Фејк њуз: „Рајнер Винкларсон“ не е атентаторот од Конгсберг | Свет | DW | 15.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Фејк њуз: „Рајнер Винкларсон“ не е атентаторот од Конгсберг

Кратко откако маж во Консберг уби пет лица, Твитер акаунти го презентираа наводниот убиец, а странски медиуми ја презедоа приказната. Но, се испостави дека станува збор за неточни фотографии, дека е во прашање „фејк“.

Секогаш кога ќе се случи терористички напад, на социјалните мрежи почнува трка околу објавување први информации за делото и извршителот. Но, често притоа станува збор за шпекулации или дури и за дезинформации.

Така е и со најновиот напад во  норвешкиот град Конгсберг:  откако маж вооружени со лак и стрели уби пет луѓе и рани уште неколку, набрзо на Твитер се појави едно име: „Рајнер Винкларсон“, наводно тој е атентаторот. Но, името е измислено, а фотографиите не го покажуваат атентаторот, како што потврди нашата проверка. Според првите наводи од норвешката полиција, осомничениот напаѓач е 37-годишен Данец, претходно конвертиран во ислам и во визирот на безбедносните органи поради радикализирачки тенденции.

Осомничениот убиец „Рајнер Винкларсон“ неколку дена претходно го најавил делото на својот Јутјуб канал и „дури и ги демонстрирал своите стрелачки вештини“, се вели во еден многу споделуван Твит, кој во средата вечерта во 21 часот и 28 минути беше меѓу првите кои ја проширија лажната информација. Други го презедоа името и „открија“ дека „Рајнер Винкларсон“ е „белец, норвешки христијанин“, а други пак „пронајдоа“ нови приватни фотографии на атентаторот од Конгсберг“. 

Screenshot Tweet @terror_alarm zu Norwegen Amok

Погрешен убиец: Ова е всушност Рајнер Винклер од Баварија

Интернационални медиуми ја презедоа дезинформацијата

Работата не остана на тоа: повеќе меѓународни медиуми ја презедоа шпекулацијата, известуваа за наводниот атентатор „Рајнер Винкларсон“, меѓу нив и угледниот италијански весник „Кориере дела Сера“, францускиот „СудКвест“ или грчкиот медиум „Ток“. Некои медиуми објавија и фотографии од наводниот убиец, кои меѓутоа прикажуваат сосема друго лице.

Дојче веле успеа на фотографиите прикажани во Твитовите да го идентификува еден германски јутјубер, кој се нарекува „Драхенлорд“ („Drachenlord") и има преку 150.000 следачи. Името на „Драхенлорд“ инаку е Рајнер Винклер и тој со години е жртва на мобинг. Како во дигиталниот, така и во реалниот свет, Винклер е конфронтиран со пораки на омраза. Во 2018 година околу 800 луѓе се собраа за „јуриш“ врз куќата на „Драхенлорд“, мораше да интервенира полицијата. Мобингот врз Винклер многумина корисници го нарекуваат „Драхенгејм“. „Норвезирањето“ на неговото презиме во „Винкларсон“  и поврзувањето со атентатот во Конгсберг е најнов напад од страна на тролови против јутјуберот од едно мало место во Баварија со 40 жители.

Наводно одговорен и за атентатите во Минхен во 2016 и во Утрехт во 2019 година

Фотографијата на наводниот убиец „Рајнер Винкларсон“, преку постапка на пребарување, води до профилната фотографија на Рајнер Винклер, која веќе беше употребувана за бројни мемиња. Преку видеата од Јутјуб-акаунтот на Винклер, Дојче веле ги верифицираше и фотографиите на стрелецот во неговиот двор: станува збор за истата врата на гаража со иста прикачена метакако на фотографиите на наводниот атентатор. Видеото е снимено веројатно уште во 2020 година, на што укажува архивиран блог-пост. И карактеристичната лузна на задниот дел од главата на стрелецот на фотографиите е препознатлива во видеа на Винклер. Значи, објавените фотографии на Твитер го прикажуваат Рајнер Винклер. Дојче веле го замоли за коментар, но досега не доби одговор.

Screenshot YouTube-Video Rainer Winler/Drachen Lord

Скриншот од видео на јутјуберот Рајнер Винклер, „Драхенлорд“

Колку оваа приказна и да изгледа бизарна, таа не е вистински изненадувачка: Винклер во меѓувреме, како жртва на лажни информации и омраза на интернет, е „постојано осомничен“. Зашто, на јутјуберот постојано му се припишуваат наводни атентати. Во 2016 года тој беше презентиран како наводен атентатор од Минхен, руската телевизија РЕНТВ презеде еден Твит и прикажа фотографија на Винклер на телевизија. Во извештајот се зборуваше за „18-годишен Германец со иранско потекло“. Во 2019 година турската телевизија 24ТВ Винклер го направи осомничен атентатор од Утрехт. Неговото наводно дело во Конгсберг е само најнов пример за низа од фејкови и дезинформации за еден млад јутјубер од Баварија, кој покажува колкаво влијание можат да имаат троловите врз новинарското известување. 

Во соработка со Релиоу Кубакин и Иља Ковал