Уништувањето на опремата за прислушување е третиот случај на СЈО | Северна Македонија | DW | 30.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Уништувањето на опремата за прислушување е третиот случај на СЈО

Специјалното јавно обвинителство го истражува случајот „Тврдина“ во врска со незаконско следење комуникации со помош на опрема и уреди во сопственот на МВР.

Обвинителката Ленче Ристоска соопшти дека во случајот „Тврдина“ се осомничени двајца началници во УБК, кои во првата половина на 2015 година, заедно со тогашниот министер за внатрешни работи, противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра.

Откако Судот донесол пресуда дека незаконското следење комуникации е извршено преку системите на Министерството за внатрешни работи, првоосомничениот во случајот „Тврдина“ издал усна наредба до други организациони единици во МВР за уништување на техничката опрема, поради нејзина наводна застареност. Според Ристоска, станува збор за два система за следење комуникации: едниот бил во употреба до периодот 2008-2009 година, додека вториот бил во употреба до моментот кога била издадена наредба за уништување на опремата.

Објаснувајќи го системот на издавање наредби и нивна реализација во врска со уништување на опремата, обвинителката потенцираше дека првоосомничениот во март 2015 година до второосомничениот доставил предлог да се формира комисија за попис и уништување на техниката. Првоосомничениот предложил членови на комисијата да бидат лицата кои се задолжени со опремата. Второсомничениот изготвил предлог за формирање ваква комисија. Поради тоа што од било побарано допрецизирање на предлогот, провоосомничениот, како што беше речено на прес-конференцијата, дошол во секторот за правни работи и човечки ресурси и дал налог за изготвување решение за уништување на опремата.

На 23 март третоосмничената, тогашен министер за внатрешни работи, го потпишува решението без да има законски основ за директно решение за уништување на опремата. Имено, на крајот на 2014 година е спроведен попис и притоа не е забележано дека има каква било застарена опрема која е неопходно да се уништи и расходува, информираше обвинителката Ристоска.

На 27 март 2015 лицата кои управувале со системот на следењето комуникации го исклучуваат системот и веднаш наредниот ден опремата е натоварена во возила на МВР и однесена кај правно лице кое работи со отпад за старо железо. Опремата била пресувана и таму стоела сѐ до 03.04.2015 година. За цело време просторот на правното лице каде се вршело уништување бил надгледуван од лица од УБК, изјави Ристоска.

На 3 април членови на комисијата, заедно со четвртоосомничениот, одат на отпадот, деловите се товарат и носат кај друго правно лице, каде се ставени во дробилица. На 28.05.2015 е изготвен извештај кој требало да биде доставен до министерот за внатрешни работи и директорот на УБК. „Досега не најдовме доказ дали тој извештај е доставен“, нагласи Ристоска.

Оттогаш сѐ до средината на 2016 година, како беше речено на прес-конференцијата, од страна на осомничените се преземале дејства за прикривање на незаконитоста на уништувањето на опремата. Првоосомничениот решава да спроведе наводно законита постапка, и ги задолжува да му достават документ дека средствата требало да се уништат. Тогаш доаѓа петтосомничената, која поттикната од првоосомничениот ги фалсификува списите, со што става датум и става архивски број како да се донесени во 2014 година.

Откако првоосомничениот ги има овие известувања, рече Ристоска, тој изготвува службен документ со невистинита содржина и го носи во одделот за координација, каде се наведува дека постои потреба за формирање на комисија за уништување. На ваквиот допис, кој е со невистината содржина, првоосомничениот на петтосомнилчената ѝ дава налог и повторно го заведува на крајот на 2014 година. Деловодната книга за таа година воопшто не била заклучена, туку било оставен простор.

Петтосомничената, според СЈО, сторила шест кривични дела, и за неа се води скратена постапка, а за злоупотреба на слубена положба се предвидува минимална казна од 5 години до максимална од 20 години затвор.

Со оглед дека првоосомничениот е сѐ уште на висока позиција во УБК, кај нас постоеше основано сомнение дека кај него има сѐ уште нешто што можеме да најдеме, рече Ристоска, додавајќи: „Судот не ни одговори позитивно во одреден временски период“. Поради опасноста од одлагање и опасност од бегство на осомничениот, уништување на трагите и опасност од повторување на делото, од страна на СЈО е побарано да му се изрече мерка притвор.

Во однос на останатите лица, како што рече Ристоска, до Основниот суд ќе биде поднесена предлог мерка за забрана на напуштање на престојувалиште и одземање на патна исправа, како и забрана за преземање на работни активности со оглед на тоа дека сѐ уште се во служба. За третотосомничената ќе се побара мерка за претпазливост-одземање на патната исправа, јавување во судот и забрана на напуштање на престојувалиштето, рече Ристоска.

Според нејзе, истрагата продолжува и натаму и ќе се настојува да се утврди учеството и улогата на членовите на Комисијата во целиот процес на уништување на опремата, како и да се утврди евентуална инволвираност и на други лица.

Во врска со објавувањето на приватни телефонски разговори, обвинителката Катица Јанева денеска ги повика засегнатите да дојдат во СЈО за да бидат поведени соодветни кривични постапки. Таа исто така ги повика и сите оние кои поседуваат вакви снимки да ги достават до Обвинителството.

„Горда сум да кажам дека СЈО е првата институција во РМ која воспостави соработка меѓу правната полиција, истражителите и јавните обвинители. СЈО како тим на индивидуалци покрај капацитетот поседуваат и висок степен на одговорност, сплотено ќе работат во спроведување на нашата мисија која ни е единствена цел“, потенцираше Јанева.

Реклама