Укинување на ветото во ЕУ: Поддршка за „револуцијата на Хајко Мас“ | Свет | DW | 10.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Укинување на ветото во ЕУ: Поддршка за „револуцијата на Хајко Мас“

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас има поддршка од Европскиот парламент за предлогот да се укине едногласното носење одлуки во надворешната политика на ЕУ. Но, експертите се многу скептични.

Брисел во последно време се повеќе и се лути на Унгарија, која редовно блокира одлуки и заклучоци на Европската Унија кои, меѓу другото, се однесува на заедничкиот буџет или пак на Хонг Конг или Блискиот Исток. За нив е потребна едногласна одлука на сите 27-земји членки на ЕУ. „Не можеме повеќе да дозволуваме да бидеме заложници на оние кои со своето вето ја парализираат европската надворешна политика,“ рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во понеделникот (07.06.2021) на конференцијата со амбасадорите во Берлин на која се разговараше токму за надворешната политика на ЕУ.

Ветото мора да се укине, дури ако тоа значи дека еден ден може ќе бидете и надгласани“, категоричен беше Мас.

Европската Унија нема заедничка надворешна политика во потесна смисла на зборот. Институциите на ЕУ само се обидуваат да ги координираат политиките на 27-те држави членки. Поради тоа, основните договори на ЕУ бараат и почитување на принципот на едногласно одлучување. Теоретски тоа може да се заобиколи без промена на договорот и тоа со примена на таканаречената клаузула „пасарела“ (премостување). Во тој случај членките на ЕУ може да се договорат одлуката која треба да биде изгласана едногласно, да се донесе со мнозинство гласови. Проблемот е во тоа што и за тоа мора да се одлучи едногласно.

Повеќе: Брисел резервиран, Будимпешта против укинувањето на ветото во ЕУ

 Последните години Мас во своите интервјуа повеќепати се заложи за укинување на ветото во однос на носење надворешно-политички одлуки. Сите такви иницијативи, како сегашната, наидоа на големо одобрување во Европскиот парламент, но и на отпор во многу држави членки и скепса меѓу експертите.

Iratxe Garcia Perez

Европарламентарката Ираксе Гарсиа Перез

„Целосно се согласувам со Хајко Мас“, вели Ираксе Гарсиа Перез, претседателка на Клубот пратеници од левиот центар С&Д (Прогресивен сојуз на социјалисти и демократи), во кој се и германските социјалдемократи. Во интервју за ДВ таа потсетува дека С&Д веќе подолго време бара да се укине принципот на едногласност во однос на надворешната и безбедносна политика. „Правото поединци да може да вложуваат вето е осудено на неефикасност. Тоа мораме да го надминеме ако сакаме ЕУ да стане вистински глобален играч со силен и важен глас,“ вели Перез. Ако 26 држави членки говорат во еден глас за Кина, Русија или Израел, неприфатливо е владата на 27та членка да ја поткопува оваа заедничка линија, нагласува Перез.

 „Едногласноста ги поткопува ефикасноста и кредибилитетот на ЕУ“

Ги Ферхофштад од Клубот пратеници Renew Europe (Обнова на Европа) исто така позитивно реагираше на иницијативата на Мас. „Точно! Изрекувањето санкции на ЕУ за Белорусија се влечеше со месеци, Унгарија го кочи донесувањето на декларацијата на ЕУ за Хонг Конг, Кипар стави вето на Г7 амбициите на Европската Унија за оданочување на корпорации. Секој ден се соочуваме со нови примери кои покажуваат дека едногласноста ја поткопува ефикасноста и кредибилитетот на ЕУ,“ рече Ферхофштад.

И Манфред Вебер (ЦСУ), претседател на Демохристијанските европски народни партии во Европскиот парламент, излезе на европските избори во 2019 со барање за укинување на правото на вето во однос на надворешната политика на ЕУ.

Guy Verhofstadt

Европратеникот Ги Ферхофштад

Сѐ уште е прерано?

Покрај ваквите барања кои доаѓаат од Европскиот парламент, многу држави на ЕУ не сакаат да го променат својот курс – а без нив револуцијата на Мас не може да се спроведе. Се уште е прерано за укинување на правилата на едногласност, вели еден дипломат во Брисел поставувајќи реторичко прашање: „Може ли некој да си замисли дека Грција би била надгласана во политиката кон Турција? Или Полска во политиката кон Русија?“

Официјални изјави за иницијативата на Мас се очекуваат најрано на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург на 21 јуни. Кога минатата година во ЕП се оддолжи донесувањето на одлуката за продолжување на санкции против официјалните претставници на режимот во Белорусија собрани околу Александар Лукашенко, бидејќи Грција и Кипар ги условија со носење одлука против Турција, Советот на ЕУ инсистираше на почитување на принципот на едногласност – иако во случај на продолжување на санкции постои можност за носење одлука со мнозинство. Дури и Полска и Литванија беа против кршење на правилото на консензус, иако тие инсистираа и на проширување на санкциите за Белорусија.

„Ова не е залудна дебата“

„Ова не е залудна дебата и Германија со право повторно го отвора ова прашање“, вели Георг Рикелс од Центарот за европска политика во Брисел. „Не би го поврзувал ова со предизборната кампања во Германија. Светот се враќа во тешка игра – геополитика, така што ЕУ би требала да созрее за да делува ефикасно. Ако ЕУ за се се држи до принципот на едногласност и претстојат тешки времиња“.

Рикелс признава дека промена на ЕУ-договорите не е на дневен ред во моментот и дека преодната „пасарела“ клаузула засега не може да се примени. Но, би сакал „подетална дебата“. Не може да замисли носење одлуки кои се однесуваат на мнозинството, како на пример за одбранбени прашања, но може за наметнување санкции или за човекови права.

„При тоа би требало да се разгледа како да се постапува во однос на приговорите во случајот на унгарското вето на декларацијата за Хонг Конг. Решението би можело да биде носење декларација од 26 земји членки без Унгарија,“ вели Рикелс.

Тема за консултации со граѓаните на ЕУ

Идејата за оддалечување од вето-принципот ја промовираше и Жан Клод Јункер кој беше шеф на Европската комисија од 2014 до 2019 година. „Да се даде суверенитет онаму каде што е потребно ја прави посилна секоја од нашите земји“,  рече Јункер во својот говор за состојбата во ЕУ, во 2019. И ги повика земјите членки да се оддалечат од актуелното правило на едногласност кога се во прашање надворешно политички одлуки.

Германскиот министер за надворешни работи Мас предложи ваквите теми да се стават на дневен ред на „Конференција за иднината на Европа“ - консултациите со граѓаните ширум ЕУ, кои се во тек и кои би требало да бидат завршени следната година со конкретна предлог реформа на ЕУ.

„Многу е веројатно дека прашањето за ублажување на правилото за едногласност во надворешната политика ќе се појави во завршниот пакет предлози за реформа на ЕУ. Но, признавам дека не гледам сериозна шанса оваа реформа и да се спроведе,“ заклучува Јанис Еманулидис од тинк-тенкот – Центар за европска политика.