Украина раскрсти со старите политичари и партии | Свет | DW | 22.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Украина раскрсти со старите политичари и партии

Што сѐ може демократијата во моментов најдобро може да се види во Украина. Парламентарните избори потврдија политички пресврт кој нуди многу повеќе отколку само нови лица на политичката сцена, смета Бернд Јохан.

Ukraine | Wahlen | Sviatoslav Vakarchuk (picture-alliance/dpa/Photoshot)

Еден од новите: Свјатослав Вакарчук, лидер на „Голос“

Првичните резултати од изборите во Украина покажуваат јасна победа на партијата на претседателот Володимир Зеленски. Никаде на друго место во Европа на демократски начин не може да се случи толку брза и енергична политичка промена како во Украина. На изборите се случи замена на старите и непопуларни елити, што не води само кон генерациска промена на политичката сцена, туку има последици и за партискиот пејсаж. Движечка сила зад овој процес се луѓето во Украина. Тие веќе не им веруваат на старите политички групации. Веројатно токму затоа речиси половина од гласачите на парламентарните избори гласаа за новите партии, а со тоа и за радикално нов почеток. Старите сили и нивните партии се казнети.

Обновена потврда за политиката на новајлијата Зеленски

Потребно е уште некое време додека официјално се пребројат сите гласови за Врховната Рада. И бидејќи местата во украинскиот парламент се пополнуваат половина преку изборните листи и директни мандати, ќе потрае уште некое време додека се искристализира соодносот на силите. Но едно е јасно уште сега: новооснованата партија „Слуга на народот“ на претседателот Володимир Зеленски е јасен победник на изборите. На повидок е дури и апсолутно мнозинство. Со право полага право на составување влада. 

Успехот на поранешниот комичар и ТВ-ѕвезда Зеленски е очекуван по победата на претседателските избори, кои во април буквално го катапултираа на чело на политиката во Киев. Ниската излезност на парламентарните избори е мала сопирачка. Но, причината за тоа веројатно лежи во фактот дека изборите беа предвремени и се случуваат сред лето.

Johann Bernd Kommentarbild App

Бернд Јохан

Украинците сакаат промени

Речиси сите кандидати на листата на „Слуга на народот“ кои ќе влезат во идниот парламент се непознати. Ова е нивната слаба точка, бидејќи им недостасува политичко искуство. Но, гласачите во тоа гледаат предност - новите лица треба да донесат свежина во парламентот. Во една демократија тоа се вика - нов почеток. Вреди да се забележи дека покрај партијата на Зеленски „Слуга на народот“ уште една нова партија го надмина минималниот праг од 5% за влез во Врховната Рада. Тоа е партијата „Голос“ на популарниот украински рок музичар Свјатослав Вакарчук. И оваа партија е основана пред изборите.

Старите политички елити – губитници

Претставниците на старите политички касти се губитници на овие избори. Тука спаѓаат проруската „Опозициска платформа за живот“ на олигархот Виктор Медведчук, кој кратко пред изборите демонстративно отпатува во посета на рускиот претседател Владимир Путин. Медведчук има тесни врски со Путин. Неговата партија со над 10% поддршка ќе биде втората најсилна партија во парламентот. Но, речиси ништо не е останато од силата која ја имаше оваа проруска партија во времето пред војната во Донбас. Лошите резултати покажуваат колку агресивната политика на Путинг против Украина го ослабува прорускиот табор таму.

Губитници се и Јулија Тимошенко со нејзината парија „Татковина“, како и партијата „Европска солидарност“ на поранешниот претседател Петро Порошенко. Поразот е горчлив особено за Порошенко. Речиси ниту еден од десет гласачи не гласал за неговата партија. Поразителниот резултат не би можел да биде основа за да ја предводи силната опозиција која ја најави. Радикалните сили исто така не играат никаква улога на овие избори. Спротивно на тоа што беше објавувано во руската пропаганда, и на овие изборид исто како и во 2014 година, десните радикали или фаштистички групи не постигнаа никаков успех.

Тест период за Зеленски

За претседателот Зеленски сега започнува вистиски тест период. Пред сѐ тој мора брзо да ги испорача првите политички резултати во соработка со парламентот. Тука спаѓаат активности за решавање на конфликтот со Русија и сепаратистите во Донбас, но и решителни чекори во борбата против корупција и непотизмот на супербогатите украински олигарси. Тоа не го очекуваат само гласачите, туку и партнерите на Украина во Европа.

DW.COM

Реклама