Универзални грешки – или како до нова концертна сала | Северна Македонија | DW | 29.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Универзални грешки – или како до нова концертна сала

Дебатата за судбината на Универзална сала влезе во емотивен и политички вител кој самиот го предизвика градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. За нешто што е влезено во генот на скопјани треба повеќе такт и умешност.

Еве две големи приказни за местото на културни и други институции во еден град, а и неколку помали. Двете големи приказни се од, условно речено, најголемиот град на светот, Њујорк, другите се од кај нас и околу нас.

Претпоставуваме дека сте слушнале или знаете нешто повеќе за Исак Штерн, фамозниот американски виолинист, Евреин, роден 1920 градот Клеменец, кој тогаш беше во Полска, а по Втората светска војна е дел од Украина. Кога имал 14 месеци неговото семејство се преселило во Сан Франциско и тој како американски граѓанин станува толку славен и феноменален како виолинист, што едно подолго време беше своевидна музичка икона на светот од културата. Неговите концерти и плочи се трајно светско наследство, но она по што во Америка специјално го паметат е неговата улога во спасувањето на славниот Карнеги хол од уривање. Тоа е приказна како храмот на светската музика е спасен од булдожерите само поради извонредната умешност на Штерн во движењето за спасување на Карнеги хол, кој исплете толку важна мрежа на поддршка што градските власти се откажаа од таа идеја.

Што беше планот на градоначалникот на Њујорк? Во 1955 година беше објавен планот да се изгради нов музички комплекс, Линколн центар, на авенијата „Колумбо“, веднаш до Централ парк, кој треба да биде најголем во светот. Во него требаше да се сместат Њујоршките филхармоничари, Метрополитен операта, Балетот на Њујорк, Школата за музика „Џулијард“ и други културни установи, сето тоа на површина од 6,6 хектари. Со тој план судбината на Карнеги хол (тогаш веќе остарен и слабо одржуван дом изграден oд филантропот Ендрју Карнеги во 1891 година), ќе беше запечатена, затоа што беше седиште на Њујоршките филхармоничари и од наеменината добиваше средства за да може да функционира.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на колумната

Во зделките на моќните градители (од денешниов тип на Доналд Трамп) тогашниот сопственик се откажа од идејата да изгради облакодер со огнено црвена боја сѐ додека Линколн центарот не се изгради и музичарите не го добијат својот нов дом. Тогаш Исак Штерн ја почна својата кампања – со 12 концерти во само четири дена на Њујоршките филхармоничари во декември 1959 година под диригентство на Леонард Бернштајн (претставени како последни во Карнеги хол) успеа да го поттикне филантропот Џејкоб Каплан да одвои 100.000 долари (големи пари во тоа време) за продолжување на кампањата за спасување на славната сала. Дејствувајќи брзо меѓу обврските за „последните “ концерти Штерн ги собира граѓанските лидери во својот дом, комитетот се организира во почетокот на јануари 1960. Штерн успева да го убеди градоначалникот Роберт Вагнер дека Карнеги хол нема да му биде ривал на Линколн центарот и дека повеќе ќе се ангажира да служи како национален центар за музичка обука и развој на младите уметници. Со брзи и паметни чекори Исак Штерн успеа во мисијата, па градот Њујорк го купува Карнеги хол за 5 милиони долари во јуни 1960. Во текот на јули и август зданието е пребојосано, столиците претапацирани, теписите сменети, поставена нова сценска завеса. Интериерот е исчистен со пареа за прв пат по 40 години. Карнеги хол беше спасен. И не само што беше спасен, туку во 1964 година беше означен како Национално историско обележје, а во 1967 година стана посебно обележје на Њујорк. Може да го прашате Симон Трпчевски кога прв пат настапи во Карнеги хол во 2010 година со Балтиморскиот симфониски оркестар за да го изведе Концертот за пијано бр. 3 од Сергеј Прокофјев, каква возбуда му поминувала во телото и умот при помислата дека ќе настапи во славниот светски храм на музиката. Благоадарение на виолинистот Исак Штерн, пијанистот Симон Трпчевски 50 години подоцна свиреше во Карнеги хол.

Тажен крај

Другата голема приказна од големиот град е од истото време, но нејзиниот крај е тажен. Се работи за фасцинатната железничка станица „Пенсилванија“, исто на Менхетен. Кога беше отворена во 1910 година таа ги освои сите со својата величествена архитектура изградена во Бо-арт стил, со црвен гранит, спектакуларни прозорци и голема колонада од столбови надвор. Главната хала (најголем внатрешен простор во тоа време во градот) беше своевидна реплика на славните Римски бањи на императорот Каракала. Во својот сообраќаен врв во 1945 година опслужуваше 100 милиони патници годишно. Потоа, со развојот на авионите и можноста многу луѓе да имаат свои автомобили, значењето на оваа станица почна да пропаѓа, па во доцните 1950-ти сопствениоците, железничката компанија „Пенсилванија реилроуд“, немаше средства ни да ја одржува чиста. Во 1962 година беше донесен план да се урне терминалот и на негово место да се изгради центара за забава – него сите го знаеме сега: „Медисон сквер гарден“, а станицата да продолжи да функционира само под земја. „Њујорк тајмс“ во својот едиторијал тогаш напиша: „Кога прв пат се слушна за таквата идеја никој не беше убеден дека Пен станицата навистина ќе биде урната, или дека Њујорк ќе го дозволи овој монументален акт на вандализам против едно од најголемите и најубави обележја на своето време со римска елеганција. Ние веројатно ќе бидеме оценувани не по оние споменици што ги изградивме туку по оние што ги уништивме“.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Заев го чека тежок пат по калдрма

