Унковски: Гледачите на турски серии влегоа во емисијата | Македонија | DW | 02.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Унковски: Гледачите на турски серии влегоа во емисијата

Сите знаеме што се случи во македонското собрание, односно што видовме дека се случува. И допрва, ќе чуеме уште многу други истории за настанот што нема да го направат подобар, пишува во колумна за ДВ, Слободан Унковски

Извршителите на „народниот гнев" во изминатиот четврток ги направија неопходните први чекори според договорената стратегија управувана на лице место од професионалци во областа: влегоа во Собранието, го претепаа Села, го раскрвавија раководството на  СДСМ, и поминаа едно два часа очекувајќи евентуално да почне одбраната на нападнатите пратеници за да можат во дадениот метеж и во задоцнетата битка меѓу приврзаниците на Села, на СДСМ и задоцнетата специјална полиција која како да чекаше зад аголот, да ги извадат пиштолите од под кошулите и да направат да загинат или да бидат повредени што е можно повеќе луѓе за да има огромен повод за било која форма на вонредна состојба.  И се разбира, да го сотрат Заев како главен генератор на нивната компромитација, или јас би рекол, нивното разоткривање преку „бомбите" и во демаскирањето на нивниот режим на владеење.

Таргетирањето на лидерот на една албанска партија, и на врвот на раководството и лидерот на главниот политички опонент,  доста прецизно го отсликува препознатливото компјутерското планирање на Груевски и на врвот на ДПМНЕ и неговата длабока замешаност во овој срам и ужас на македонската современа политика. Така препознавам знаејќи го неговото претходно однесување и темпирање.

Спремноста на саможртвување

Параметрите на својата стратегија напаѓачите ги наштелуваа според сопствените критериуми за страв, губење храброст кога си соочен со разулавена толпа која со обиди за убиства се чисти од претходните убиства, делување под пресија, но се плашам заборавија на нешто особено важно, а толку присатно во македонската национална борба - спремноста на саможртвување, и тоа не случајно затоа што таа категорија им е страна и ја доведува во прашање нивната патолошка потреба за совршено непогрешиво тело на вкупната политика на врвот на ВМРО и кога тепа студенти на плоштад и кога го убива Мартин Нешковски и кога го крие убиството на Николче Младенов, и кога ја покрива со милиони евра вистината за "Диво насеље" или за "Монструм" или за буџетите на државава во последниве десетина години, или за уништената сегашност и иднина на земјата.

Организаторите на "народниот гнев" се разбира, се оградија од народниот гнев, сеедно што е видливо дека го оправдуваат. Протестот "За заедничка Македонија" го покажа своето вистинско лице само два пати - првиот ден кога едни црно облечени паравојски викаа "Чиста, чиста Македонија ", и последниот ден, во четвртокот, кога истите тие, заедно со тајната логистика на ова движење, со подземните финансиери и пишувачи на патриотските говори преку мобилна телефонија за личностите од стриповите на Марвел и за глумците  за надсинхронизација на турски серии, заедно со отпадот од разни агенции на безбедноста, поединци од АРМ, од сите канцерозни ќелии на партијата во секоја државна фирма од здравство до испорака на вода, од национални институции во културата до националните образовни и државни структури, го добија договорениот сигнал и тргнаа секој по својата цел. 

Mazedonien Erstürmung des Parlaments (picture-alliance/dpa/B. Grdanoski)

Организаторите на "народниот гнев" се разбира, се оградија од народниот гнев, сеедно што е видливо дека го оправдуваат.

Во останатите денови на протестот, да речеме 58, „не згазнаа ни цвеќе".  Затоа ќе речам дека овој протест не беше протест. Тие активности би ги нарекол завземање на улиците за да не може некој друг да протестира и резервирање на местото, кога ќе дојде неминовниот ден по шест месеци или по шест години, дури завршат на парламентарната говорница сите одвратно јалови дискусии за периферни нешта,  кога опозицијата ќе се одлучи на избор на спикер, да можат од лице место да се трансформираат од „пазачи на цвеќе" во „убијци на демократијата" и во квази железна тупаница на „народот".

Кој ја отвори Пандорината кутија?

Се разбира сите го видовме водството на целиот тој напад со покриени лица и со договорени знаци кои сме ги виделе во филмовите за командоси. Така и во нашава тв серија, го гледам едниот, качен на пултот неколку собраниски реда зад министерката Елизабета, како му дава знаци на својот по чин помал соработник качен до масата на претседателот на собранието, а овој пак пренесува понатаму.

Кој ја отвори Пандорината кутија на насилството? Кој ако не оној што прв се закануваше со ножот на Ќосето  и му направи споменик на истиот тој нож пред скопскиот суд? Груевски.

Кој ги подели Македонците, кој ја воведе омразата како политички инструмент, кој ја хранеше таа омраза, кој ги означи за предавници сите оние што мислат поинаку од ВМРО, кој ги бесеше огласите по бандери за потера по пратеници и политички опоненти? Груевски и неговите.

