Универзитетот во агонија, студентите на избори | Северна Македонија | DW | 18.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Универзитетот во агонија, студентите на избори

Состојбата во високото образование е катастрофална, вели професорот по социологија на УКИМ, Илија Ацески, чие истражување не ја виде светлината на денот. Кому и зошто не му се допаднаа резултатите?

„Универзитетот на распаќе“. Ова е насловот на студијата, на повеќе од 200 страници посветена на квалитетот на високотo образование, состојбите и перцепцијата на студентите за Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), изработена врз основа на истражувањето започнато во 2008 година и завршено на крајот од минатата. Студијата, претходно испратена и прочитана во електронска форма, во почетокот на годинава била одобрена од наставно-научнииот совет, по што биле одвоени и средства за нејзино печатење. Но, потоа се случил пресврт. За причините за таквиот потег, за резултатите од истражувањето и за состојбите во високото образование, разговаравме со авторот на студијата, д-р Илија Ацески, професор по социологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

ДВ: Професоре, што покажаа резултатите од вашето истражување?

Илија Ацески: Резултатите од истражувањето посветено на состојбите на УКИМ недвосмислено покажаа дека Универзитетот е во длабока криза, која се манифестира во сите сегменти на неговото функционирање: во наставната, во најголем дел од факултетите се изгубени критериумите за високообразовна дејност, практично не постои истражувачка дејност, менаџирањето со факултетите и Универзитетот е сконцентрирано во борбата за највисоките функции (декан и ректор), нема квалитетна внатрешна евалуација, нема надворешна евалуција, се се сведува на задоволување на формални критериуми. Разбирлива е реакцијата на ректорот, кој студијата 'Универзитетот на распаќе', (финасирана од ректоратот), едноставно ја забрани (ја заплени нејзината печатена верзија), од причина што резултатите не му биле разбирливи, а тоj е речиси дванаесет години во управните структури на ректоратот, од кои осум години ректор. А тие резултати говорат за агонијата во која се наоѓа УКИМ, а со тоа и високото образование во целина.

ДВ: Со еден збор, како ја оценувате денес состојбата на УКИМ, за таа да им стане „разбирлива“ на сите, до кои вашата студија не успеа да стигне?

Илија Ацески: Сигурно дека нема да погрешиме ако кажеме дека таа е катастрофална, но веднаш ќе се соочиме со недостиг на соодветни зборови да ја опишеме. Како да го разберете системот на учење, на односот на студентите и наставниот кадар кон процесот на учење, кога пред себе имате состојба, во која, на еден наставник има десет и повеќе пати студенти во споредба со некој универзитет/факултет во Европската Унија, а да не говориме за оние кои се сметаат за најдобри. Или, кога на пример, буџетот за високото образование, или издвојувањето на средства за истражување е скоро занемарливо и запоставено во изминатите десетина години? А, од друга страна, државата упорно се обидува сите кои завршиле средно училиште се запишат на факултет, а притоа нема никаква стратегија, за кои дејности дипломираните се најпотребни, ниту пак води каква било грижа за квалитетот на студирањето. Обидот да се воведе екстерно тестирање/оценување од страна на државата се доживеа како момент на немоќ, но и заплашување на оние кои се дирекно вклучени во процесот, дека ако не работат 'квалитетно' ќе бидат казнети, дека студентите по втора година не ќе можат да продолжат, а ќе има и санкции за професорите, од кои се бараат трудови со импакт-фактор, објавување во светски списанија, учество во истражување и слично.

Mazedonien lija Aceski Soziologe

Професор Илија Ацески

ДВ: Виновна е „Болоња“ или начинот на кој таа се применува кај нас?

Илија Ацески: Одговорот на прашањето - дали воведувањето на новиот систем, Болоњскиот процес и Европскиот кредит трансфер систем пред десетина години го подобри квалитетот на високото образование кај нас, во голема мера зависи од тоа што се подразбира под квалитетно високо образование. Имено, во Република Македонија институциите немаат развиено систем на осигурување на квалитет, кој би ги принудувал установите од високото образование на почитување на јавната одговорност што произлегува од нивната автономија. Се добива впечаток дека сите страни кои го формираат високо образовниот процес како да 'уживаат' во настаната состојба: државата се ослободи од значаен дел од средствата кои требаше да ги издвојува за високото образование, ја олабави контролата и се создаде ситуација на јавно-приватно партнерство во кое високообразовните институции во еден подолг период беа оставени сами на себе да прават што сакаат (висина на школарина, услови на студирање, отсуство на стандарди, без каква било надворешна, но и внатрешна евалуција, се со цел да се има што повеќе студенти кои плаќаат). Тоа јасно го покажуваат статистичките податоци по 2008 година, кога бројот на студентите енормно се зголеми, а сите други параметри останаа непроменети. Новиот систем остана заробен и непрепознатлив во однос на неговите најсилни страни и ја отвори дилемата за тоа дали УКИМ, пред сe, како најависоко рангиран и најголем универзитет треба да се реорганизира врз нови основи, кои во голема мера ќе ја подобрат неговата позиција во подобрување на квалитетот на образованието, а тоа да биде добар пример по кој би тргнале и другите универзитети, државните, пред се!

