Уметниците имаат одговорност да творат гласно за времето во кое живеат | Македонија | DW | 06.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Уметниците имаат одговорност да творат гласно за времето во кое живеат

Современиот театар е личен и не е над приказната. Доста ми е од луѓе кои се над приказните, вели режисерката Билјана Радиноска. Во интервју за Дојче веле таа говори и за состојбите во македонскиот театар и општеството.

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ е последната претстава на режисерката Билјана Радиноска, која наиде на позитивни критики во јавноста. Во претставата, која повторно ќе игра од септември во Младинскиот културен центар, може да се забележат остри критики кон општеството, состојбите во македонскиот театар, актерите, но и останатите професии.

„Ќути си свиркај си“, велат актерите Симона Спировска, Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ и Ненад Митевски во нивните улоги. Театарот на сцена нуди еден современ и реален пресек на политичката и културната средина во која живееме. Иако македонското општество е изобилна средина за критиката, сепак малкумина македонски режисери се решаваат да го фатат тој пат. Режисерката Билјана Радиноска во интервју за Дојче веле, вели дека иако политиката е комплексна и ризична, сепак уметниците имаат одговорност да творат гласно за времето во кое живеат.

„Мене ме интересираат луѓето и нивното однесување. Ние дојдовме до еден момент кога нашите мисли станаа политизирани, нашите постапки, велам ’нашите’ бидејќи целата критика која ја давам е и кон нешто што некогаш и самата сум го помислила. Не е идејата на претставата да посочи кон дел од нас како најдобри, а кон овие другиве како лоши, бидејќи не е така. Целата идеја беше да се покаже дека одредени постапки од нашето функционирање, додека да се свестиме, може да станат начин на размислување. И без разлика дали си лево ориентиран или десно, кога ќе го преземеш тој начин на размислување правиш предавство, со она што ти е примарната функција во професијата, а тоа не е политиката. Професијата веројатно е во тоа да се развиваш, да отвораш работи, да носиш убавина, да раскажуваш приказни, да бидеш храбар да признаеш дека некогаш не си бил во право и си згрешил и да бидеш искрен“, вели Радиноска.

Претставата е базирана на приказната за галебот Џонатан Ливингстон од новелата на Ричард Бах. Овој бунтовник галеб, за разлика од другите галеби верувал дека не мора да лета само за ловење храна, туку сакал да ги совлада совршенството и уметноста на летањето. Желбите на галебот Џонатан го правеле различен од мнозинството галеби, заради што бил протеран од јатото, во самотија и изолација.

Радиноска вели дека ова е една од нејзините омилени книги и иако е книга за деца, ја прочитала за време на студиите и сфатила дека книгата говори за многу важни работи. „Тоа беше останато во мене и многу работи кои се случија во последно време, во театарот и генерално во општеството ме натераа да размислам за некои основни внатрешни потреби за личноста и душата, и така дојде галебот Џонатан. Се работи за многу убава метафора со летањето, да се осмелиш да посакаш различно за себеси и да се осмелиш да го направиш она кое длабоко го чувствуваш“, додава таа.

Mazedonien Biljana Radinoska Regisseurin

Македонската реалност е силно присутна во претставата на Радиноска

Џонатан не го болела толку самотијата, туку тоа што неговите браќа не сакале да чујат за убавината на летот и неговите откритија за слободата. Радиноска смета дека чувството на осаменост може да биде многу драгоцено чувство.

„Мислам дека многу луѓе длабоко се осамени. Постојат механизми со кои таа осаменост се покрива, но сепак е длабоко во сите. Мислам дека има многу луѓе кои се целосно загубени со тоа што го прават. Сепак, чувството на осаменост може да биде многу драгоцено чувство и да даде некое време за да оствариш контакт со себе, да се преиспиташ и да размислиш и да се редефинираш и да се поставиш себеси во средината. И, многу луѓе кога ќе го почувствуваат тоа чувство на осаменост, сакаат што побрзо да избегаат од тоа и така почнуваат да припаѓаат на одредени групи или движења, па кажуваат мислења што не се нивни, само за да припаѓаат некаде. Колку и да е понекогаш тажно, ја охрабрувам таа осаменост, бидејќи е многу важна за развојот на секој човек, без разлика дали зборуваме за уметноста или човекот како индивидуа“, вели Радиноска.

Македонската реалност е силно присутна во претставата. Вклучени се вистински приказни како онаа за бруталното апсење на студентот Горјан Атанасов по еден од антивладините протести, кога тој се здоби со повреди и помина една ноќ во притвор. „Она што ме привлече кај приказната за Горјан е што на некој начин таа завршува среќно, тој е ослободен, пак оди на протест, работи итн. Но има еден дел кој беше многу важен и некои од нас се пронајдовме во тоа чувство, кога вели, колку и да си невин, искуството може повторно да ја наруши потсвеста. Можеш да почнеш да мислиш дека си виновен, само заради тие околности и ситуацијата. И тој момент на соочување, премислување, двоумење, ми беше многу близок и интересен“ додава таа.

Радиноска и самата зема улога во претставата, и на сцена излегува да ги „тепа“ своите актери. Актерите се „принудени“ да се стават во понижувачки позиции, еден од нив мокри на сцената и прават се што ќе побара од нив оној кој ја води играта.

„Во театарот постои тенденција претставата да биде квалификувана како современа, што е лудо, дека мора да има и такви елементи внатре. И тоа беше еден мој револт, кон она што денеска се толкува како современо. За мене современото е лично, личното трагање по вистина за времето во кое живееме, тоа е она што го подразбирам за современ театар. Не мора да биде во фабулата на приказната, може да биде во играта, во ангажманот на сцена исклучително е важно како автор да бидеш дел од приказната, и да признаеш дека тебе ти се случува, а не дека си над приказната. Доста ми е од луѓе кои се над приказните“, вели Радиноска.

Личното е постојано присутно во „Да го поздравиш и да ми го бациш“. Во дел од претставата се пуштаат снимки од детството на актерката Наташа Петровиќ, кои според Радиноска се дел од една мала носталгија по детството, или поточно по оној момент кога сите мислеле дека се е можно.

„Таа мисла дека се може да се направи и дека се е возможно е нешто кое сметам дека е длабоко неопходно, без разлика колку години имаме, се е можно, само тоа некаде по пат го забораваме, вербата“, додава таа.

Реклама