Фејсбук отпочнува иницијатива против ширењето на лажни вести во Германија | Свет | DW | 16.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Фејсбук отпочнува иницијатива против ширењето на лажни вести во Германија

Фејсбук најави серија мерки против ширењето на дезинформации преку германските платформи. Аналитичарите ја одредија Германија како следно „жариште“ на лажни вести имајќи предвид дека земјата влегува во година на избори.

Во неделата, од Фејсбук најавија иницијатива чија цел е спречување на ширењето на лажни вести на своите социјални платформи на германски јазик.

„Работиме многу внимателно за изнаоѓање на решение за овој проблем. Нашите напори се фокусирани против дистрибуцијата на лажни аларми генерирани од спамерите. Исто така, соработуваме со трети страни кои ќе обезбедуваат објективна и непристрасна ревизија на вестите“, информираа од Фејсбук преку соопштение за јавноста.

Иницијативата на Фејсбук предвидува создавање на алатки со кои ќе се олесни пријавувањето на сомнителни статии, прикажување на предупредување до статиите кои ќе бидат идентификувани како лажни од страна на независна организација за проверка на факти и суспендирање на приходите од реклами за интернет страниците со лажни вести.

Фејсбук ќе соработува со Коректив, невладина и непрофитна организација за истражувачко новинарство, која ќе служи како трета страна која ќе врши проверка на фактите и ревизија на материјалите споделени на платформта.

„Лажните вести - особено на Фејсбук - веќе претставуваат една од големите закани за нашето општество. Тоа е јасно. Се плашиме дека оваа закана ќе стане уште поголема во наредните месеци, без оглед дали се работи за избори во покраината Северна Рајна Вестфалија или за изборите за Бундестагот кои треба да се одржат наесен“, информираа од Коректив преку соопштение за јавноста.

„Поради ова, одлучни сме да направиме што е можно повеќе за да се бориме против лажните вести. Нашата демократија не смее да биде злоупотребена од лаги и лажговци“, додадоа од организацијата. 

„Жариште на лажни вести“

Ова соопштение доаѓа во пресрет на клучната изборна година за Германија и парламентарните избори закажани за септември, во кои, како што веќе предупредија политичарите, лажните вести можат да одиграат влијателна улога.

Шила Коронел, професорка по новинарство на универзитетот Колумбија во Њујорк ја именуваше Германија како „новото жариште на лажни вести“ во време кога се забележува благо зголемување на статии кои ја поврзуваат канцеларката Ангела Меркел, која се кандидира за четврт мандат, со неколку теории на заговор.

Германскиот министер за правда Хајко Мас повика на строги казни за оние кои продуцираат и шират лажни вести, предупредувајќи дека тие можат на нефер начин да влијаат врз изборните кампањи на регионално и федерално ниво.

Томас Оперман, претседател на парламентарната група на Социјалдемократската партија (СПД) во декември побара воведување на казни во висина до 500.000 евра за социјалните медиуми доколку не успеат да отстранат содржини со говор на омраза и лажни вести од нивните платформи.

„Доколку, по соодветни испитувања, Фејсбук не ги отстрани навредувачките пораки во рок од 24 часа, може да очекува индивидуални казни во висина до 500.000 евра“, изјави Оперман за германскиот Шпигел.

НД / (дпа, АФП, Ројтерс)

DW.COM

Реклама