Кој објави слободен лов на Заев, на слободоумните интелектуалци, на сите знаени и незнаени низ Македонијава што се плашеа за својот живот поучени од недостапноста на правдата, од немањето полиција како институција, од немањето ников закон. Се разбира пак, тој истиот, Груевски и неговата партија.

Кој ја сомели македонската историја и националната меморија, кој ги уништи документите за тоа дека Македонија израснала од АСНОМ, кој ја поништи народноослободителната борба, кој го минимизираше Илинден величејќи сомнителни имиња без јасно дефинирана историска улога?

Кој создаде нова класа базирана на корумпирана неспособност и на комплетна послушност. Кој го доведе до врв мајсторството за купување души, кој ги направи коска и кожа, кој ги сведе на мизерна егзистенција граѓаните, кој им го замени реалниот очаен живот со идиличната патетика на турските серии?

Се разбира оној што располагаше со 10 буџета на РМ, и со јасна идеја да ги смеша во една нова виртуелна реалност вестите, емисиите со експертите кои застапуваа секогаш и секаде само една идеја- неговата, платените владини реклами, новите документарни филмови, новите реалити емисии, сѐ со намера, обичниот граѓанин да се изгуби, зашемети и да не биде веќе во состојба да препознае што е речено, што било навистина, што му се случило и што мисли дека му се случило, што има на трпеза, а што му велат дека е важно за него.

Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlament Parlamentarier (Reuters/O. Teofilovski)

Дали крвта на Заев, невидената, а знајна крв на Села, крвавите лица и глави на Шекеринска, Спасовски, Манчевски и многумина други се доволни за отрезнување?

Острвени должници“

Тезата дека Македонија е нападната, дека е на удар на светски заговор за наше ништење, верувам дека може, ако и поверуваат, да мобилизира и искрени патриоти, но главнината од силата на тој протест се сепак „видео дрогираните", острвени, озлобени, преусмерени граѓани на нашава земја. Должници по било која основа на партијата- некои помилувани за грешки за кои нема помилување, други збогатени од бизниси кои никогаш не би ги добиле во чесна конкуренција, трети дневно платени, четврти подгреани и ослободени албанофоби кои мислат дека Албанците ни се виновни за сѐ, и така натаму...

Затоа беше потребно толку многу денови на подготовка на таа маса за влез во Собранието и за сѐ друго што следуваше и што можеби ќе следува понатаму при изборот на Владата и при секоја следна згодна прилика.

Затоа глумците од турските серии, од македонските народни приказни беа, сепак, главните говорници на овој протест во продолженија, што ја менуваше својата реторика зависно од дневното коминике на партискиот штаб, та еднаш беше Тиранската платформа, друг пат беше нови избори, трет пат беа неконтролирани извици за ништење на предавниците сеедно што никој не даде ниту еден доказ за тврдењата. Уметниците на тие протести беа планираното алиби, а ќе бидат и колатералната штета, за докажување на хуманото лице на протестите. Ова е, се разбира правено за да се покрие грозното лице што излезе на виделина на 27.04.2017. 

Гледај видео 01:45

Мачна вечер на насилство во Скопје

Преминувањето на Рубиконот од дваесеттина метри од говорницата на „За заедничка Македонија" до холот на парламентот помина како прошетка по корзо, а малку буткање со полицијата на отворената врата на зградата беше чисто ради реда, да не биде апла видливо дека нема да има пречки во планот за денот Д. Така гледачите од пред екранот влегоа во програмата, влегоа во серијата и го најдоа својот смисол и значај. Од статисти посматрачи мислеа дека станале учесници актери, а еден ден можеби ќе разберат дека всушност биле само вешто смислен покров за длабинската битка за заштита на криминалната банда на власт.

Дали крвта на Заев, невидената, а знајна крв на Села, крвавите лица и глави на Шекеринска, Спасовски, Манчевски и многумина други, дали оружјето во Собранието, дали неодговорното коцкање со граѓанска војна се доволни за отрезнување или мораме да ги видиме и сите други крвави, зошто исто се луѓе сеедно што се однесуваат како богови, за да сфатиме на кај сме тргнале и колку длабока и трагична е бездната на нашиот пат?  Како тоа акумулираната несреќа што низ векови ја носи Македонецов се претвори во жед за крв на Македонци, е мистерија што бара подетално истражување.

Ако не бидат уапсени и осудени  најмалку оние напаѓачи што беа во прес центарот, главните полуги на организацијата на настанот и се разбира инспираторите на сето ова, Македонија ќе нема иднина.

Оваа едноставна реченица ме поразува зошто знам дека до моментот на формирање на новата влада и неопходните, итни смени во Јавното обвинителство, правдата и борбата за нашата Македонија ќе се доведува во прашање одново и одново.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама