Унгарија: Нов срамен случај на корупција за премиерот Виктор Орбан | Свет | DW | 18.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Унгарија: Нов срамен случај на корупција за премиерот Виктор Орбан

Парламентот во Будимпешта му го одзеде имунитетот на Пал Вернер, поранешниот државен секретар и поранешен заменик министер за правда. Тој беше една од клучните фигури во скандалот Пегаз во Унгарија.

Речиси и да не се случило некој близок до премиерот Орбан во Унгарија каква што ја креираше тој, да западне во посериозни потешкотии поради корупција. Но, сега се случува токму тоа: на 14.12. годинава парламентот во Будимпешта му го одзеде имунитетот на пратеникот Пал Велнер од владеачката Фидес. Тој една недела претходно се повлече од функцијата државен секретар и заменик министер за правда откако обвинителството соопшти дека против него отворило истрага заради сомнежи за корупција.

По службена должност потребна била согласност од Велнер во определувањето на извршители. Тој е осомничен дека за таа намена редовно наплатувал од 5500 до 13.800 евра од Ѓорѓи Шадл, претседателот на Советот на извршители, а како противуслуга назначувал кандидати кои претходно ги препорачал Шадл.

За неговите услуги Велнер вкупно наплатил околу 230.000 евра, додека пак Шадл зел повеќе од 2,2 милиони евра поткуп од извршителите. Според обвинителството, поткуп имало пред сѐ при распределбата на лукративни позиции, на пример во места со голем број случаи за присилно извршување или онаму каде што се работело за големи суми. Двајцата за договарање се среќавале на паркинзи или во ресторани, а Шадл вообичаено еднаш месечно му давал пари на Велнер.

Извршителите во Унгарија се самостоен орган на присилното извршување и истовремено имаат статус на државни чиновници. По многу жалби за нив и надзорот врз нив, во 2015 беше направена сеопфатна реформа на целата бранша. Од тогаш предуслов за извршување на дејноста е завршен правен факултет. Претходно само 40 од околу 200 извршители во земјата го исполнувале овој услов. Подобрен е и надзорот, барем на хартија. Но, во реалноста во минатото изгледа тандемот Велнер-Шадл „палел и гасел” во оваа бранша. Актуелниот случај на корупција веројатно ќе нанесе трајна штета на угледот на целата бранша.

Пари за атрактивни работни места

Шадл и неговата сопруга на почетокот на ноември 2021 беа уапсени на аеродромот во Будимпешта при обидот да патуваат во Дубаи. Од тогаш поранешниот шеф на Комората на извршители е во притвор, исто како и пет други лица од вкупно 12 осомничени во аферата. Според информации на медиумите, специјална единица на полицијата за превенција на кривични дела и корупција во државниот апарат уште есента 2021 го истражувала случајот, а во меѓувреме имало евидентни докази против Велнер.

Против него наводно има и исказ на еден од осомничените. 59-годишниот Велнер не беше само државен секретар, туку и сива еминенција, еден од најважните играчи во партијата на Орбан, Фидес. Директно избран пратеник, како и претседател на ограникот на Фидес во северниот регион Комаром-Естергом тој таму делувал како продолжена рака на партијата. Тој завршил во една позната гимназија во близина на северозападниот град Ѓер. Кон крајот на 80-тите години студирал право во Будимпешта, како Орбан и други ко-основачи на Фидес. Тој тогаш не бил во блискиот круг луѓе на денешниот премиер, иако се знаел со нив уште од тоа време.

Аферата Пегаз

По падот на комунистичката диктатура 1989/90, Велнер долг период бил адвокат. Дури во 2004 станува член на Фидес, а со победата на Орбан во 2010 добива директен мандат во парламентот и истовремено станува државен секретар во Министерството за национален развој. Во јавноста Велнер до неодамна повеќе важеше за стабилен стручен политичар отколку за партиски војник. Не бил често тема во медиумите сѐ додека името не му се појави во аферата Пегаз.

Како државен секретар за правда Велнер бил задолжен и за издавање дозволи за тајни прислушкувања побарани од безбедносните служби, меѓу другото и со помош на израелскиот софтвер за шпионажа Пегаз, кој барем по дефиниција служи за сузбивање на тероризам и организиран криминал ширум светот. Во Унгарија тој се користел и за прислушкување новинари и активисти - лица кои не биле вмешани во тероризам и организиран криминал, туку истражувале на темата корупција.

Дали Орбан може да ја спаси ситуацијата?

„Случајот Велнер е многу непријатен за целата влада", вели за ДВ Андрас Биро Наги, директор на „Полиси Солушнс”, политички тинк-тенк со седиште во Будимпешта и Брисел. Најважна тема на заедничкиот кандидат за премиер на здружената опозиција  е борба против корупцијата. Петер Марки-Зај тврди дека  владејачката партија развила високо институционализирана мрежа на корупција која речиси целосно ја има под контрола унгарската држава.  Премиерот Орбан  според првиот човек на тинк-тенкот сака да докаже дека случајот Велнер е поединечен и дека неговото однесување не е општа појава, ниту системски проблем на Фидес.

Фактот дека против Велнер се води истрага веројатно ќе изненади и многу од критичарите на  Орбан.  Биро Наги вели дека кога и да истражувале новинари во минатото за корупција во кругот на премиерот и партијата, или пак кога и да обелоденила опозицијата владин корупциски скандал, обвинителството излегувало со став дека нема основа да се отпочне истрага.

Ungarn Budapest | Pressekonferenz | Emmanuel Macron und Viktor Orban

Макрон и Орбан во Будимпешта, 13 декември 2021

Макрон сака примена на механизмот за правна држава

Засега е сосем нејасно како воопшто било можно во Унгарија каде јавната агенда главно ја диктира Виктор Орбан, на само неколку месеци пред парламентарните избори да излезе во јавност ваков спектакуларен случај на корупција. Шефот на кабинет на Орбан, Гергели Гулјас, нагласува дека случајот Велнер покажува оти Унгарија е правна држава и дека спротивните обвинувања не се издржани. Аналитичарит Биро Наги вели дека владата во Будимпешта може случајот да го користи како противаргумент во Европската комисија. Таа при распределбата на средства инсистира на критериуми поврзани со владеење на правото кои според неа во Унгарија се загрозени.

Сепак, прашање е дали случајот Велнер е доволен за ЕК за Унгарија повторно да биде етикетирана како правна држава. При неодамнешната посетата во Будимпешта францускиот претседател  Емануел Макрон  изјави дека Франција сака за време на шестмесечното претседателство кое почнува на 1.1.2022 во секој случај да го иницира механизмот за правна држава против Унгарија.  

 

Поврзана содржина