Урсула фон дер Лајен: Не губете верба, направете уште еден чекор кон ЕУ | Северна Македонија | DW | 28.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Урсула фон дер Лајен: Не губете верба, направете уште еден чекор кон ЕУ

Последниот чекор којшто се очекува да го направи Северна Македонија, според Фон дер Лајен, е постигнувањето напредок во разговорите со Бугарија со цел да се одблокира патот кон ЕУ.

„Целосно го поддржувам отварањето на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро. Сакам тие што побрзо да почнат, до крајот на годинава. Ве повикувам: Не губете верба. Направивте и постигнавте многу, да направиме уште еден чекор понапред. Имате многу пријатели и поддршка во Европската комисија“. Ова е пораката којашто ја испрати претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, по нејзиното пристигнување во Скопје.

Двајцата ги соопштија своите надежи дека на претстојниот Самит за Западен Балкан во Словенија на 6 октомври ќе има придвижување во однос на проширувањето на ЕУ, а со тоа и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава. Во однос на прашањето дали Европската комисија би прифатила Албанија да оди напред ако Бугарија продолжи да ја блокира Северна Македонија, Фон дер Лајен е децидна - сака двете држави да започнат со преговорите и со пристапниот процес што поскоро. Таа нотираше дека Северна Македонија има постигнато напредок во владеењето на правото и борбата против криминалот, и порача да се продолжи во таа насока, бидејќи верува дека тоа ќе биде наградено. 

Последниот чекор

Последниот чекор којшто се очекува да го направи Северна Македонија, според Фон дер Лајен, е постигнувањето напредок во разговорите со Бугарија со цел да се одблокира патот кон ЕУ. Лајен неколкупати повтори дека е целосно посветена на ова прашање, коешто се надева дека ќе има позитивен напредок до декември. „Со двете страни работиме, разговараме и со Бугарија за да ја надминеме оваа последна пречка. Има добри идеи за кои вреди да се размисли, со цел да се надмине последната препрека до крајот на годината. Има многу теми кои можат да се решат со добар дијалог“, вели Лајен.

EU I Ursula von der Leyen trifft Zoran Zaev

На прес-конференцијата во Скопје, Фон дер Лајен и Заев ги соопштија своите надежи дека на претстојниот Самит за Западен Балкан ќе има придвижување во однос на проширувањето на ЕУ.

Со слични очекувања и е премиерот Зоран Заев. Тој по средбата со високата гостинка од ЕК, рече дека очекува до крајот на годинава да се изнајде решение со Бугарија, кое ќе се темели на европските правила, каде идентитетските прашања се негуваат и почитуваат. „Договор куќа гради, секој договор може да донесе нешто добро, договор е нешто на што не учеше ЕУ сите овие години. Пријателството, подадената рака се начините за изнаоѓање на решение и ќе продолжиме со вакви европски манири, за да покажеме дека заслужуваме еден ден да бидеме членка на ЕУ“, вели премиерот.

Ќе се забрзаат преговорите со Бугарија

Премиерот Заев најави дека ќе се забрзаат разговорите со Бугарија во наредниот период. Тој вели дека е потребно забрзување на процесот за донесување одлуки, бидејќи секое одложување ги поттикнува ретроградните сили кои се против проширувањето на ЕУ.  „Ние ги направиме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме дополнително оние коишто се прифатливи. Очекуваме Бугарија да го откочи процесот и да ја прифати преговарачката рамка“, вели Заев.

EU I Ursula von der Leyen trifft Zoran Zaev

Урсула фонде дер Лајен најави нова помош со вакцини од ЕУ во наредниот период и со Владата потпиша меморандум за грант од 2,6 милиони евра за поддршка за младите.

Според него, идентитетските прашања е невозможно да бидат предмет на разговори, и среќен е што од Бугарија доаѓаат сигнали за разбирање во однос на ова прашање. „Овој процес нема алтернатива, остануваме посветени на членство во ЕУ, со исполнување на сите стандарди“, вели тој.

Вакцинација и заздравување на економијата

Фон дер Лајен, која што потенцираше дека во земјата доаѓа како пријател и партнер, е  децидна дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. „Ве сакаме покрај нас. Вие постигнавте извонреден напредок и донесовте храбри одлуки. Сега ЕУ треба да испорача“, рече таа, истакнувајќи дека ЕУ и Северна Македонија веќе ги здружуваат силите во битката против Ковид-19. Таа порача дека треба да се забрза вакцинацијата и да се зајакне македнската економија која што беше погодена од пандемијата. Таа најави нова помош со вакцини од ЕУ во наредниот период и со Владата потпиша меморандум за грант од 2,6 милиони евра за поддршка за младите.

Фон дер Лајен во Северна Македонија пристигна од Албанија, каде што рече дека нејзината порака е јасна оти иднината на Албанија и Северна Македонија е во ЕУ.