Украинските трупи во највисока борбена готовност | Свет | DW | 11.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Украинските трупи во највисока борбена готовност

По новите тензии со Русија, Украина ги стави во највисока борбена готовност воените единици на истокот на земјата и во регионот на Крим. Русија претходно ја обвини Украина за диверзантски упад на Крим

Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека им наредил на сите воени единици, во близина на Крим и во источниот регион Донбас, највисоката состојба на борбена готовност откако Русија го обвини Киев за диверзија на полуостровот Крим. Во одделна изјава, портпаролот на украинската војска рече дека Украина од средата одржува од порано планирани воени вежби во јужна Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин во средата го обвини Киев дека користи терористички тактики за да провоцира нов конфликт и дестабилизација на Крим, регион кој Москва го анектираше во 2014 година. Украина ги отфрли сите обвинувања, нарекувајќи ги циничен изговор за нови воени закани врз Украина.

Москва во средата објави оти спречила група вооружани диверзанти кои по подводен пат сакале да влезат на Крим. Рускиот весник „Комерсант“ во денеска цитираше изјава на неименувани безбедносни извори дека е уапсената група планирала напади на Крим за да ја уништи тамошната туристичка индустрија. Изворите додаваат дека двајца од седуммината диверзанти се убиени, а останатите се притворени. Поголемиот број од нив се жители на Крим, а некои имале и руски пасоши.

Тие наводно планирале низа бомбашки напади врз туристички точки на Крим, и оти цел им било да прошират паника, а не да убијат некого. Руската морнарица планира да одржи вежби во Црното море во кои би работела на одбивање подводни напади, објавија руските новински агенции, цитирајќи го министерот за одбрана.

Претседателот на Русија Владимир Путин денеска разговараше со високи претставници за безбедност за засилени мерки на безбедност на Крим по наводите за спречените терористички напади. Путин со високите претставници за безбедност разговараше за дополнителни мерки кои би обезбедиле безбедност на граѓaните и инфраструктурните објекти на Крим, по запирањето на терористичките напади на полуостровот од страна на руските специјални сили

Кремљ соопшти дека на состанокот „детално се разгледани мерките на безбедност против тероризам на копнената граница, во водите и воздушниот простор на Крим“.

САД засега не гледаат ништо што ги потврдува руските обвинувања за украинскиот напад на Крим, рече денеска американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пјат, додавајќи дека американските санкции кон Русија остануваат во сила сѐ додека полуостровот не се врати на Украина. „Русија има историја на чести лажни обвинувања на Украина за да го одвлече вниманието од своите илегални работи“, напиша Пјат на Твитер.

DW.COM

Реклама