Филипче се надева дека ковид мерките за јавниот сектор ќе ја забрзаат вакцинацијата | Северна Македонија | DW | 22.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Филипче се надева дека ковид мерките за јавниот сектор ќе ја забрзаат вакцинацијата

Владата ќе одлучи за најновите антиковид мерките кои ги предложи Комисијата за заразни болести. Мрежата за спречување и заштита од дискриминација оценува дека мерките се неопходни.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во понеделникот на седница на Главниот координативен кризен штаб ги предложи новите рестриктивни мерки за задолжителна вакцинација на здравствените работници и за неопходно поседување на ковид-потврда за вработените во јавниот сектор, коишто деновиве ги препорача Комисијата за заразни болести. Мерките ќе се разгледуваат утре на владина седница. 

Пред кризниот штаб, Филипче посочил дека мерките се целосно издржани и ќе дадат резултат за да се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјата, а ќе се зголеми и опфатот на вакцинација. „Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75 отсто до 80 отсто. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други“,  соопштија од Министерството за здравство. 

Филипче вечерва ќе има состанок и со синдикатите, откако тие изразија незадоволство и побараа вакцинацијата да не се наметнува со присила. Дел од нив бараа и бесплатни ПЦР-тестови за вработените во јавниот сектор.- 

Со предлог мерките се предвидува задолжителна вакцинација на здравствените работници. За вработените во јавниот сектор се предлага да се воведе задолжителна потврда за вакцинација или негативен ПЦР-тест кој ќе важи најмалку 72 часа или потврда за прележан повик не постава од 45 дена или потврда од специјалист дека не лицето не може да се вакцинира. Мерките треба да стапат на сила 10 дена по нивното усвојување. Истите мерки се препорачува да ги почитуваат и во приватиот сектор. 

Од средината на месецот стартуваа и мерките за влез во затворени објекти само со потврда за целосна вакцинација. Директорката на Пазарната инспекција Анета Симеска-Димоска вели дека нивните инспектори постојано се на терен за контроли околу почитување на ковид мерките во кафулиња и кафеани. Од август досега, Пазарната инспекција направила 1.280 инспекциски надзори, а затворени се 20 угостителски објекти. 

Нема отпор кај наставниците за вакцинација 

Министерката за образование, Мила Царовска вели дека околу 75 отсто наставници се вакцинирани, што е двапати повеќе од националниот просек на вакцинирани. Според неа, нема значителен отпор кај вработените во образованието кои ќе бидат опфатени со мерката што ја предлага Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација. 

Normazedonien | Mila Carovska | Bildungsministerin

Министерката за образование, Мила Царовска вели дека околу 75 отсто наставници се вакцинирани

Според неа, состојбата со Ковид-19 во училиштата е стабилна. Процентот на позитивни нови случаи на дневно ниво се движи помеѓу 0,01 и 0,03, а вкупниот број активни случаи е околу 0,3 отсто од вкупно 255 илјади ученици кои следат настава со физичко присуство. Поради тоа, останува на сила одлуката за настава со физичко присуство. 

Мерките се за заштита, а не за дискриминација 

Мрежата за спречување и заштита од дискриминација, по јавните реакции за предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести во делот за спречување на ширењето на Ковид-19 денека го изнесе својот став дека задолжителната вакцинација не претставува нелегално ограничување на правата нити дискриминација. Мрежата смета дека мерките што се предлагаат се заради подобра заштита на граѓаните. 

„Построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку целиме кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Потсетуваме дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од Ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права“, е нивниот став.