Филипини во сенка на теророт на Исламска држава | Свет | DW | 25.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Филипини во сенка на теророт на Исламска држава

Борбата против „Исламска држава“ го претвори Марави во град на духови. Но, повеќе од една година откако филипинската влада ја презеде контролата, исламските екстремисти остануваат закана.

Абдул, чие младо лице е скриено со шамија, гледа директно во камерата додека зборува за својот уништен сон. Загуби десетици пријатели. Родителите и роднините му се во сместувалишта за итни случаи.

„Нашиот првичен план беше само да се нападне воениот камп во Марави со цел да се протераат војниците од градот“, вели тој за ДВ. Локалните џихадистички лидери кои го опколија Марави под закрила на Исламската држава, го убедиле Абдул и неговите соборци дека потоа филипинската влада не може да спречи основање исламска држава на југот на Филипини. „Тие ни рекоа дека ќе го добиеме она што отсекогаш сме го сакале: Исламска држава овде во Марави."

Повеќе од една година од најтешките граѓански пресметки на Филипините по Втората светска војна, историскиот центар на Марави, најголемиот муслимански град на островот Минданао, останува затворен. Систематски воздушни напади, тежок артилериски оган и безмилосни борби од куќа до куќа го претворија во разурнат град на духови кој потсетува на руините од Алепо, Рака и Мосул на Блискиот Исток.

Векови на угнетување

Над пет проценти од популацијата на Филипини се муслимани, а огромното мнозинство се католици. Над 90% од сите муслимани – околу 6 милиони луѓе – живеат во Минданао и на соседните острови Басилан, Сулу и Тави Тави. Но дури и таму се малцинство.

Овде преовладува чувството на неправда, кое датира уште од времето на шпанските колонизатори кои го донесоа христијанството во 16. век и го потчинија локалното население. Во 20. век доаѓаат американските и јапонските „инвазори“. Денес, таканаречените „империјалисти“ се во главниот град, Манила – на север.

Абдул е уверен дека мнозинството од филипинските политичари се корумпирани и нечесни. Тој исто така верува и дека владата испраќа „христијански доселеници" во Минданао за да ги потиснат муслиманите како него.

Сонот за Исламска држава станал негов лек против невработеноста, сиромаштијата и лутината. Неговото семејство традиционално ја поддржува најголемата муслиманска бунтовничка група, Моро Исламистички Ослободителен Фронт (МИЛФ). Но, Абдул избрал тајно да им се приклучи на екстремистите Мауте кои ѝ се лојални на ИД.

Stadt Marawi auf der südphilippinischen Insel Mindanao (DW/S. Petersmann)

Обновата на Марави сѐ уште не е почната

ИД нуди „чувство на припадност во братство"

Лидерите на групата, Абдула и Омар Мауте, имаат поминато многу години на Блискиот Исток, каде го прифатија радикализираниот пристап кон животот и религиозна интерпретација. Неколку месеци по неговото регрутирање, во пролетта 2015 година, Абдул отишол во Мауте тренинг камп во џунглата, каде што научил како да ракува со оружје и ножеви, уживајќи во она што тој го нарекува „чувство на припадност во братство."

Преку Телеграм, Вотсап и други канали на социјални медиуми, Абдул и неговите пријатели постојано добиваат преведени пропагандни видеа од ИД и проповеди од Сирија и Ирак. Абдул вели дека во кампот има и околу 30 странски борци, претежно од соседна Индонезија и Малезија, но и од Арапските земји. Дојче Веле не успеа да го потврди ова од независен извор.

На крајот од тренингот во џунглата, Абдул добил Калашников и надомест од 160 евра. Ова не е еднократна исплата, туку прв дел од исплатата на неговата месечна плата за да го подготви за идната битка.

Долгите години на насилството во Минданао креираа опасен вакуум. Како резултат на тоа, владеат кланови, криминални мрежи, корупција и има плодна почва за појава и пораст на џихадистички групи.

Абдул признава дека ја искористил пушката во борбите помеѓу две ривалски семејства во Марави, убивајќи без предумисла. „Иако немате лични непријатели, непријателите на вашиот клан се и ваши непријатели. Така стојат работите тука", вели тој.

Опсада на Марави

„Ослободувањето“ од војската во централниот дел на Марави беше планирано за летото 2017 година, по муслиманскиот празник Рамазан. Но, откако борците на Абу Сајаф, воени сојузници на Мауте, беа откриени во областа, Мауте спонтано одлучи да ја започнат акцијата за опсада.

