Украина: Дали ќе има „коридори за жито”? | Свет | DW | 09.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Украина: Дали ќе има „коридори за жито”?

Рускиот министер за надворешни работи Лавров во Анкара изјави дека постои начелна подготвеност за евентуален „коридор за жито”. Преку него житарки од Украина ќе може да бидат извезувани во светот. Во Киев се скептични.

Ukraine Weizensilo in Nowoworonzowka, Symbolbild

Силос за пченица во Нововоронцовка, Украина

Силосите се полни, капацитетите за складирање речиси исцрпени. Повеќе од 20 тони житни култури кои се наменети за светскиот пазар, според податоци на ООН, се наоѓаат во Украина. Во мирни времиња, Украина преку 50% од извозот го правеше преку нејзиното најголемо пристаниште во Црно Море, Одеса. Но, од почетокот на руската агресија, кон крајот на февруари, крановите за товарење не се помрднати.Блокада од страна на руската црноморска флота спречува секаков увоз или извоз. Покрај тоа, бројни морски мини го попречуваат поморскиот сообраќај на украинското крајбрежје, а не се знае точно колкав е нивниот број. Единствено се знае дека Романија и Турција веќе мораа да деминираат, бидејќи имаше мини кои пловеа низ Црно Море откако се откачиле од прицврстувањето.

Житните култури се итно потребни во повеќе земји од африканскиот континент и во Блиски и Среден Исток, каде лебот и житарките веќе се кнап. И Украина зависи од приходите од извозот на житарки. Киев изминатите недели се обидуваше да извезува во странство по железнички пат. Но, различната широчина на коловозите во Украина и остатокот од Европа, како и недостигот од транспортни вагони на европска страна, го забавуваат можниот извоз по железнички пат.

Расчистување на мините и коридори за извоз

Затоа со недели се притиска извозот на житни култури повторно да се одвива преку Црно Море. Од таа причина, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше во Анкара. Според информации на медиумите, постигнат е начелен договор со турската страна, според кој турската морнарица треба да ги расчисти водите околу украинските пристаништа од мини и да обезбеди сигурен транспорт за бродовите што ќе пренесуваат жито, заштитувајќи ги од можни напади.

„Имаме волја да овозможиме безбедност на бродовите кои ги напуштаат украинските пристаништа“, рече Лавров во средата (8.06) на прес-конференција во Анкара, „и тоа во соработка со нашите турски партнери“. Во Истанбул треба да се направи координативен пункт на ООН, преку кој ќе се регулира како извезените житни производи ќе бидат понатаму распределувани по светските пазари.

За товарење на житото во моментов се разгледуваат три опции: покрај Одеса, уште и соседните пристаништа Черноморск и Јужне. Но, предвид доаѓа и извоз од Миколаев, каде што се водат жестоки борби, како и од запоседнати пристаништа, како Мариупол.

Украина генерално е заинтересирана за таков договор, но засега има големи задршки. Украински претставници не присуствуваа на средбите во Анкара. ООН веќе предложија да формираат четворка за контакт, во чиј состав ќе бидат претставници на ОН, на Турција, на Русија и Украина, и да разработат контролен механизам за можен житен коридор.

Lawrow zu Besuch in Ankara

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров (л.) во Анкара (8.06.2022)

Турција како сила заштитничка?

„Таков коридор би можел да се реализира ако сите го сакаат тоа”, смета Беате Апелт, директор на канцеларијата на фондацијата „Фридрих Науман“ во Истанбул. Но, има повеќе спорни точки. Пред сѐ околу прашањето за блокади преку мини, кои обете страни ги имаат поставено на украинското крајбрежје.

„Украинската морнарица на тој начин сака да спречи операции на руските воени бродови околу Одеса”, вели Апелт. Тие мини мора да бидат отстранети за да може безбедно да пловат бродовите со жито. Тоа, според турски извори, би било можно за недела до две. „Турската морнарица за таква задача е една од најискусните во рамки на НАТО, има 11 бродови за расчистување мини и потребниот персонал за такви операции”, вели турскиот безбедносен експерт Јорук Исик од Средноисточниот институт во Истанбул.

Но, расчистувањето на мините околу Одеса би го оставиле пристаништето и по малку незаштитено. Киев стравува дека руски воени бродови би можеле да го нападнат најголемиот пристаништен град во земјата благодарение на расчистениот коридор и затоа бара безбедносни гаранции, како на пример западни анти-бродовски ракети што пак Москва строго го отфрла како опција.

„Не можам да си замислам дека некој во Киев ќе верува на ветувањето од Москва дека нема да нападнат со оглед на ужасите од досегашното војување", вели Апелт. „Тука во игра влегува Турција, која не само што посредува за коридорот, туку сака и да го обезбедува со сопствени бродови.“

Украина: Нагазни мини по нивите, блокиран извоз на жито од земјата

НАТО-бродови за сигурност?

Анкара генерално е подготвена да го исполни тоа барање. Спорно е дали на Киев ќе му биде доволно само турски бродови да се грижат за безбедноста. За да се согласи Киев, безбедносните гаранции ќе мора да бидат спроведени од повеќе држави, смета Исик, како на пример соработка меѓу Турција и Велика Британија и САД. Тоа, пак, не е неризично. Досега НАТО со своите сили се држеше строго настрана од конфликтот. Ако така заштитуван конвој сепак биде нападнат, борбените бродови на НАТО сепак би биле директно инволвирани во воени дејствија со што се заканува натамошна ескалација на војната.

Русија, пак, инсистира да ги контролира меѓународните танкери за жито пред да се вкотват во украински води. Москва е загрижена дека во спротивно би можело да биде испорачано оружје за Украина. Киев досега стриктно одбива такви проверки.

- повеќе: Проверка на факти: Дали гладот се користи како оружје во војната во Украина?

Спорно е и како ќе се делат приходите од продажбата на житните култури. Се зборува за извоз не само од Одеса, туку и од пристаништа кои сега веќе се под руска контрола. Кој колку средства ќе добие во преговорите ќе може да биде точка на огорчен спор, особено што Киев веќе сега ѝ префрла на Русија дека краде жито и го извезува преку окупираните пристаништа во Сирија, а можеби и во самата Турција. Украинската амбасада во Анкара од Турција бара руските бродови на Босфор да бидат построго контролирани во поглед на украдени добра, но тоа засега не покажа резултати.

Symbolbild I Ukraine I Weizen

Според Светската агенција за храна, светот има само неколку недели за да изнајде решение за житото од Украина

Патот до конечното спогодување е долг. И, тој пат за Западот е многу болен: „Москва веројатно ќе даде согласност за житен коридор по цена на ослободување од дел од санкциите против нив”, вели Апелт.

- повеќе: Празни зборови или искрена подготвеност: Ќе тргне ли житото од Украина?

На заедничката прес-конференција со рускиот колега Лавров, турскиот министер за надворешни работи навести можни отстапки во тој поглед: „Ако разговараме за тоа повторно да го отвориме меѓународниот пазар за житарки од Украина, отстранувањето на пречките за рускиот извоз го сметаме за легитимно барање“, вели Чавушоглу.

„Тешка е ситуацијата во која Украина и нејзините западни партнери мора да одлучат", вели Беате Апелт, која нагласува дека и времето притиска.

Според Светската агенција за храна, светот има само неколку недели за да изнајде решение. Од јули веќе претстои годинашната жетва во Украин,а за која во актуелно преполнетите силоси во земјата тешко дека ќе има место.