1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Mazedonien Ohrid mit Festung über der Stadt
Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

Охридското Езеро на точка од која нема враќање?

ДТЗ
31 мај 2021

Објавен извештајот со кој се испраќа јасна препорака: Охридскиот регион да се стави на листата на светско наследство во опасност. 

https://p.dw.com/p/3uDEF

Центарот за светско наследство на УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот регион во јануари минатата година. На 125 страници детално се посочуваат сите неправилности околу грижата и заштитата на Охридското Езеро и во Северна Македонија и во Албанија. Во извештајот се бара забрзано спроведување на десетици препораки упатени до властите во двете земји, уривање на веќе изградените дивоградби и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето. Како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, во него се испраќа јасна препорача: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност. 

Нови закани

Мисијата заклучува дека активностите зададени во 2017 година не се исполнети со цел да се надмине ранливоста и заканите кои беа идентификувани пред неколку години. Не само што не кои неправилности не се сопрени, туку се појавуваат и нови проекти и планови кои го загрозуваат Охридскиот регион и укажуваат на нови закани. 
Пописот на дивоградбите е чекор напред, но рушењето на бесправно изградените објекти се одвива премногу бавно, особено во Северна Македонија, се наведува во извештајот во кој се бара да се забрза рушењето на терасите изградени на брегот на Охридското Езеро кои на места навлегуваат и во езерските води. Вакви појави се забележани не само во Охрид, туку и во Струга, каде како пример се посочува Радожда, со најголем број на изградени ресторани на крајбрежјето.

-повеќе на темата: Шамар од УНЕСКО поради негрижата за Охридското Езеро 

„Овојпат, заедно со Албанија го заслуживме истото, бидејќи носителите на власта и нивните прислужници по институциите, во дружба со крупните бизниси, бескрупулозно и насилно, во континуитет чинеа злодело кон едно од настарите езера на планетата Земја, го запустија наследството, ги нагрдија градовите, ја разграбаа земјата“, велат од невладината организација Охрид СОС. 
Според нив, за овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 видовме процеси со динамика еден напред-три назад, шоу со „рушење дивоградби“, план за управување кој се сведе на одредување број на катови, процеси на заштита кои се саботираа. 

Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Како резулат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, Светското наследство на Охридскиот регион е со висок степен на ранливост.Фотографија: DW/K. Delimitov

„Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува. Стручните лица на УНЕСКО, тоа лесно ги прозреа“, велат од Охрид СОС кои цитираат делови од извештајот во кој се посочува дека „како резулат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, Светското наследство на Охридскиот регион е со висок степен на ранливост“. 

Маските паднаа

„Сето тоа доведе до нессодветни интервенции, негативни ефекти врз градското планирање, предлози за проекти од големи размери што резултира во сериозно влошување на состојбата на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж и клучните атрибути на исклучителната универзална вредност. Со тоа, Светското наследство на Охридскиот регион ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност“, укажува УНЕСКО.

„Пред две години од Баку, властите, државни и локални, се пофалија дека го спасија светското наследство, но место тоа на терен само ги манифестираа(т) своите алчни коруптивни апетити за грабање и ништење. Ова скапо купено време го платија со плус две години деградација на Охридското Езеро, Галичица, брегот, живиот свет... Конечно, маските се симнати и можеме да го видиме вистинското лице на носителите на јавни функции“, децидни се од Охрид СОС. 

-повеќе на темата: Мерките за Охрид - „по свадба - тапани“

Центарот за светско наследство констатира дека „постоечките и планирани модификации и урбанизацијата ја интензивираат и онака ранливата состојба на регионот кон точката од кадешто нема враќање. По извештајот на УНЕСКО, кој беше испратен до македонските власти во јануари годинава, во кој состојбата во Охридскиот регион е најлошо оценета досега, премиерот Зоран Заев имаше средба со дел од министерите во Владата. На состанокот на кој се разгледуваше извештајот кој укажува дека во Охрид владее урбанистички хаос што го загрозува и уништува живиот свет, беше укажано дека ‘нацрт извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, до сега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот Регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат езерото‘.

Итно уривање на дивоградбите

Владата тогаш сооошти дена нема да попушти и ќе ги урне сите објекти кои се наоѓаат во заштитениот појас. За таа цел беше најавено дека ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото како што се, на пример, проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година, Љубаништа 1 и 2. Отстранување на дивопоставените објекти долж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, се само дел од забелешките нотирани во најновиот обемен Извештај на УНЕСКО. УНЕСКО бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.

-повеќе на темата:Мерко за ДВ: Струга ќе добие три пристаништа до крајот на годинава

 Општина Охрид изминатиот период започна со уривање на дел од обектите долж крајбрежјето, но паралелно со активностите за уривање на дивиградбите, се случи уште еден процес - најави и подготовки за никнување на нови објекти во близина на брегот на езерото, коишто предизвикаа бури реакции во јавноста, по што беше наложен и вонреден инспекциски надзор од надлежните институции.  За некои од препораките на УНЕСКО, Северна Македонија ќе има период од три години за да ги спроведе, но за поголемиот дел од нив се бара итно да се спроведат. 

Nordmazedonien Struga - Brennendes Schilf am Ufer des Ohridsees
УНЕСКО бара итно отстранување на објекти диво поставени на крајбрежјето и во Охрид и во Струга. Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska/DW

Во Националниот парк „Галичица”, кој е и под заштита на УНЕСКО, евидентирани се 2.321 објекти за кои тече постапката за легализација. Во Охрид на 50 метри од брегот се евидентирани 414 дивоградби. Од 15-те илјади барања за легализација до општина Охрид доставени пред две години - 11.000 биле се семејни куќи, 420 згради и 28 хотели.
Во Струга, пак, вкупниот број на поднесени барања за легализација е 10.639. Одбиени, некомплетни без елаборат се 4.470. Решени се 3.127 предмети. Во постапка се 3.038. Од тие 3.038, 65 објекти се на 50 метри од езерото. Од нив половината се одбиени.
Во подготовка е нов закон за легализирање на дивоградбите, откако старата верзија поради бројни критики беше повлечена од Собрание. Со неа нема да се дозволи легализирање на дивоградби во заштитеното подрачје на Охрид. „Надвор од заштитеното подрачје во Охрид, на зоните коишто се дозволени, надвор од планот за управување со Охрид, е дозволиво легализирање, секако ако има останато нелегални градби во охридското подрачје“, изјави деновиве премиерот Зоран Заев. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Nord-Mazedonien | Feierlichkeiten zum 151 Geburtstag von Goce Delcev (Goce Delchev)

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев во тензии

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница