Утоја: сеќавањата на масакрот се враќаат секоја ноќ | Свет | DW | 22.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Утоја: сеќавањата на масакрот се враќаат секоја ноќ

На овој ден пред пет години, масовниот убиец Андерс Брејвик во Норвешка ширеше страв и трепет. Тој уби 69 млади луѓе. Оние кои го преживеаа неговиот убиствен поход и тие кои помагаа се уште чувствуваат последици.

Јорн Оверби се сеќава на секој истрел и на секоја минута од ноќта на 22 јули 2011 година. Се започна додека тој стоеше на брегот на езерото Тирифјорд кога наеднаш се слушна пукање. Следува сцена од безброј млади луѓе кои во паника се обидуваат да отпливаат што подалеку од сигурната смрт која ги чека на малиот остров. Оверби во тој момент не е свесен дека кратко по 17 часоот, на малиот остров Утоја, на тоа мирно парче земјата каде се одржуваше летниот камп на АУФ – подмладокот на Норвешката работничка партија на кој учествуваа повеќе од 500 луѓе започна да се одвива грозоморно сценарио. Оверби не е свесен ниту дека Норвежанецот со име Андерс Брејвик ќе убие 69 млади луѓе и нивните ментори, многумина од нив најбрутално со истрел од непосредна близина. Пред да го започне нападот на островот, Брејвик детонираше бомба во административниот кварт во Осло. Со тоа го најави крвопролевањето кое следеше со масакарот кој подоцна во историјата беше забележан како најужасниот терористички напад во Норвешка. Брејвик за ова дело беше осуден на највисоката можна казна во Норвешка, на 21 година затвор.

„Те молам не барај не, пукаат на нас“

Островот Утоја е оддалечен 600 метри од копното каде се наоѓа Оверби. Тој веднаш скока во својот чамец, го стартува моторот и ита кон Утоја. Додека дождот плиска по површината на водата, овој храбар Норвежанец ги извлекува едно по едно телата од ладниот фјорд. „Имаше толку многу деца во водата. Извлекував по три или четири и ги носев на брегот, а потоа се враќав назад по другите“, ни раскажува 50 годишниот Норвежанец. „Сите појаси за спасување ги фрлив во водата бидејќи насекаде имаше луѓе“.

Речиси истовремено, Мани Хусаини кој денес е претседател на АУФ доби порака на мобилниот телефон. „Те молам не барај нѐ, пукаат на нас“. Гласините дека има пукање на Утоја кои се проширија кратко пред тоа, 23 годишниот Хусаини ги сметаше за шега. Тоа е најсигурното место на светот помисли тој! „Мислам дека ѕвонев на 60 луѓе“. Никој не му одговори на повиците, затоа што неговите пријатели се криеја под карпите и во неколкуте мали бараки кои се наоѓаат на островот. Во трка за својот живот тие се преправаа дека се мртви или без размислување скокаа во водата да отпливаат што подалеку од местото на кое пред неколку минути се слушаше смеа и се играше фудбал.

„Се надевавме дека се кријат на друго место“

15 годишниот Синдре Лисо трча со сета сила. Со девојка која не ја познава бараат засолниште во грмушките. Но на Утоја нема добри засолништа. „Се плашевме, а не знаевме од што се криеме“, ни објаснува младото момче од покраината Остфолд. Кога конечно пристигна полицијата и го уапси Брејвик, од своите скривалишта со несигурност почнаа да се појавуваат силуети – исплашени бидејќи и Брејвик беше облечен како полицаец.

Trauerstein für Opfer des Breivik-Attentats Norwegen

Споменик на жртвите на масакрот.

Оверби им помага на полицајците во потрагата по преживеани меѓу купот неподвижни тела. Притоа се соочува со суровоста на Брејвик, тој им пукал во главите одблизу. Во водата забележува девојка со темна коса и панталони на кои е испишано „Мики Маус“, но таа плови неподвижно на површината на водата со главата свртена кон дното додека нејзината крв ја бои водата во црвено. „Сеќавањата се враќаат постојано. Секој ден“, раскажува Оверби денес, пет години по нападот. Погледот од неговата куќа е исполнет со островот кој денес е потполно мирен. „Тешко ми е да гледам натаму“, кажува тој. Го вознемирува малото светло кое зрачи на брегот. „Врнеше, имаше магла и дуваше ветер, но тоа светло ги осветлуваше мртвите тела во пристаништето“.

