Учениците против училишниот апартхејд | Свет | DW | 21.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Учениците против училишниот апартхејд

Во Јајце нема да биде отворено ново училиште кое би работело според босански наставен план, но во постојните училишта ќе бидат воведени нови предмети. За министерката, децата се „инструмент на меѓународната заедница“.

Стотина средношколци денеска (21.06) протестираа пред зградата на владата на Среднобосанскиот кантон во Травник, во знак на незадоволство од основањето на ново училиште во Јајце и барајќи укинување на системот на „две училишта под еден покрив.“ Основањето на новото училиште беше понудено по претходните барања на бошњачките претставници, во училиштето во Јајце да се изучуваат и предмети според босански наставен план и програма. По протестите на учениците, министерката за образование во владата на Среднобосанскиот кантон, Катица Черкез, изјави дека нема да дојде до основање ново училиште во Јајце, и дека од новата учебна година децата ќе имаат можност на избор на група предмети. БиХ е поделено општество, изјави таа, потсетувајќи дека според уставот, во БиХ во употреба се два службени јазика, а дури допрва ќе има поделби, „зашто едни ќе учат историја, а други - 'хисторија'“.

„Имав состанок со децата, а целиот проект го иницира политиката пред општите избори. Концептот за две училишта под еден покрив е проект на меѓународната заедница, кој системот на образование го усогласи според законите на БиХ. Кога завладеа мир, сите очи беа вперени во меѓународната заедница, зашто таа донесе и војна и мир. На сите им беше доста од војната, затоа тоа беше прифатено. Образовниот систем продолжи да живее од претходниот систем, само што се изведува на три јазици“, изјави Черкез.

Шаховници на „Херцег Босна“ на свидетелствата?

Враќајќи се во Јајце, Бошњаците ги запишуваа децата во постојните средни училишта кои работеа според  т.н. хрватски план и на хрватски јазик, вели началникот на општина Јајце, Един Хозан. „Тоа е план и програма од соседна Република Хрватска и тој не е соодветен за БиХ, но беше прифатен од страна на политичките претставници на хрватскиот народ и применет во пракса. Бошњаците прифатија нивните деца да одат во тие средни училишта, иако цело време се обидуваа да променат одредени работи. Така во 2002. година беше воведена исламска веронаука, а босанскиот јазик дури во 2006. година. Баравме нашите деца да изучуваат уште некои предмети, како историја и географија, од учебници кои се печатат во БиХ, а не во Хрватска, зашто содржината на учебниците од Хрватска е прилагодена кон планот и програмата на соседната држава. Исто така, баравме на нашите деца да не им се издаваат свидетелства со обележја на т.н. Херцег Босна, зашто тие се неуставни“, вели Хозан за Дојче веле.

Тој истакнува дека хрватските министри, вклучувајќи ја и актуелната министерка Катица Черкез, ги одбивале бошњачките барања, нудејќи проблемите да се решат со основање училиште кое во целост би работело според босански план и програма. „Ние прифативме такво решение, зашто немаше друг начин да се задоволат нашите барања. Потсетувам, не баравме основање ново училиште, туку воведување неколку предмети според босански план и програма. Хрватските челници ги окарактеризираа босанските барања како „девастација на хрватскиот образовен систем во Федерацијата БиХ“ и министерката Черкез реши на владата да ѝ предложи основање ново училиште. Работата тргна во таа насока, но одлуката наиде на отпор кај децата, професорите, претставниците на меѓународната заедница и голем број граѓани. На крајот, прифатено е во следната учебна година, покрај предметот исламска веронаука и босански јазик, да бидат воведени и историја и географија на БиХ, со ветување дека на децата кои нема да сакаат, нема да им се издаваат сведителства со шаховница“, објаснува Хозан.

Политиката одредува што ќе се учи

Колумнистот од бањалучкиот портал Бука, Драган Бурсаќ, вели дека образовниот систем во БиХ е „теледиригирана политичка пропаганда“ и дека никој не води сметка за поделбите и „мизерното знаење“ кое децата го стекнуваат во училиштата во БиХ. „Затоа пак се води многу сметка за политичката индоктринација на децата и манипулирањето на родителите. Првиот човек на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, јавно зборува за забраната за учење за геноцидот во Сребреница, масовните злосторства при опсадата на Сараево. Од порано е позната одлуката на Министерството за образование, според која најмладите ученици смеат да одат на екскурзии само на територијата на Република Српска. А, што да се каже пак за една илегална сегрегација и школски апартхејд во слободниот дел од светот, познат како 'две училишта под еден покрив'? Па и кога децата се изборуваат за најосновното право, заедничко посетување настава, им се случува некој како министерката за образование од Среднобосанскиот кантон, Катица Черкез, која вели дека средношколците кои во Травник протестираа против сегрегацијата, се 'инструмент и сојузници на меѓународната заедница' и дека треба да 'одат во диско'! Каков степен на антиемпатија, отсуство на свест и совест, тоа е застрашувачки“, вели Бурсаќ за Дојче веле. 

Тој истакнува дека целта на политиката е „спалување на земјата“, во образовниот систем на БиХ да се создаваат млади партиски клонови, послушници и медиокритети, како и деца кои ќе заминат од земјата во потрага по парче леб. Претставникот на Наша партија во парламентот на Федерацијата, Денис Грац во парламентарна процедура го воведе Предлог-законот за забрана на сегрегација во образованието во Федерацијата БиХ, според кој во праксата би било забрането постоење на принципот „две училишта под ист покрив“. Во БиХ во моментов 54 образовни институции работат според овој спорен систем. 

 

Реклама