Убавите балкански села гореа, додека старата дама се чешлаше | Европа | DW | 05.03.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Убавите балкански села гореа, додека старата дама се чешлаше

Западниот Балкан и Украина, но и други заинтересирани држави, треба во кус рок да се интегрираат во ЕУ, но со транзициски период за прилагодување до полноправно членство со сите привилегии. Пишува Тони Поповски

Убавите градови и села во Украина горат. Покрај војници, гинат цивили, возрасни и деца. Тоа што го гледаме е трагедија која ја враќа нашата траума од крвавото распаѓање на Југославија. Кога таа војна заврши, почитуваната дама (Унијата) од чешлање премина на асоцирање и стабилизирање, односно фенирање кое за најголем дел од засегнатите на Западниот Балкан, за жал сѐ уште трае.

Кога со нешто не можете емотивно да излезете на крај, а ова ги вклучува неправдите, па и нереализираната љубов и други страсни очекувања, најдобро е таа емотивна состојба да ја трансформирате во литература. Апсурдноста на егзистенцијата е трансформирана во литературата на Кафка а потоа под негово влијание и на Ками. Да се потсетиме на кусиот но истовремено најконтроверзен роман на Кафка, „Метаморфоза“ (1915), во кој главниот лик се претвора во џиновска лебарка. Романот е напишан за време на Првата светска војна, но ако не бевме подучени од неа, а потоа и од Втората светска војна, последниве настани потврдуваат дека не е невозможна метаморфоза од човечни луѓе во луѓе лебарки. 

Осудата на Европскиот Парламент за Путиновата агресија врз Украина, дава надеж дека старата дама се подразбуди и дека е решена да ја напушти кафкијанската соба на ексклузивниот хотел „Европа“, на чија врата затропа источната екстаза. Сепак, дали ЕУ и идејата за обединета Европа низ проширување се' сеуште витална точка на гравитација и обезбедување мир во Европа, е прашање кое вреди милион (човечки животи). 

Рано предупредување по однос на Западниот Балкан 

Русија би можела да покрене активности за дестабилизација во Босна и Херцеговина и на Западен Балкан, предупреди високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Впрочем не е прв пат, овој шпански социјалист и докажан антифашист да упати слично предупредување. Предупредува и Михаел Рот (Претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот): „Путин не само што води војна против Украина, туку го доведува во прашање правото на постоење на источноевропските држави. Ја торпедира и ЕУ перспективата на Западен Балкан. ЕУ мора конечно да ги исполни ветувањата и да го надмине несогласувањето. Итни пристапни преговори со Албанија и Македонија!".

Michael Roth in Bosnien

Михаел Рот: „Путин не само што води војна против Украина, туку го доведува во прашање правото на постоење на источноевропските држави.“

На ова искажување се надоврза хрватскиот претседател Милановиќ во нему својствен стил:„Бев повикан да потпишам заедничка изјава со претседателите од Источна Европа, на Украина итно да и се даде статус кандидат за членство во ЕУ. Во ред, состојбата е вонредна и бев подготвен да потпишам, но под услов таков статус да им се даде и на БиХ и на Косово, кое некои членки се уште го немаат признаено. Барав исто така да се донесе одлука за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија кои Брисел ги малтретира со години. Тоа за нас е еднакво важно како и Украина". 

Македонците во пресрет на перфектната бура

Предупредување доаѓа и од десниот спектар на европската политика. Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, за порталот Еуроактив изјавува дека е „100 отсто уверен дека  Русија нема да запре во Украина. Ако падне Киев, следната цел се Молдавија, Грузија, ќе се појават проблеми во Западен Балкан, а потоа следна цел ќе бидат Балтичките земји“. И претседателот Пендаровски во своите изјави нотира дека Македонија е под силна хибридна закана: „Целта на оваа хибридна стратегија беше јасна - со поткопување на довербата во НАТО и во ЕУ, граѓаните да почнат да размислуваат за некои други алтернативи, кои, наводно, би биле многу поподготвени да ни помагаат во секое време. Останувањето надвор од европските институции создава простор за влез на трети страни, кои би биле заинтересирани да промовираат вредности спротивни на европските, што не е поволно за нас на долг рок." 

Потонато влијание на ЕУ во Републиката 

Анкетното истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, нарачано од угледната германска фондација „Конрад Аденауер", резултираше со наод дека само 9,5 отсто од македонските граѓани веруваат оти ЕУ има најголемо влијание во земјава, а пред две години биле 44,8 отсто. Перцепцијата за ЕУ како најголем сојузник е намалена од 43,2 отсто во 2019 на 13,1 отсто, и тоа во момент пред да започне војната во Украина.  Овие наоди се исклучително загрижувачки но недоволно за почитуваните амбасадори на ЕУ и Франција кои неодамна ќе изјават: „Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. Тоа веќе беше изразено од страна на сите европски лидери во Брдо и тоа е всушност клучната порака која што ние ја кажавме. Се разбира дека процесот на пристапување треба да биде испорака на реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи“. 

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski

Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна средина

Тоа што амбасадорите пропуштија да истакнат (се надевам ненамерно) е дека покрај кажаното во Брдо, има Одлука на Европскиот Совет за почеток на преговорите, која не се операционализира поради бугарско вето. Притоа го релативизираа и очигледното преклопување на наративите со повикување на историјата, тоа на Путин, со тоа на рамковната позиција на претходната бугарска влада и нивната собраниска декларација. Ова релативизирање не е од помош за тековните разговори помеѓу двата соседи кои се во пријателска и продуктивна фаза. Настрана и спомнувањето на реформите од страна на ЕУ првенците кај нас, кое прозвучува како патетична и контрадикторна флоскула, бидејќи според Европската Комисија, ги имаме исполнето сите критериуми. 

Што ќе беше ако беше, а можеше да биде 

После крвавиот распад на Југославија, сите држави кои произлегоа од неа требаше да влезат во ЕУ и тоа најдоцна заедно со Романија и Бугарија. Во тој амбиент, многу полесно и побезболно ќе се надминеа недоразбирањата. 

Сега е историски момент да се корегира оваа лоша проценка. Западниот Балкан и Украина, но и други заинтересирани држави, треба во кус рок да се интегрираат во ЕУ, но со транзициски период за прилагодување до полноправно членство со сите привилегии. Тоа е начинот да ги снема политиките за „големите светови“ на „малите“ на Балканот но и во соседството на Унијата, кои се во основа предтекст за создавање на „големите светови“ на големите. Тоа е начинот да се зачува мирот и стабилноста на европскиот контингент.