Филе бара од Вестервеле датум за Македонија
9 ноември 2012
Еврокомесарот Штефан Филе во Берлин лобираше за проширувањето на ЕУ. Најпрво кај шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле, а потоа и кај неколумина парламентарци.
„Денес имав исклучителни разговори со еврокомесарот за проширување Филе. Сметам дека работата на Европската комисијата е убедлива. Секако дека сите предлози на Комисијата детално ќе ги разгледаме, но во овој момент не сакам да дадам конечна оценка, зашто ова допрва ќе се вреднува“ , изјави министерот Вестервеле одговарајќи на прашањето на Дојче веле: Дали Германија ќе ја следи препораката на Европската комисија со која Македонија во декември конечно би добила датум за пристапни преговори со ЕУ?
Од извори во германското МНР, ДВ дознава дека еврокомесарот Филе и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле цел час разговарале за процесот на проширување на Западниот Балкан. Конкретно било анализирано: што се вели во октомврискиот извештај за напредок на Комисијата за секоја од земјите и што може да се очекува на декемврискиот самит на Европскиот совет.
Според истиот извор еврокомесарот Филе на германскиот министер за надворешни јасно и гласно му кажал дека „ ќе се радува и посакува во однос на Македонија конечно да има напредок“. Земјата четирипати по ред добива препорака од Комисијата за почеток на пристапните преговори и тие конечно треба да започнат.
Датум без решение за името
Во разговор за агенцијата Ројтерс Филе изјави дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ без да се инсистира на решение за името. Позитивните сигнали од Скопје и Атина најавуваат дека решението за спорот со името може да се најде откако ќе започнат преговорите, и да не бидат повеќе услов за нивно започнување, рекол Филе во разговорот за Ројтерс.
„Доколку тоа не биде случај, можеме да гарантираме дека доколку спорот не се реши во раната фаза од преговорите тоа ќе резултира во забавување или целосно запирање на процесот на преговори“, вели Филе.
Нашиот извор вели дека Вестервеле конкретно не се произнел по ваквите ставови на Филе.
Германија меѓутоа „стои зад ставот дека спорот околу името мора да се реши и нејзиното однесување не е проблемот“. Наводно, „доколку има предлог кој е прифатлив од Грција и доколку има во оваа насока придвижување Германија нема да има ништо против почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ“.
Во секој случај, меѓутоа, не смее да се заборави дека времето одминува, а за секоја германска релевантна одлука за Унијата и пред се’ идните членства, неодминлива е дискусија и став од пратениците на Бундестагот. Ова значи дека до декемвриското заседание на Европскиот совет ќе мора да се произнесат надлежните комисии на Бундестагот и да дадат или не зелено светло со кое на Европскиот совет ќе настапи Германија.