1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Viktor Dimovski Direktor Agentur für nationale Sicherheit
Виктор Димовски го најави стартот на Агенцијата на прес-конфренција на 1 септемвриФотографија: DW/P. Stojanovski

УБК замина, АНБ проодува под критики

Катерина Блажевска
30 септември 2019

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се формира нова комисија и да се ревидира процесот на селекција во Агенцијата за национална безбедност. Директорот на АНБ вели дека се работи согласно со законот.

https://p.dw.com/p/3QSwa

СДСМ ја уништи идејата за реформи во безбедносниот сектор, а стартот на работењето на новата Агенција за национална безбедност (АНБ) е целосно фијаско, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатите денови се намножија критики за начинот на кој се вршела селекција на кадрите за ноформанираната Агенција, којашто треба да го замени со децении компромитираното УБК, и да не биде во составот на МВР. На 1-ви септември годинава, директорот на АНБ, Виктор Димовски,на прес-конфренција го најави стартот на Агенцијата. 

„УБК заминува во историјата, денеска е првиот работен ден на Агенцијата за национална безбедност, според современите европски модели во служба на граѓаните и интересите на државата. Сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање и со внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција", рече Димовски.

Триесет дена подоцна опозицијата изнесе серија критики за АНБ.

„Тоа што Заев го направи со СЈО, сега гледаме дека го прави и со АНБ. Наместо професионализација, стандарди и систем на кариера, критериумите што за влез и распоредување во новоформираната Агенција се партиска книшка, роднинска поврзаност и по можност инволвираност во криминал за да може да бидат уценувани за извршување на партиски задачи", обвини Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата прашуваат дали меѓу селектираните има лица со криминални досиеја и лица кои биле предмет на опсервација на поранешната УБК, лица за кои биле поведувани дисциплински постапки затоа што несовесно ја вршеле работата, зошто се елиминирани професионалци кои со години работеле во безбедносниот сектор, и зошто при преземањето не бил спроведен тест на интегритет, ниту психолошко или писмено тестирање на кандидатите.

Повеќе:Стари стравувања за новата тајна служба

Димовски: Комисијата работи согласно со закон

Одговор побаравме од директорот на АНБ, но практично не може да се разговара за конкретни случаи, бидејќи согласно со законската регулатива бројот, имињата и конкретните работни позиции на припадниците на безбедносните служби се класифицирани информации.

„Заради тоа, за сите постапки поврзани со конкретни случаи се реферира и се разгледуваат во рамките на надлежни тела за контрола и надзор врз работата на безбедносните служби“, вели Димовски.

„Кај нас тоа е надлежното собраниско тело за надзор на работата на Агенцијата, а во случај на потреба и останатите работни тела за надзор, согласно член 59 од Законот: Народниот правобранител, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Државниот завод за ревизија, Советот за граѓански надзор и други органи“, објаснува тој. 

Во однос на критиките за селектирани работници, наводно спротивно на законските одредби, Димовски вели дека е постапувано исклучиво по општите и посебни услови за засновање на работен однос согласно со член 67 од Законот.

„Водено е сметка за правичната застапеност согласно член 68 од законот и притоа уште на самиот почеток на работа на АНБ истиот е подигнат од 11.3 на 16.4 проценти. Ниту еден кандидат, за кој со постојната евиденција постоеја информации дека поседува двојно државанство, не беше селектиран. За оние кандидати кои претходно подолг период работеле на сензитивни места во УБК и кои поднеле барање за отпуст од второто државјанство Комисијата усвои препорака - раководството на АНБ во случај да добијат отпуст да ги има предвид како приоритетни при евентуални идни вработувања. За неколку кандидати по донесените одлуки за извршена селекција добиени се дополнителни информации за можно постоење на судиир на интереси и сите овие информации се предмет на дополнително постапување во рамките на АНБ и за нив ќе се носат одлуки во зависност од резултатите на проверката“, вели директорот на АНБ.

Тој потсетува дека Комисијата одлучувала согласно однапред усвоен Деловник за работа, предвиден во член 186 од Законот за АНБ.

„Комисијата одржа вкупно 39 седници и во рамки на законски утврдените рокови, со мало отстапување поради обемот на работа (кој вклучуваше и интервју со секој од пријавените кандидати), изврши селекција на потребниот број кандидати согласно горенаведените критериуми. Во текот на работата за еден помал број на апликанти се наложи потреба од дополнителни проверки и за овој дел беше одлучувано во текот на месец септември", изјави директорот на АНБ.

Комисија за селекција и избор на работниците од УБК ја сочинуваа директорот, двајца претставници од МВР, двајца пратеници на предлог на надлежното работно тело на Собранието за надзор на работата на Агенцијата и двајца претставници на Македонскиот полициски синдикат.

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
ВМРО-ДПМНЕ бара да се ревидира процесот на селекција на кандидатите за АНБФотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ бара ревизија на процесот

Сега ВМРО-ДПМНЕ бара да се ревидира процесот на селекција на кандидатите и да се формира нова комисија бидејќи сметаат дека постојната го загубила кредибилитетот.

„Без соодветен одговор и без доверба во новоформираната институција, нема да добиеме Агенција која ќе служи за да се грижи за нашите граѓани и ќе биде почитуван партнер на безбедносните служби од нашите пријателски земји, туку ќе добиеме уште еден партиски апарат кој ќе произведува нови афери со огромен ризик по нашата држава (...) Затоа собраниската Комисија за надзор на службите излегува со сериозен сомнеж за кршење на законите уште од самиот старт на оваа Агенција", рече Георгиевски.

Собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите во минатиот петок беше во посета на АНБ, но заради класифицираните информации нејзиниот претседател Емил Димитриев не можеше да даде повеќе одговори. Но посочи друга дилема, која како што рече, била од правен аспект.

„Во кој даден момент треба да се направи прекин на наредбите од старата институција (УБК) и продолжување на наредбите од новата институција (АНБ)? Има одредени разлики. Но, сакаме тоа дополнително да го провериме со Оперативно техничката агенција (ОТА) и со Врховниот суд, потоа ќе одржиме состанок на Комисијата и ќе имаме дефинитивно вистинска слика дали Комисијата треба да постапи согласно со законот и да го информира Јавното Обвинителство за случајот којшто е увиден“ изјави Димитриев.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Nord-Mazedonien | Feierlichkeiten zum 151 Geburtstag von Goce Delcev (Goce Delchev)

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев во тензии

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница