Успехот е можен, трпение е неопходно | Свет | DW | 25.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Успехот е можен, трпение е неопходно

Една година по пораката „Ќе успееме“ на Ангела Меркел, Германија е поделена околу тоа дали навистина ќе се успее со интеграцијата на бегалците. Има многу отворени прашања, смета Верица Спасовска.

Една година по констатацијата на канцеларката Ангела Меркел („Ќе успееме!“) во Германија веќе нема ни трошка од речиси еуфоричното расположение кое тогаш владееше. Германците, додуша, се уверени дека ќе успеат, но истовремено станаа и скептични. Во анкетата по нарачка на ДВ, посебно се важни две работи. Поголемиот број од испитаниците сметаат оти бегалците ја направија Германија пошарена и поразнолика. Од друга страна, поголемиот број од испитаниците веруваат дека и во Германија ќе има повеќе терористички напади.

Нападите во новогодишната ноќ во Келн и во другите германски градови, како и нападите и обидите за напади со исламистичка задина, влијаеја на намалувањето на чувството на сигурност кај многу луѓе во Германија.

Добра вест е дека поголемиот број Германци имаат позитивен став кон бегалците, а нивното присуство во земјата го сметаат за збогатување на општеството. Овој позитивен став на општеството кое прима дојденци, е многу важна „база“ за долгорочен успех на интеграцијата. Тоа воедно е и голема спротивност на расположението кое владееше пред 40 години кога во Германија пристигнаа милиони ’гастарбајтери’ од јужна Европа! Тогаш баш и не се зборуваше за шаренило и разновидност. Денес тоа е поинаку и добро е што е така.

Не смееме да преминеме ни преку вториот важен разултат од анкетата. Стравовите во германското општество станаа поголеми, стравови од можна закана. Тоа мораме да го сфатиме сериозно. Секако дека тие стравови не би требало да се инструментализираат политички и дополнително да се шират, како што тоа често го прави партијата Алтернатива за Германија (АфД). Но тие резерви не смееме ни да ги туркаме под килим.

Интеграцијата е скапа

Можеби повеќе луѓе би биле уврени во тоа дека ќе успееме кога би било појасно како тоа воопшто треба да се случи. На пример кај интеграцијата на пазарот на труд. Зарем владата не би требало да земе во свои раце многу повеќе пари за тоа навистина да успее? И зарем тоа не би требало јасно да се сигнализира? Во Германија досега само околу 40.000 бегалци пронашле работно место. Три четвртини од нив немаат никакво стручно образование. Тоа значи дека државата и фирмите би требало поголемиот дел од бегалците прво да ги „оспособат“ за пазарот на труд. А тука се потребни образовни мерки кои чинат милијарди евра - и бараат многу трпение. Ако во тој процес се инвестираат и тие две работи, тогаш на крајот ќе се исплати. Но од почетокот би требало да биде јасно: не смеат да се очекуваат брзи успеси.

Зарем ние не би требало значително да ги зголемиме и нашите мерки за безбедност? Треба да се зголеми бројот на работни места во сојузната полиција. Тоа е правилно, но и многу чини. Треба да се запрашаме зошто не може да се забрза прогонот на криминални странци, побрзо отколку што тоа одеше досега?Тоа, посебно по нападите во новогодишната ноќ, би бил важен сигнал на заплашување. Јасно, не може сѐ да се промени преку ноќ. И прогонот на криминални странци мора да се одвива во рамки на заштитата на правата кои ги предвидува правната држава. А тоа во одделни случаи може и да потрае.

Канцеларката со минатогодишната порака „Ќе успееме!“ иницираше посебен бран на подготвеност за помош од страна на германските граѓани. За среќа, сѐ уште многу од тоа може да се почувствува и денес. Но потребно ни е длабоко да вдишеме, за да може овој момент да потрае што подолго. И потребно ни е искрено соочување со општествените и економските предизвици на овој актуелен преоден период за германското општество.

DW.COM

Реклама