Според владини избори, околу 1000 борци, претежно локални, се стационираа во приватни куќи, џамии и училишта кон крајот на мај 2017. година. Тие земаа заложници и обезглавија голем број христијани. Кога го прашавме за тој период, Абдул беше неодреден: „Ни беше речено да преземаме акција само против христијаните кои се поддржувачи на владата.“ Тој потоа се осврна на лекции од Куранот во кампот во џунглата каде „нѐ учеа дека исламот дозволува да се одмаздиш за нанесена неправда".

Абдул бил во посета на неговото семејство во соседниот град Илиган, каде што изби битката за Марави. Иако не бил во можност директно да учествува, тој ја шпионирал војската и на своите соборци им пренесувал детали за движењето на трупите.

Повеќе:

Надја Мурад: борбата на една жена против Исламска држава

Зошто Ламија К. си ги одведе децата во „Исламската држава“?

Долгата трага на тероризмот на Синај

На крајот, беа потребни пет месеци воздушни напади, како и стационирање на 12.000 војници и американски разузнавачи, за градот повторно да се врати под владина контрола. Дел од борците успеаја да избегаат, а Абдул заминал во илегала. Оттогаш се вратил да живее со родителите и досега не е откирен од властите.

Се вели дека околу 12.000 лица ги загубиле своите животи, владата тврди дека речиси сите биле џихадистички борци. Но сѐ уште има многу лица кои се водат како исчезнати, а поголемиот дел од жртвите се закопани анонимно во масовни гробници. Поради нивото на разорување, над 65.000 лица сѐ уште живеат во прифатни центри. Воениот закон е сѐ уште на сила.

Запрашан дали сето ова разорување и смрт вредеа, Абдул звучи како да се обидува да се извади од вината. „Тие ни ги испраа мозоците. Ни ветија дека животот во Марави ќе се подобри веднаш штом ќе се воведе Исламска држава“, вели тој речиси бранејќи се. „Навистина не претпоставував дека ќе се случи сето ова. Тие ни ветија дека нема да бидеме нападнати во градот."

Абдул е лут – поради тоа што владата „го бомбардираше Марави" и поради загинатите Мауте браќа „за прекршување на ветувањата". Сега овој 21-годишен млад човек е без работа и егзистенција.

Stadt Marawi auf der südphilippinischen Insel Mindanao (DW/S. Petersmann)

Историскиот центар на Марави до денес е воена зона каде е забранет пристап

Муслиманска самоуправа – или обновена закана?

Владата на Родриго Дутерте, кој е првиот филипински претседател кој потекнува од Минданао, им вети поголема автономија на муслиманите. Ако сѐ оди според планот, на малцинството ќе му биде дадена поголема самоуправа врз основа на сопствен Устав, познат како Бангсаморо закон, кој е усвоен годинава. Најважниот преговарачки партнер на владата во мировниот процес е најголемата бунтовничка група, МИЛФ, која го потпиша мировниот договор со владата во 2014 година. Кога муслиманите ќе добијат поголем степен на самоодлучување – што се очекува да се случи во 2022 – МИЛФ вели дека планира да разоружа над 30.000 борци.

Но ако патот до автономијата заврши во ќорсокак, „многу луѓе тука сериозно ќе го преиспитаат нашиот кредибилитет“, предупредува Сами Ал-Мансур, главен командант на воените сили на МИЛФ во интервју за ДВ во неговото скромно седиште во камп во џунглата. „Тогаш ИД ќе може повторно да се обиде да ја искористи предноста која ќе произлезе од ситуацијата и ќе се обиде да ги регрутира нашите борци, што ќе биде многу опасно.“

Сѐ уште опоравувајќи се од поразот, ветувањето за муслиманска автономија е новата надеж на Абдул за подобар живот, како замена за скршениот сон за Исламска држава. Но до кога? Лути млади луѓе како Абдул, кои многу бргу може да бидат инспирирани, но и бргу разочарани, остануваат подложни на глобалната џихадистичка пропаганда која се обидува да се закотви во Југоисточна Азија. „Повторно би се борел, но не на нашата муслиманска територија. Бидејќи тоа би значело дека повторно ќе страда нашиот народ. Но, ако борбите се одвиваат на друго место, тогаш би се приклучил“, вели Абдул.

DW.COM

Реклама