1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставот нема да ја контролира само спалната соба, туку севкупниот семеен живот

Катерина Блажевска30 август 2014

Со уставните измени Македонија ќе биде единствена држава во Европа која ќе воведе контрола врз целокупниот семеен живот, што е спротивно на практиката на Европскиот суд во Стразбур, обвинуваат активисти за човекови права

https://p.dw.com/p/1D3zQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со 65 гласа „за“, два против и еден воздржан, Собранието го утврди контроверзниот нацрт-амандман 33 на Уставот, со кој бракот се дефинира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а меѓу маж и жена треба да биде и регистрирањето на вонбрачната заедница. Укажувањата дека тоа ќе значи цивилизациско враќање назад и дека ограничувањето и дискриминацијата не смеат да бидат одлика на кое било демократско општество, не го разубедија владејачкото мнозинство во намерата на таков начин уставно да го зацементира бракот, повикувајќи се на исти решенија и во други европски земји.

Едните поеднакви од другите

Актерот и граѓански активист Петар Стојковиќ и неговиот партнер деновиве со загриженост ги следат ваквите измени на Уставот. Тие требаше да бидат првата венчана истополова двојка во Македонија. Се пријавија да склучат брак на најголемата групна венчавка на Светската парада на гордоста во Торонто на 26 јуни, но поради должината на одредени процедури не успеаја да заминат. Денес се фокусирани на собраниската процедура низ која се филтрира амандманот 33.

„Обидот за уставно дефинирање на (вон)брачната заедница го гледам единствено како злоупотреба на моќта и позицијата на мнозинството да се ограничат и ускратат правата на малцинствата, небаре е нормално едните 'повеќе' од другите да ги уживаат човековите права кои природно им припаѓаат на сите луѓе од моментот на нивното раѓање. Бракот е едно од тие човекови права, но владата смета дека тоа треба да биде привилегија на хетеросексуалците, третирајќи ги ЛГБТИ луѓето како граѓани од втор ред. Наместо креирање инклузивно општество, нашата влада континуирано практикува политики на исклучување и дискриминација“, вели Петар.
Тој бара неговите сограѓани да сфатат дека ЛГБТИ заедницата не бара никакви специјални права, туку истите оние права кои ги уживаат поголемиот дел од граѓаните на Македонија.

Petar Stojkovic
Петар СтојковиќФотографија: privat

„Уставното дефинирање на бракот нерадо можам да го проголтам доколку тоа е 'потреба' на мнозинството. Но, регулирањето на вонбрачната заедница и регистрираните партнерства е нешто што го сфаќам премногу лично, бидејќи е директна дискриминација на сите оние кои живееме надвор од рамките на хетеронормативниот модел на семејство. Зарем јас не плаќам даноци на оваа држава? Зошто мене и на мојот партнер да не ни биде дозволено да го регистрираме нашето партнерство и да ги имаме истите права како хетеросексуалните двојки? На пример, заеднички имот на кој полагаме еднакви права, права и обврски во поглед на наследување, користење на пензиско осигурување, социјална заштита, здравствено осигурување, боледување за нега на партнерот и посета во болници, заштита од дискриминација на пазарот на трудот, стекнување државјанство, земање на презимето на партнерот и слично? Признавањето на истополовите заедници како форма на семеен живот би значело нивна заштита според Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човекови права и Уставниот суд. Та, нели семејството беше нешто најсвето според ВМРО-ДПМНЕ?“, прашува тој.

Забелешки на амандманот

Во невладините организации деновиве врие од активности. Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ - Центарот за поддршка, вели дека овој центар и Хелсиншкиот Комитет за човекови права, во соработка со повеќе други организации, заеднички подготвуваат документ кој ги анализира сите поднесени амандмани за уставни измени. Наскоро овој документ ќе биде јавно промовиран и понуден за јавна дебата, заедно со иницијативи за подигнување на јавната свест околу последиците од уставните измени.

