„Утрински весник“ (засега) не се затвора | Македонија | DW | 08.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

„Утрински весник“ (засега) не се затвора

Вработените и синдикатот на „Утрински весник“ не попуштаат пред ултиматумот на раководството на МПМ кое се закани со затворање на весникот. Иднината, сепак, останува неизвесна

Продолжуваат преговорите меѓу вработените во „Утрински весник“ и раководството на Медиа Принт Македонија- компанијата која е сопственик на весникот. Иако договор не е на повидок, весникот ќе продолжи да излегува и во наредните денови. Последната понуда од раководството на МПМ која до вработените стигнала попладнево е да размислат дали некој сака доброволно да си замине од весникот, или евентуално новинарите сами да си најдат спонзори или купувач за весникот. Оставен им е рок до петок. 

„Утрински весник“ во моментов брои 36 вработени- новинари и технички персонал. Од синдикатот на весникот велат дека тоа е речиси двојно помалку од бројот на луѓе кои работеле во весникот пред неколку години, и повеќе нема простор за кратење.

„Ние не отпуштаме луѓе на улица, и весникот не го гасиме“, вели за ДВ претседателот на Синдикатот на Утрински, Љубиша Станковиќ.

Тој упатува на контроверзните и спротивставени ставови кои во изминатиот период ги слушале од водечките луѓе во компанијата МПМ. Најпрво еден од сопствениците на фирмата, поранешниот дипломат Срѓан Керим минатата недела им најавил реформи во куќата, но со ветување дека никој нема да остане без работа. Но, неделава директорката Јана Станисављева им порачала дека тој договор не важи и дека мора да има отпуштања, тврди Станковиќ.

Проблемите во „Утрински весник" започнале во 2011 година кога се случија првите отпуштања на новинари и од тогаш па се до денес новинарите се под постојан притисок. Според она што им било соопштено од раководството, МПМ работело со загуба од 1,8 милиони евра.

Вработените во „Утрински весник“ денеска добија поддршка и од новинарскиот синдикат и од Здружението на новинари на Македонија. Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис оцени дека виновни за лошата економска состојба во МПМ се самите сопственици кои негуваат „слугински однос“ кон власта.

„Таквиот однос продуцира лоши деловни одлуки, меѓу другото и поставување „пожелни“ главни уредници, мешање во уредувачката политика и, на крај, производ – весник кој не е интересен за публиката. Затоа паѓаат тиражите. Затоа што сопствениците, за да бидат ценети кај властите, се дрзнуваат да запираат затворен весник во печатница и да менуваат насловни страници или, пак, да менуваат цели уредувачки тимови во тиражно успешни весници и за шест месеци да ги сведат тие весници на безвреден и неинтересен медиумски производ“, рече Чаусидис.

Додека вработените во „Утрински“ се борат за својата иднина, денеска протестираа и поранешни вработени во дневниот весник „Вест“. Десетина новинари кои беа избркани од весникот летово претпладнето ја окупираа канцеларијата на еден од сопствениците Срѓан Керим и бараа да им се исплати договорената отпремнина. 

Компанијата МПМ првично беше дел од групацијата на германскиот концерн ВАЦ кој во 2003 година ги презеде трите, тогаш, водечки весници во Македонија, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“. Во 2012 година ВАЦ го продаде својот удел во весниците на Орка Холдинг и си замина од земјата.  

DW.COM

Реклама