџетот. Среднорочната фискална стратегија воведува лимити на буџетските расходи, и тоа во вкупен износ, но и лимити по буџетски корисници:

„Годишната стапка на раст на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија постепено ќе забавува од 14,2% во 2019 година на 5,2% во 2022 година. Во комбинација со очекуваната наплата на приходите, ова ќе обезбеди постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,5% од БДП во 2019 година на 2,3% во 2020 година и по 2% од БДП во 2021 и 2022 година", сметаат во Владата.

Mazedonien Land und Leute neu (Petr Stojanovski)

​​Според Фискалната стратегија, приватната потрошувачка среднорочно ќе има значаен придонес врз економскиот раст

Капиталните расходи потфрлија?!

Освен извозот и личната потрошувачка, значаен фактор во развојот на македонската економија ќе имаат и инвестициите во капиталните проекти. Годинава на овој план на Владата не ѝ оди според очекувањата. Или не барем во првите четири месеци од годинава, кога според податоците, од вкупно планираните 422 милиони евра за цела година, досега се реализирани само 9,83%. Надлежните сепак не се загрижени, туку напротив - задоволни се од интензитетот на активностите кои допрва ќе забрзуваат. Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека реализацијата на капиталните инвестиции во делот на патната инфраструктура под капата на Јавното претпријатие за државни патишта била одлична, или како што тврди, во првиот квартал дури трипати подобра од истиот период лани. Ако на ова се надоградат и бројките на раст на индустриското производство од 8,8%, засилениот извоз, тогаш очекувањата се дека годинава би била многу подобра од минатата:

„Ако се земат серија години наназад, секогаш забрзувала реализацијата на капиталите инвестиции во втората половина од годината и очекуваме дека и годинава тоа ќе биде случај. Главно е што ЈП за државни патишта е надвор од буџетот и тоа годинава реализира многу подобро од минатата година. Реализира за трипати повеќе и тоа ни дава оптимизам, но и првите показатели за првиот квартал покажуваат дека економијата ќе се движи позитивно и тоа подобро од лани“, изјави Тевдовски.

Dragan Tevdovski (Vlada.gov.mk)

Драган Тевдовски, министер за финансии

Опозицијата пак критикува дека власта само продавала слика дека економијата била стабилна. Реагираат дека Владата нема капацитет да ги реализира капиталните проекти, продолжува со политиките на задолжување и не привлекува директни странски инвестиции. Во вакви услови сметаат дека и не е за чудење што земјата е на дното во регионот по проекциите за економскиот раст на меѓународните финансиски институции.

Засилени реформи за позначителни ефекти

Меѓународниот монетарен фонд во најновата анализа предвидува растот на економијата годинава да достигне 3% од брутодомашниот производ, што е за 0,2 процентни поени повеќе од јануарската проекција. Или речиси идентично со она на Светска банка која ја задржа прогнозата од 2,9% раст на БДП. Овие проекции се пониски и од првичната владина проекција за раст која изнесуваше 3,2% за 2019 година. Фискалната стратегија сега ги корегира очекувањата нагоре, односно ги поставува на ниво со оние на Народната банка, која уште на стартот од годинава изрази очекувања дека 2019 може да заврши со раст од 3,5%.

Прогнозите се позитивни, иако далеку од перформансите на останатите земји од регионот, со исклучок на Црна Гора и Хрватска. Сепак и меѓународните финансиски  иснтитуции очекуваат македонската економија во наредните години да почне да го зголемува нивото на економски раст. Ваквите проекции ќе бидат и реално остварливи, но само доколку продолжат и засилат реформите во делот на администрацијата, владеењето на правото, битката против корупцијата, кои по традиција се наведуваат како клучни болки во сите меѓународни извештаи.

Поврзана содржина

Реклама