„Со амандманот за дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена, како и вториот став од амандманот кој ќе воведе регистрирање на вонбрачни заедници и дефинирање на сите можни заедници исклучиво само меѓу еден маж и една жена, Македонија ќе стане единствена држава во Европа која на овој начин се обидува да воведе контрола врз целокупниот семеен живот, што е спротивно и на практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. На овој начин се нарушуваат правото на семеен живот, принципот на еднаквост на сите граѓани, принципот на праведност, владеењето на правото - гарантирани со Уставот на РМ, а со тоа и правото на заштита од дискрминација, како и другите права со кои се гарантира еднаквиот третман на сите граѓани. Со овие измени се нарушуваат и секуларната и граѓанската поставеност на уставниот поредок на РМ, заменувајќи го со традиција и систем на вредности кои се спротивни на уставниот поредок, дотолку што ги исклучуваат практиките на вклученост и правда кои се обезбедени низ таквата поставеност“, вели Андоновски.

Како аргумент го наведува и Мислењето за четвртиот амандман на Уставот на Унгарија од јуни 2013 година, со кое Венециската комисија даде јасен став за уставното дефинирање на брачните и вонбрачните заедници со кои се дискриминираат истополовите партнери. Во него е јасно наведено и дека државата треба исто така да ги заштити и долготрајните емоционални и економски партнерства на лицата кои живеат заедно (на пример, оние односи во кои паровите немаат или не можат да имаат деца). Понатаму, воопшто не се оспорува правото на Унгарија да го дефинира бракот исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, но истовремено и јасно се укажува на потребата од примена на проширеното гледиште на ЕСЧП за поимот семеен живот, согласно чл. 8 од Конвенцијата. Со тоа Венециската комисија уште еднаш потврдува дека иако државите се слободни во уставните дефиниции на поимот брак, таквите дефиниции не треба да бидат спротивни на Конвенцијата и на практиката на ЕСЧП во поглед на тоа што може да претставува семеен живот и каков пол треба да имаат партнерите кои го практикуваат.

Symbolbild Homoehe
Фотографија: Reuters

И за добро, и за лошо

Андоновски потсетува дека не смее да се заборават ниту прашањата за потешкотиите во докажувањето пред суд во случаи каде што како страни се појавуваат истополови партнери, а кои се однесуваат на Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, како и на законите за прекршоци, за заштита од семејно насилство, за работни односи, за здравствена заштита, за заштита на правата на пациентите, за наследување, за здравствено осигурување, за социјална заштита, за парнична постапка, за странци, за азил, за државјанство, за сопственост...

„Во овие случаи, партнерскиот однос на истополовите страни воопшто нема да биде земен предвид, дури и ако тој однос е конститутивен елемент на самиот случај - на пример, семејно насилство меѓу истополови партнери. Со тоа сериозно се доведува во прашање пристапот до правда на ЛГБТИ луѓето. Поради тоа, ваквата уставна формулација само дополнително ќе го зацврсти исклучувачкиот и дискриминаторски однос на националниот правен систем кон ЛГБТИ луѓето во Република Македонија“, укажува Андоновски.

Поради сите овие факти и дилеми, Петар Стојковиќ и неговиот партнер есенва планират да заминат во Хрватска и таму да склучат регистрирано партнерство.

„За кум ќе го имаме мојот драг пријател Ерван Фуере, кој нѐ поддржа уште од самиот почеток кога се решивме на таков чекор. Истото ќе биде признаено во сите земји каде истополовите регистрирани партнерства се законски препознаени. За жал, тоа нема да биде случај по нашето враќање во мојата татковина. Таа и понатаму продолжува да биде за едни мајка, а за други маќеа“, вели Петар.

Истиот проблем го има и Македонец кој со својот венчан партнер живее во Холандија. Сака да се врати во Македонија и да основа компанија, но во тоа го спречува фактот дека неговиот брачен партнер во тој случај би добил статус само на турист.

Неодамна, Хрватска донесе закон за животно партнерство. Тоа го сторија поради фактот што законското регулирање на правата на ЛГБТИ луѓето е реална потреба со која се соочува секое современо општество, а бракот е само една форма на заеднички живот преку која се остваруваат правата. Во Уставот на Косово и Албанија, во членовите кои се однесуваат на семејниот живот дефинирано е дека секој има право на склучување брак, без прецизирање на полот на сопружниците. Во Уставот на Црна Гора, Србија и Бугарија дефинирано е дека бракот може да се склучи помеѓу маж и жена. Од друга страна пак, во ниту еден Устав на посочените држави не е дефинирана регистрираната вонбрачна заедница на никаков начин, а уште помалку како заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена. Со ниту еден друг Устав во регионот или во Европа, не е спречено идно дефинирање на формите на заеднички живот кои би се појавиле, како што тоа е направено со предложените уставни измени во Македонија.