Филипче: Почнува новиот бран, расте бројот на новозаболени од ковид | Северна Македонија | DW | 10.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Филипче: Почнува новиот бран, расте бројот на новозаболени од ковид

Со само 40 проценти вакцинирани граѓани, неизвесно е кога ќе заврши пандемијата во земјата, со оглед на тоа дека првичниот интерес за вакцинација кај граѓаните спласна. 

Се менува епидемиолошката ситуација во Северна Македонија, каде по затишјето од неколку месеци има повторно пораст на бројот на хоспитализирани пациенти. „Ова се почетоците на најновиот бран, болничките капацитети се подготвени, но медицинскиот кадар е веќе преморен, бидејќи постојано е ангажиран за лекување на болните“, алармираше денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој ги повика граѓаните масовно да се вакцинираат за да се пресретне најновиот бран на Ковид-19 и неговите мутации. 

Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи во однос на минатите недели е зголемен за 25 проценти. Ваквиот раст на бројот на заболени, според Филипче, е очекуван со оглед на состојбите во регионот.

Процентот на хоспитализирани лица во однос на вкупниот број дијагностицирани во споредба со претходните бранови на пандемијата е намален, односно од 8.000 активни случаи во земјата, хоспитализирани се  518 пациенти. До крајот на неделава ќе заврши постапката за секвенционирање на вирусот за да се види каква мутација на вирусот во моментов е доминантна во земјата.

Сите опциии се отворени

Надлежните ги следат состојбите, Комисијата за заразни болести ќе заседава во петок, а нови мерки ќе бидат преземени во зависност од притисокот којшто ќе го има врз болниците. „Сите опции се отворени, но мора да бидат издржани и за нив ќе се разговара во петок“, вели Филипче. 

Со само 40 проценти вакцинирани граѓани, неизвесно е кога ќе заврши пандемијата во земјата, со оглед на тоа дека првичниот интерес за вакцинација кај граѓаните спласна. Според Филипче, во моментов најголемиот дел од хоспитализираните се невакцинирани, поради што апелираше до граѓаните да ги примат дозите против ковид, како превенција од вирусот.

Досега се аплицирани над 1,6 милиони дози вакцини на територијата на цела држава. Прва доза на вакцини примиле 810 илјади граѓани, околу 8000 граѓани се вакцинирани во странство, а ревакцинирани над 780 илјади граѓани. Трета доза Фајзер вакцина против Ковид-19 примиле 46.000 граѓани, а вакцинирани се 5.000 деца на возраст од 15 до 16 години. Во моментов нема пациент кој примил трета доза, а е хоспитализиран. 

Кај малолетна популација регистрирани се вкупно 1068 случаи на ковид. Во Институтот за белодробни заболувања во Козле се лекуваат 23 деца и ниту едно од нив не е во критична состојба. „Скринингот е завршен во најголемиот број од училиштата, тестирани се над 5 000 ученици, 15 биле позитивни на вирусот…Очигледно е дека таму кадешто се почитуваат протоколите нема никакви проблеми“, рече Филипче.

Не размислува за оставка

Министерот за здравство вели дека не размислува да поднесе оставка поради актуелните случувања во СДСМ. „Не, не размислувам во таа насока“, рече Филипче. На прашањето дали некој ќе понесе одговорност, морална или кривична, за трагедијата во тетовската модуларна болница од која поминаа два месеца, Филипче ги упати новинарите да побараат одговор од Обвинителството коешто ја води истрагата.