1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска повторно ѝ вели „њет“ на Русија

Константин Егерт
16 мај 2022

Можното претстојно членство во НАТО би ставило крај на повеќе од 70-годишната неутралност на Финска, статус постигнат под принуда на Москва. Тоа за Владимир Путин би било понижување, смета Константин Егерт.

https://p.dw.com/p/4BMR6
Finland looks to join NATO as Russia's war rages
Крај на неутралноста - Финска сака во НАТОФотографија: DW

Кога бев тинејџер мојата кума Олга првпат ми раскажа за „зимската војна” во која се судриле Советскиот Сојуз и Финска во 1939/1940. Таа работела како сестра во болница во Москва кога Јозеф Сталин со провиден изговор го започнал лошо подготвеното освојување на Финска.

„Беше страшно“, вели таа. „Сите тие млади војници со страшни измрзнатини и прострелни рани кои не можеше да се лекуваат. Финците ја уништија нашата армија, ама ние не смеевме да зборуваме за тоа. Тие мораа да ни отстапат неколку подрачја, но ние никогаш не ги поробивме“, вели Олга. За мене тоа беше шок. Во нашите книги по историја војната се споменуваше само во еден пасус.

Да за сирењето, не за НАТО

За време на моето детство во тогашниот Советски Сојуз, во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, Финска важеше за најпријателска од „капиталистичките“ земји. Фински производи, како топеното сирење Виола или зимски јакни, беа западни производи кои понекогаш можеа да се најдат и кај советски граѓани. Откако ја чув приказната на Олга не можев веќе да ги гледам Финците како безопасни производители на сирење. Години подоцна чув позната финска песна од времето на војната во 1939. со рефренот „њет Молотов” (“не, Молотов”) во која се исмејуваат на Сталиновиот народен комесар за надворешни работи, Вјачеслав Молотов.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

На Финците навистина им успеа да ја сочуваат својата независност, но само со согласност за „финландизација“, односно исполнување одредени услови диктирани од Москва. Позицијата на неутралност притоа било најважното барање, односно забрана за пристапување кон НАТО сојузот, кој беше формиран во 1949 година. Дури и во 1991-та, кога се распадна Советскиот Сојуз, финската јавност беше воздржана во однос на пристапување кон воениот сојуз.

Финска отсекогаш била економски тесно поврзана со Русија. Голем дел од потребите на Финска за нафта и гас се покриваат преку источниот сосед. Росатом, руска државна компанија за атомски централи, планираше и изградба на централа во Финска, што е исклучителна реткост кога се во прашање западни земји. Постојаните политички контакти со Кремљ беа составен дел од финската политика. До јануари финскиот претседател Саули Ниинисто се вбројуваше меѓу ретките западни политичари кои редовно се состануваа или разговараа со Владимир Путин.

Понижување за Путин

Денес во Хелсинки се слуша ремикс на стариот воен хит од 1939. Финците повторно велат „њет“ - овојпат на Владимир Путин. Подготвени се да станат и дел од северноатлантската алијанса.„Финландизацијата“, едно од најдолгорочните обележја на европската безбедносна архитектура по Втората светска војна, за само неколку недели се промени со оглед на руската агресија врз Украина.

За Путин тоа е горчлив удар. Од неговата прва официјална посета на Финска во 2001 година, тој вложи многу напори за да ја култивира политиката и економијата во земјата. Сега е сведок како таквата политика за само неколку недели се распаѓа. Финска, како симболичен потег, го откажа и проектот со Росатом за изградба на атомска централа.

Според медиумите, Русија се заканувала со скорешен прекин во испораката на енергенси за Финска. Изминатиов викенд е прекинато снабдувањето на Финска со електрична енергија од Русија.

Но Финците изгледа се помирени со привремени потешкотии и бараат нови лиферанти. Долгорочното искуство со Русија ги подучило дека Кремљ го сфаќа сериозно само оној кој е подготвен на жртви и истрајност.

Путин „си пукаше во колено“

Ни обидот на Путин за воена уцена нема да помине подобро. Војната против Украина откри во колку лоша состојба е руската војска. Финската армија, пак, редовно учествуваше во воените вежби на НАТО, има модерно оружје и е целосно интероперабилна со војските од земјите членки на Алијансата. Ако Кремљ го засили военото присуство долж 1300 километри долгата граница со Финска, Финците може да сметаат на тоа дека новите сојузници, вклучително и САД, ќе ги засилат нивните одбранбени позиции со испраќање опрема и сили во регионот. Стратешката позиција на Русија значително ќе биде влошена. Шведска ќе зачекори по истиот пат и Балтичкото Море практично ќе стане „двор“ на НАТО. Калининград, руската ексклава меѓу Полска и Литванија, тогаш ќе може уште полесно да се изолира, ако Алијансата тоа го посака.

Путин не може да ја избегне иронијата на историјата: тој си го претвори отпорот спрема проширувањето на НАТО во свој заштитен знак, а сега ќе мора да гледа како НАТО ќе стационира сили на 130 километри од Санкт Петербург. Без сомнение, Молотов тоа не би го одобрил.