1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стоп за башибозукот на Охридското Езеро

ДТЗ
1 јуни 2021

Пред сезоната се најавува засилено уривање на дивоградбите. Плажите ќе бидат бесплатни за туристите, откако се откриени фирми кои без концесии остварувале милионски профити.

https://p.dw.com/p/3uJFi
Nordmazedonien | Ohrid | Am Stadtfelsen
Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Фирми без концесии со години остварувале милионски профити од користење на плажите на Охридското крајбрежје. На пример фирма-концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари. Трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво. Вакви сознанија изнесе денеска охридскиот градоначалник, Константин Георгиески, кој најавува уривање на дивоградбите со засилено темпо пред почетокот на летната сезона. 

-повеќе на темата: УНЕСКО со критики на 125 страници: Охридското Езеро на точка од која нема враќање?

„Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети согласно законските процедури, и нема да има никаква селективност во постапките“, изјави Георгиески.

Nordmazedonien | Ohrid | Altstadt
Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети.Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Ваквата изјава следи откако вчера УНЕСКО го објави целосниот извештај на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот Регион во јануари минатата година. На 125 страници детално се посочуваат сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бара забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето. Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испраќа јасна препорача: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност. 

Роковите течат

Утре истекува рокот од осум дена кој општината Охрид им го даде на поранешните концесионери на плажи во градската зона и во делот на населбата Канео, сами да си ги отстранат платформите и објектите. Градоначалникот ги повика сопствениците со истечени договори за концесија на плажите самите да ги отстранат објектите. Вели дека некои оствариле големи приходи. Запрашан зошто досега не била санкционирана оваа злоупотреба, градоначалникот посочи дека одговор треба да дадат УЈП, Пазарната и Трудовата инспекција кои работат по налог на Скопје и имаат ингеренции за тоа. 
Георгиески информира дека следниот период ќе се урива и во градската зона.

Nordmazedonien | Ohrid | Kirche des Heiligen Johannes von Kaneo am Ohridsee
Ќе се отстрануваат и платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта” кон „Горица 1″ и плажите во делот на населбата „Канео”.Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Изминатиот период се  расчистуваа плажите на потегот од село Пештани до хотел Метропол, каде што со помош на механизација отстранети се нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали. Откриени и отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро.Откако ќе финализираат активностите за уредување на плажите во потегот на „Лагадин”, населбата „Свети Стефан” и „Горица 3″ ќе се пристапи кон отстранување на нелегалните објекти и платфомите во делот на месноста „Елешец”. Ќе се отстрануваат и платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта” кон „Горица 1″ и плажите во делот на населбата „Канео”.

-повеќе на темата: Мерко за ДВ: Струга ќе добие три пристаништа до крајот на годинава

Премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ Клан рече дека извештајот на УНЕСКО го опфаќа извештајниот период до јануари 2020 година, по што е направено многу. „Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сè уште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион“, рече Заев.