-Како автократите си честитаат едни на други

-Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

И како во случајот на Карнеги хол и за Пен станицата се формира комитет за спасување, но тој не успеа. Тогаш во Њујорк беше времето на големо градење, кога богатите инвеститори сакаа огромни заработувачки, нив не ги интересираше историското наследство. Цели станбени блокови со архитектонска вредност се уриваа за да се изградат огромни облакодери. Јавноста беше шокирана од овој вандализам на инвеститорите, но тоа помогна да се усвои закон за заштита, кој успеа да ја спаси другата позната железничка станица, Гранд централ, и уште 30.000 други згради кои ги чекаше иста судбина. Професорот од Јеил, Винсент Скули, објаснувајќи ја велелепноста на станицата пред 10 години изјави за „Њујорк тајмс“: „Порано еден човек влегуваше во градот како бог; сега се вовлекува како стаорец“. Последниве 20 години постојано циркулира идејата за повторна изградба на Пенсивалнија станицата, но досега нема ништо што би тргнало на патот кон изведба.

Една од помалите прикази е за стариот Битолски театар, мала градба од времето меѓу војните која беше урната во 1980 година за да се направи простор за изградба на големиот Центар за култура. Тоа беше време на социјализмот, но протести имаше многу, особено на културните дејци. Но тогашната власт не попушти и театарот во Битола беше срамнет со земја. Емотивните врски се многу често посилни од практичните. Така беше и во битолскиот случај. Архитектите знаат да кажат дека не сѐ што е изградено во минатото е вредно. И ако архитектурата се замрзне не ќе може да се развива градителството. Како што за да се изгради театарот во Битола пред 100 години биле урнати убави куќи во центарот на градот.

Митолошки врски

Другиот случај е од Скопје и митолошката поврзаност на неговите жители со стариот Офицерски дом, кој беше сериозно оштетен во земјотресот 1963 година, а урнат една година подоцна. Тој за оние што го знаеја во живо беше некаков недофатлив идеал – сјај што може да го почувствуваат и оние обичните луѓе што стапнале во неговата голема сала со кристални лустери. За оние што што не го знаат туку го идеализираат преку приказните со сликите изгледаше како загубен грал, многу повеќе од прекрасната железничка станица, која полуразурната остана да сведочи за природната стихија.

Прочуената британска писателка, новинарка и петеписец, Ребека Вест, во 1941 година ја издаде познатата книга „Црно јагне и сив сокол“ во која пишува за историјата и културата на Кралството Југославија. Била и во Скопје и еве ја нејзината оценка за Офицерскиот дом:

„Офицерскиот клуб е една од најгрозните згради во цела Европа. Граден е од цемент со боја на репка и изгледа како крст меѓу лонец за риба и мавзолеј, да речеме како гроб на некој поголем бакалар. Кога мојот сопруг доби шок поради обликот на оваа зграда за малку ќе испаднеше на калдрмата и јас извикав: ‘Ова е ужасен фијакер!’“

На многумина ќе им се збурбати, па дури може да фрлат и по некоја клетва кон Ребека Вест, затоа што нејзиното објаснување за зградата не соодветствува со митот граден со децении. Митовите треба да се хранат, па затоа сега се гради малку изменетата реплика на Офицерскиот дом.

Во мај годинава владата на албанскиот премиер Еди Рама реши да го урне стариот театар во Тирана и на негово место да изгради нов кој треба да биде одраз на футуристичкото време. Се разбира, гневот на граѓаните беше огромен, но тоа не го спречи Рама. Дел од оправдувањата беа дека театарот изграден од италијански архитект во 1939 година (составен од две згради) веќе долго време бил нефункционален и требале многу пари за неговото реновирање. Она што не го споменува Рама веројатно е поврзано и со некакво чувство за фашистичкото наследство во Албанија. Во времето кога беше граден Албанија беше своевиден протекторат на Мусолини, а во 1939 година фашистичка Италија и ја окупира земјата. Има една мала или голема разлика во овој случај – Еди Рама го претстави новиот објект што треба да стои на тоа место: извонредно здание на данскиот архитект Бјарке Ингелс, кое навистина е супер модерно, на линијата на она што се гради во европските градови: со една голема сала, две помали и сцена на отворено на покривот.