ДВ: Таква реорганизација не се случи, а имаме хиперпродукција на дипломи кои се во многу лабава „коалиција“ со знаењето. Претпоставувам дека тоа не можеме да го „прокнижиме“ како последица на „Болоња“, колку на домашен системски дефект. Каде вие го детектиравте проблемот?

Илија Ацески: Во суштина, Болоњската декларација, како и Лисабонската декларација (2000 г.), тежиштето на промените го насочуваат главно кон економската димензија. Образованието го доживуваат како стока со која може да се зголеми ефикасноста на европската економија, во услови на глобален пазарен натпревар, и во тој контекст реформата има една важна цел во создавањето на 'единствен европски образовен пазар'. Во исто време, во духот на идејата за зголемување на ефикасноста и пораст на профитот, универзитетите како и сите јавни институции/услуги/служби се претвораат во пазарно-ориентирани организации. УКИМ и најголем број од високообразовните институции во Македонија се претворија во профитни организации, во кои една мала група има корист, а сите други се губитници. Универзитетот се доведе во ситуација да се бори за што повеќе студенти, а со тоа за поголеми финансиски средства. Оваа ситуација на преден план го истакна прашањето за улогата на науката/образованието во надминување на кризата, односно дали тие може да помогнат во подобрување на состојбата во општеството. Трансформацијата на високото образование во Македонија, последните десетина години, покажа неочекувано негативни ефекти во процесот на транзиција на општеството, од што последиците уште долго ќе се чувствуваат. Овде се мисли на продукција на неквалитетни кадри кои стекнале дипломи, но ги немаат потребните способности за работа во областите за кои се едуцирани. Тоа во голема мера се однесува и стекнувањето на докторски и магистерски титули.

ДВ: Ако системот продуцира таков неквалитет, тоа значи дека кај нас целосно се изгубени критериумите за она што значи квалитетно образование, квалитетен наставник и квалитетна диплома...

Илија Ацески: Како е можно да се говори за квалитет на образованието, кога има големи сомневања дека делови од системот продуцираат коруптивност во однесувањето, која се чини е системски произведена и поттикната, кога системот на плати, хонорари и се она што се вреднува во сферата на распределбата на средствата поттикнува нездраво, коруптивно однесување, (па дури и продажба на книги од страна на наставниците!), кога квалитетниот наставник се вреднува со елементи кои се вон вистинските критериуми за квалитет, кога еден наставник се случува да 'држи' и над дваесет часови неделно и да има по неколку стотина студенти по семестар. Критериумите за квалитетен наставник се изгубени на УКИМ. На некои факултети речиси сите од наставниците се со највисоко звање - редовни професори. Причини за тоа има многу, но не може да се избегне фактот дека и раководните структури на факултетите ја имаат најголемата одговорност. Изгубени се критериумите за тоа што е оригинален труд, што е продуктивна настава, квалитетен учебник. Речиси никој за тоа и не расправа.

ДВ: Низ какви реформи треба да бара излезот од ваквата состојба?

Илија Ацески: Одговорот на прашањето каде се гледа излезот од тешката ситуација не е едноставен, па дури и невозможен. Државата не е во можност да направи нешто во кое би можеле да поверуваме дека е исправно и пожелно, факултетите (Универзитетот) нема внатрешна сила да промени било што, во него се формирани односи кои тешко дека некој однатре би можел да ги пренасочи кон подобрување на состојбите. Најбезболно, најефективно и можеби најпожелно - е формирање на едно тело за евалуација со учество на странски експерти, кое ќе се обиде секоја високообразовна институција да ја рангира на она место каде реално припаѓа, имајќи ги предвид стотината најдобро рангирани универзитети во светот. Едноставно, да укаже дека на скалата некои се на дното, некои повисоко, со една напомена - третина од најниско рангираните да бидат укинати во определен рок ако не ја подобрат состојбата. Идните студенти мора да знаат дека студирањето на одредени факултети кои го немаат потребниот квалитет за нив ќе значи губење на време, а дека шансите за работа се мали. Состојбата во која се наоѓаат најголем дел од факултетите не може да биде надмината без радикални потези, а тие, ако не може да се случат однатре, мора да дојдат однадвор. На почетокот во блага форма, предупредувачки, со барање за почитување на стандардите кои се применуваат во познатите универзитети, а подоцна, за две или три години, радикално - со нивно затворање, недобивање на акредитација и слично. Секој потег кој значи компромис со критериумите за квалитетно образование, само ќе ја продолжи агонијата во која тоа се најде во последните десетина години.

ДВ: Од аспект на тешката ситуација во која се наоѓа високото образование, како ја оценувате одлуката за основање на уште еден државен Универзитет?

Илија Ацески: Сосема е неразбирливо отворањето на нов универзитет со десетина факултети, без издржан елаборат, цели и оправданост. Тоа е уште еден чекор кон понатамошно продлабочување на кризата во која е втуранато високото образование и однатре и однадвор, состојба во која целосно е затемнета мисијата на Универзитетот. Тоа е длабоко навлезено во политичките пресметки на партиските елити каде малкумина имаат бенефит, а штетите се огромни и долгорочни. Да се отвори нов Универзитет од страна на државата како можна конкуренција на друг државен Универзитет, е сосема неразбирливо.

Реклама