Украински критики за Германија: „Големо разочарување и огорченост“ | Информации и анализи за Германија | DW | 20.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Украински критики за Германија: „Големо разочарување и огорченост“

Германскиот канцелар Олаф Шолц најави натамошна финансиска и воена поддршка на Украина. Но, оружјето нема да стигне директно од Германија. Ова наиде на критики од сопствените редови и од украинскиот амбасадор Мелник.

Украинскиот амбасадор Андриј Мелник ги критикуваше изјавите на германскиот канцелар Олаф Шолц за натамошна испорака на оружје како недоволни. Изјавите на канцеларот во украинскиот главен град Киев се примени на знаење „со големо разочарување и огорченост“, истакна Мелник. Поздравена е сепак спремноста на  Германија да стави на располагање дополнителни финансиски средства за купување оружје, но и натаму остануваат повеќе прашања отколку одговори. „Тезата дека Бундесверот не е во состојба да испорача ништо повеќе за Украина е неразбирлива“, изјави Мелник.

Бундесверот има преку 400  тенкови „Мардер“, од кои само околу сто се користат за обука и тренинг, па затоа можат веднаш да ѝ бидат испорачани на Украина. Освен тоа, според сознанија на амбасадорот, Бундесверот има околу 800 транспортери „Фукс“, од кои голем дел не се користат и можат да бидат испратени во Украина. „Решавачка секако би била и испораката на самоодни артилериски хаубици 2000". Бундесверот има околу 120 вакви артилериски орудија со долг дострел, вели Мелник.

Украина треба да порача директно кај производителите

Шолц  синоќа јасно стави на знаење дека кога е во прашање испорака на оружје од резервите на Бундесверот, Германија веќе е стигната до своите граници. Германија мора да ја зачува способноста за сопствена одбрана од руски напади, истакна Шолц. Алтернатива е најдена во можноста  Германија да финансира  директна испорака на оружје од германската индустрија за производство на оружје на Украина.

„Ја замоливме германската индустрија за оружје да ни каже кој материјал може да го испорача во блиска иднина. Украина избра што сака од таа листа и ние им даваме пари за купување. Тоа, како и досега, вклучува противтенковско оружје, противвоздушна опрема, муниција и сѐ што може да се користи во артилериска борба“, рече Шолц.

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

Освен тоа, НАТО-партнерите можат да ѝ испратат на Украина оружје од советско производство, а од  Германија ќе добијат замена за него.

„Оружјето кое ни е потребно, не е на оваа листа“, истакна украинскиот амбасадор Мелник, кој се пожали на недоволна координација во поглед на испораката од германската индустрија за оружје – приоритетите на Украина не се земени доволно во обѕир.

„Од германската влада бараме во ова клучно прашање да игра со отворени карти и да не заобиколува непотребно. Секое непотребно одлагање чини човечки животи“, изјави Мелник.  За вториот канал на германскиот јавен ТВ сервис, ЦДФ, Мелник потенцираше дека на листата за можна испорака на оружје која Украина ја добила пред неколку недели од Германија, воопшто не се наоѓаат тешки оружја: „Оружјето кое ни треба, воопшто не е на оваа листа".

Хофрајтер: „Мораме да направиме многу повеќе“

Политичарот од Зелените Антон Хофрајтер исто така ги критикуваше најавите на Шолц за недоволни. Најавената поддршка на партнерските земји во испорака на оружје во Украина е „натамошен чекор во вистинска насока, но не е доволен“, изјави тој за порталот т-онлајн. За Редакциската мрежа на Германија Хофрајтер објави дека вистински решавачки е Украина брзо да добие и тешко оружје. „Офанзивата (на Русија) во источниот дел од Украина веќе започна. А не треба да се заборави: Германија е економски најсилна држава во Европската унија, затоа треба да направиме многу повеќе“.

И политичарката од коалициониот владин партнер ФДП, Мари-Агнес Штрак-Цимерман повторно го критикуваше канцеларот: „За слобода и човекови права нужна е борба, тие не се добиваат на подарок. За таа цел денеска чувме малку конкретни работи“, напиша таа на Твитер, истакнувајќи – во споредба со други земји, Германија уште многу заостанува.

Критика стигна и од Унијата (ЦДУ/ЦСУ). „Премалку, предоцна“, тоа е горчлив биланс по прес конференцијата на Шолц, напиша заменикот шеф на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, Јохан Вадефул на Твитер, додавајќи: „Германија и натаму не испорачува тешко оружје, тоа значи ја остава Украина на цедило.“