Новиот театар е дел од планот на Рама да го смени изгледот на Тирана и да ја доближи кон европските градови. Бриселската архитектонска група p51N4E веќе го редизајнира главниот плоштад „Скендербег“, италијанскиот архитект Стефано Боери го претстави мастер планот за „Тирана 2030“, со кој треба да се редизајнираат јавните простори на престолнината, да се изградат пошумени паркови и да се изградат коридори на биодиверзитет. Данското студио MVRDV, го дизајнираше начинот како градските споменици на комунизмот да се конвертираат во технолошки центар.

Расправата за судбината на Универзалната сала во Скопје е дел од овој наратив, без оглед дали е од Њујорк или од Битола. Бесмислено е да се споредува уметничката вредност на Карнеги хол и Универзална сала. Нема ништо за споредување. Единствената нишка за споредување е емотивната нишка. Јасно е што значи лимената кутија за скопјани, за тоа нема потреба посебно да се расправа – таа е влезена во кодот на секој граѓанин. Но прашањето е како од иконата да се направи нешто за таа да може да функционира – или да се урне.

Градоначалникот Петре Шилегов влезе во вителот што самиот го предизвика со првата идеја дека ќе се распише конкурс за некаква летна сцена и парк на местото на Универзална сала, а таа да се гради на друг простор. Во политиката некогаш една ситуација ја одредува сегашноста и иднината на политичарот, без оглед колку добри работи направил тој претходно. Случајот со Универзална сала е еден од тие моменти за Шилегов кој може да го одреди неговото градоначалникствување. Затоа што идејата за паркот и летната сцена, за која трае конкурсот, е многу несоодветна. Осум од 10 луѓе би се кладеле дека ако се прифати овој предлог на крајот ќе биде ништо за нешто. Откако виде дека целата разработка на идејата уште од првата минута трна на лошо, Шилегов сега вели дека имало неколку идеи за судбината на Универзална, но поважно било да се изгради нова концертна сала. Веројатно тоа е најдоброто од оваа расправа со силни емоции околу Универзална.

Дали секогаш треба да се слушаат архитектите, без оглед колку добри совети давале е прашање што ги мачи многу политичари. Така е и со Шилегов. На дебатата пред некој ден Мартин Пановски од Асоцијацијата на архиткети рече вака: „Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзална сала за нас архитектите и за македонската архитектура нема значење“. Пановски е во право, како и сите други – салата не смее да остане ваква затоа што се претвора во руина. Но ако за архитектите нема значење, таа има за најголемиот број на граѓаните. Но што да се направи прво – да се реновира Универзална или да се распише конкурс за вистинска концертна сала каква што Скопје сега нема. И да се направат вистински пресметки колку би чинело реновирањето, а не да се даваат бројки за кои нема никаква потврда. За уривањето на еден многу спорен објект од „Скопје 2014“, незавршениот споемник за Мајка Тереза на централниот плоштад, се вртеа бројки од повеќе стотици илјади евра, па дури до еден милион. Неодамна во едно телевизиско интервју архитектот Мирослав Грчев изјави дека не смее да има такви преувеличувања и дека според неговите проценки не би се потрошиле повеќе од 30.000 евра за уривањето на незавршената бетонската градба. Шилегов вели дека ќе треба да се потрошат најмалку 7-8 милиони евра за да се доведе во функција Универзална сала и таа да биде убаво и модерно место за концерти и приредби. Независниот синдикат на инженери и градежници тврди дека сумата ќе биде многу помала. Она архитектонско вселенско чудо кај Прилеп за чување на базата на податоци на МВР (што подразбира супер-безбедност) чини 3,4 милиони евра.

Сите зборуваат во некакви општи бројки, а не се знае ни проектот по кој би се одвивало реновирањето. За да може Градот Скопје да тргне од мртвата точка и да излезе од вителот што сам го предизвика, веројатно би требало паралелно да работи на двата проекти – реновирање на Универзална сала и и изградба на концертна сала на друго место. Нема потреба таа да се вика Универзална сала 2. Таа ќе си добие друго име какво што прилега. Шилегов самоуверено вели дека таа ќе биде „триумф на македонската архитектура“. Тоа е погрешно изразување – таа треба да биде триумф на модерната архитектура во Македонија, затоа што на тој конкурс рамноправно треба да учествува секој архитект од светот што мисли дека може да направи проект кој ќе одговара на времето и потребите. Македонија треба архитектонски да го направи вистинскиот допир со модерните визии во архитектурата и тоа не треба да се врзува само со луѓе од ова поднебје.

А Универзална? Таа подмладена, освежена, реинвентирана, намалена во капацитетот и понатаму ќе биде гордоста на Скопје и на солидарноста. Има многу настани што можат да се одржуваат во неа. За сето ова да се оствари треба добар план и добра организација. Со идеи кои пливаат на бранот на реакциите на социјалните мрежи, па денеска се едно а утре друго, и добриот концепт може да се урне уште пред да започне. 

 

Поврзана содржина

Реклама