1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен Сириец поради сомневање за напад во Германија

ЕМФ / дв
31 октомври 2017

Во Шверин е уапсен 19-годишен Сириец кој имал намера да убие што е можно поголем број луѓе, соопшти Сојузното обвинителство.

https://p.dw.com/p/2mn6a
Deutschland Polizeieinsatz in Mecklenburg-Vorpommern
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Сојузното обвинителство во Карлсруе соопшти дека во акцијата на апсење биле вклучени специјални полициски сили и припадници на Германската криминалистичка служба. Покрај апсењето на 19-годишниот Сириец, извршен е и претрес на становите на осомничениот, како и на други, досега неосомничени, лица.

Според досегашната истрага, уапсениот се товари за намера да изврши исламистички мотивиран напад со експлозив во Германија. Тој веќе бил во фаза на подготовки за нападот. Сириецот најверојатно подолго време бил во визирот на властите. Уште во јули годинава донесол одлука да изврши напад со експлозив, со цел да убие и повреди што е можно поголем број лица. Од јули почнал со набавка на делови за бомба и хемикалии.

Дали осомничениот веќе имал одбрано цел за напад сѐ уште не е јасно. Засега нема знаци за поврзаност на Сириецот со терористичка организација, се вели во Обвинителството.

Во Германија досега имаше повеќе апсења на осомничени лица кои планирале напади од исламистички мотиви. Последно во средата минатата недела во Берлин беше уапсен 40-годишник, кој според истрагата припаѓа на исламистичката сцена. Во јули 2016 година во баварски Ансбах во воздух се крена 27-годишен сириски бегалец, при што повредени беа 15 лица.