1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе задоволен од напредокот од Пристапниот дијалог на високо ниво

АТ/ миа17 септември 2012

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска (17.09) е во посета на Скопје. Во пресрет на новиот извештај на ЕК за Македонија, високиот европски дипломат изрази задоволство од досега сработеното.

https://p.dw.com/p/16AKI
Фотографија: MIA

Процесот на исполнување на реформите во пет области во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво е навистина успешен, оцени еврокомесарот за проширување Штефан Филе во денешното обраќањето пред Националниот совет за евроинтеграција во Собранието на Република Македонија.

Првпат во 10 години, како што истакна, има длабока анализа и оценка за Рамковниот договор, но како што додаде, се гледа дека на ова поле има се’ уште работа. „Имате потреба од успех“, рече Филе, најавувајќи го за 10. октомври објавувањето на новиот извештај за напредокот на Република Македонија. Истакна дека овој документ ќе биде основа за дискусиите меѓу членките на Европската унија за идните чекори.

Филе пред пратениците во македонското Собрание и членовите на дипломатскиот кор рече дека реформите што Македонија ги спроведува не треба да бидат поврзани со конкуренцијата меѓу политичките партии. Како добар пример за спроведени реформи во Македонија посочи на минатите избори, но исто така рече дека локалните избори во 2013 година ќе бидат добра можност да се покаже дека државата се подобрува.

Тој изрази задоволство од тоа што дискусиите во рамките на Пристапниот дијалог не се само размена на мислења, туку и искрено искажани ставови кои го промовираат дијалогот на високо ниво за отворање на пристапните преговори.

Stefan Füle
Штефан ФилеФотографија: AP

Пред обраќањетово Националниот совет за евроинтеграции, Филе се сретна со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Вељаноски, како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата истакна дека Собранието како и досега покажува институционален капацитет да одговори и да ги реализира сите обврски кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската унија.

Еврокомесарот Штефан Филе рече дека високо ја цени круцијалната улога на Собранието во целиот овој процес, како и улогата и посветеноста на претседателот Вељаноски во остварувањето на европската агенда. „Верувајте дека сето ова што го имате сработено како парламент ќе има силен одраз во финалниот извештај за напредокот на вашата држава. Ова е важно, како за Европската комисија, така и за секоја држава членка“, истакнал Филе на средбата со Вељаноски.

Од законодавниот дом еврокомесарот за проширување заминува во Владата на Р. Македонија на средби со премиерот Никола Груевски и со вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи.

Посетата на Штефан Филе на Скопје доаѓа пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтегративните процеси. Се очекува по три едно по друго позитивни препораки за почнување на преговори за членство во ЕУ, Комисијата и овојпат да и‘ даде „зелено светло” на Македонија. Сепак, останува на Советот на Унијата дали ќе определи датум за почеток на преговори на Самитот во декември, што во претходните трипати не го чинеше поради блокадата на Грција.