Оверби успеа да спаси триесетина млади, повеќето од нив уште пред да стигне полицијата. Кратко по него, други жители и туристи од кампот со своите чамци тргнаа во спасувачка акција. Сосетката Марија Холтан-Берг ги извлекуваше тешко повредените млади луѓе и ги превиваше нивните рани. „Прво што видов беа девет луѓе кои трчаа на плажата, наеднаш застаана и паднаа“, се присетува таа.

Ноќта е долга, поминуваат уште подолги и тешки денови. Во Осло сонцето сјае, времето е прекрасно за прошетка, но надвор нема никој. Цела Норвешка е во шок. Некако, оваа мала нација се обединува во борбата против тероризмот. Премиерот Јенс Стотенберг држи потресен, но жесток говор. „Нашиот одговор ќе биде повеќе демократија, поголема отвореност и повеќе хуманост. Но не и наивност“, кажува тој. Пред зградата на Владата каде беше детонирана бомбата се наоѓа и неговата канцеларија. Нападите беа насочени против мултикултурното општество кое Брејвик го презираше толку многу, против социјалдемократијата и против норвешкиот премиер. „Во првите денови не знаевме што се случува со нашите пријатели. Не знаевме дали уште беа живи“, се присетува Синдер Лисо, кој денес има 20 години. „Едноставно чекавме, се надевавме дека некаде сеуште се скриени“, кажува Хусаини.

Списокот на жртвите кој цело време е надополнуван полека ја гаси нивната надеж. Во нападите во Утоја и Осло, каде настрадаа уште осум лица беа изгубени пријатели, деца и родители.

Спор за споменик

Денес, на 22 јули 2016 година, на петгодишнината од настанот преживеаните и семејствата на жртвите повторно се среќаваат на местата каде се случија нападите. Некои од нив некако научија да се носат со тоа го видоа и доживеаа, вели Лисо, но некои сеуште се чуствуваат исто како и на денот на нападот. „Многумина од нив сеуште не одат на школо или на работа“ вели Хусаини. Лисо додава „Мене и сите други кои бевме таму тоа не промени за цел живот. Некои од нас секое утро кога ќе се разбудат повторно ги гледаат своите лузни.“

Prozess gegen Anders Behring Breivik in Oslo Norwegen

Брејвик беше осуден на 21 година затвор.

Политичката организација АУФ не сака да дозволи тој 22 јули да се обележи како последен ден во рајот. Тие сакаат да се вратат и повторно да делуваат, тоа го најавија веднаш по нападите. Во 2015 година прв пат по трагичните настани повторно беше организиран летниот камп на Утоја. Половина од тогашните учесници повторно се вратија на истото место. „Најдобриот начин да се борите против екстремизмот е понатаму да се залагате за вредностите кои го одликувааат нашето модерно општество“, кажува Хусаини.

Многумина сметаат дека идејата на островот повторно да се организира таква манифестација не е добра, поради тоа што веселото расположение кое владее во кампот, кај преживеаните и семејствата на жртвите отвара рани кои целосно не закрепнале. Се плашат дека масакрот може да остане во заборав.

Денес има еден споменик на островот кој потсетува на жртвите. На копното преку водениот пат би требало да биде поставен уште еден. Планирано е да се направи три метри долг пресек низ една голема карпа, а на рабовите да бидат гравирани имињата на жртвите. Пресекот треба да биде симбол на раната која Брејвик им ја нанесе на Норвежаните.

Луѓето кои живеат таму се против ваквиот предлот. „Премногу е брутално“ вели Холтан Берг која го предводи протестот. Оверби смета дека таков споменик би имал само туристичка функција, а смета дека жителите самиот остров „доволно ги потсетува“ на трагедијата. Тој сеуште го користи чамецот со кој тогаш ги спасуваше младите луѓе и додава „Јас и понатаму го користам, иако понекогаш се сеќавам како беше преполн со крв“.

Реклама