1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Наскоро пристигнуваат 500 000 вакцини „Синовак“

ДТЗ
3 јуни 2021

Во меѓувреме и соседните земји најавуваат помош со вакцини за С. Македонија. Грција вели дека ќе испрати 20 илјади дози, а вакцини за соседните земји ќе обезбеди и Бугарија.

https://p.dw.com/p/3uOP2
Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека наскоро пристигнуваат 500 000 вакцини кои беа нарачни од кинескиот производител „Синовак“. Со нив ќе се забрза процесот на вакцинација.

„Уште една добра информација е тоа е одделено како количина за нашата земја се наоѓа во претходно пакувани шприцеви, како што беше со првата пратка од ’Синофарм‘. Тоа го олеснува начинот на давање. Оставам резерва, но верувам дека ќе се оствари тоа што го најавија претставниците на компанијата односно во следните седум дена да стигнат 500 илјади вакцини“, изјави Филипче.

-повеќе на темата: Филипче најави можна вакцинација и на деца од 12 до 16 години

Тој не верува дека зад доцнењето на пратката од руската вакцина „Спутник“ се кријат политички причини по протерувањето на рускиот дипломат од земјава. „Во мојата комуникација со амбасадорот на Русија нема никаква промена. Според неговите кажувања и тој ги очекува информациите. Не верувам дека тука има некаква политика. Практично секојдневно сме во комуникација и мислам дека е прилично искрен во тој дел. Со лични контакти и заложби направи да чекаме многу кратко време од нарачката до испораката на првата количина “, изјави министерот.  

Помош од соседите

Во меѓувреме и соседните земји најавуваат помош со вакцини за Северна Македонија. Во координација со Европската Комисија, Грција ќе испрати по 20.000 дози од вакцините за Северна Македонија и Албанија, потврди портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

„Грција, во координација со Европската Комисија, како што прават повеќето европски земји за нивните директни соседи, ќе им понуди вакцини на соседните земји, 20.000 дози за Северна Македонија и 20.000 дози за Албанија“, рече Пелони.Во однос на тоа кога би можеле да пристигнат вакцините, портпаролката на грчката Влада објасни дека постои одредена процедура на техничко ниво во координација со Европската Комисија.

-повеќе на темата: 2,4 милијарди долари за Ковакс-вакцини од богатите земји

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред десетина дена од Брисел изјави дека Грција ја разгледува можноста билатерално да ги поддржи соседните земји со вакцини, а министерот за здравство Венко Филипче во понеделникот откри дека Северна Македонија  очекува 70.000 дози од вакцините, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција.

Бугарија планира да обезбеди околу 150.000 вакцини против Ковид-19 за своите балкански соседи, изјави денеска бугарскиот министер за здравство Стојко Кацаров. „Идејата е да се дистрибуираат до 150.000 дози меѓу соседните земји на Западен Балкан“, рече Кацаров пред новинарите, истакнувајќи дека официјална Софија добила барања од Северна Македонија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Бугарија главно сака да донира вакцини на „АстраЗенека“.