Филипче: Вториот бран е последица на непочитување на мерките | Северна Македонија | DW | 03.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Филипче: Вториот бран е последица на непочитување на мерките

Министерот за здравство Филипче вечерва информира дека речиси 90 отсто од новите случаи се заразиле на семејни прослави и собири пред десетина дена. Од понеделник ќе се одлучува дали ќе продолжи полицискиот час.

Непочитување на превентивните мерките донесе нов бран на коронавирусот во земјава, вели министерот за здравство Венко Филипче.

„Овој нов бран е директна последица на непочитување на мерките, но и задоцнета или слаба активност за казнување од страна на надлежното министерство.

Се надевам дека конечно и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега“, порача Филипче. 
Тој вечерва на прес-конференција информираше дека на неколку локации во земјата има кластери на брзо ширење на вирусот.
„Ова е резултат на групирање на семејни собири, неносење заштитна опрема и непочитување на мерките од страна на компании при превоз до работни места“, рече Филипче. Тоа се однесува на Скопје, Куманово, Липково, Тетово и Штип, додека во останатиот дел од земјата, според Филипче, состојбата е стабилна.
Владата ја прифатила препораката на Комисијата за заразни болести за повторно воведување полициски час во деновите на претстојниот продолжен викенд.
Одлуката да се воведе полициски на територијата на целиот град Скопје, а не само во одредени општини каде што е најраспространет вирусот, министерот ја објаснува со потребата да се заштитат сите граѓани.
„Скопје е функционална единица, вирусот циркулира низ целиот град, и на овој начин се штити целиот град“, вели тој.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie (DW/Petr Stojanovski )

Филипче вели дека непочитувањето на мерките довело до нов бран на коронавирусот


Засега мерката важи само за продолжениот викенд, а во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата со новозаразени, нова одлука за евентуално продолжување на полицискиот час ќе се носи в понеделник. 
Се забранува и посета на гробишта за верскиот празник Задушница, освен во случај на погреби. 
„По 100 прес-конференции и илјадници пати повторени апели и пораки, дел од граѓаните се уште одбиваат да ја прифатат реалноста. Не може дури откако ќе се разболеме да сфатиме колку е вирусот опасен“, вели министерот.
Тој апелира до сите оние кои имаат влијание врз мислењето на граѓаните „политичарите, медиумите, верските лидери“ да се обединат за секој со своето влијание да се бори за заедничката цел- здравјето на граѓаните.
Директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери вечерва за ТВ Телма изјави дека најголемиот дел од новозаразените во Скопје се од 15 семејства, и рече дека се познати сите кластери на ширење на вирусот.
Според последните податоци, половината од новозаразените 59 лица во Скопје се од општините Чаир, Центар и Бутел.

DW.COM

Реклама