Урсула фон дер Лајен ќе го посети регионот: Вложувањето во Западен Балкан е влог во иднината на ЕУ | Свет | DW | 15.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Урсула фон дер Лајен ќе го посети регионот: Вложувањето во Западен Балкан е влог во иднината на ЕУ

Претседателката на Европската комисија до крајот на септември ќе ги посети земјите од Западен Балкан за да ја потврди посветеноста на процесот на проширување на ЕУ.

„Ќе го посетам регионот до крајот на месецов. Со тоа сакаме да упатиме јасна порака за нашата посветеност на процесот на пристапување. Тоа им го должиме на сите млади кои веруваат во иднината на Европа“, најави Урсула фон дер Лајен во говорот на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, посветен на состојбата во ЕУ. Таа додаде дека ЕУ ја засилува поддршката за Западен Балкан преку нов економски и инвестициски план во висина од една третина од БДП на регионот.

„Тоа го правиме зашто вложувањето во иднината на Западен Балкан е вложување во иднината на ЕУ“, истакна Фон дер Лајен, најавувајќи вложувањаво партнерствата во европското соседство, од јакнење на ангажманот во Источното партнерство, до спроведување на новата програма за Средоземјето и продолжување на активностите во различни аспекти на односите со Турција.

Претседателката на ЕК во говорот го наведе совладувањето на пандемијата на коронавирус во ЕУ како успех, истовремено повикувајќи на натамошни напори. Со преку 70 проценти целосно вакцинирани лица меѓу возрасното население, и покрај сите критики ЕУ се вброи меѓу водечките во светот и е единствен регион во светски рамки кој поделил преку 700 милиони дози вакцини во преку 130 земји. До средината на 2022 година ЕУ планира донирање на дополнителни 220 милиони дози вакцини, најави таа.

Урсула фон дер Лајен го истакна напорот на ЕУ во заштита на климата и ги повика останатите богати држави да го следат примерот на ЕУ и да стават на располагање поголеми средства за климатската политика на посиромашните земји. Најкрупните економии се обврзаа до 2025 година да стават на располагање околу 100 милијарди долари годишно, а ЕУ учествува со свој удел од 25 милијарди долари.

Во своето обраќање претседателката на ЕК најави 100 милиони долари итна помош за Авганистан заради превенирање хуманитарна криза и глад, а во светлината на настаните во таа земја, се заложи и за идејата за создавање европска одбранбена унија.