Уапсен осомничен за планирање терористички напад | Свет | DW | 17.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уапсен осомничен за планирање терористички напад

Во германскиот град Ајзенхитенштад веројатно е спречен напад со исламистичка заднина. Во меѓувреме поради зголемената терористичка закана, Минхен ги заостри правилата за Октоберфест.

Специјални полициски сили (СЕК) денеска уапсија 27-годишен Германец во градот Ајзенхитенштад во источна Германија кој е осомничен за складирање материјали кои можат да се користат како експлозив, изјави портпаролот на полицијата во германската покраина Бранденбург.

Портпаролот на полицијата во Франкфурт (на Одра), од поголемиот град во близина, изјави дека осомничениот бил локален граѓанин без миграциско потекло. На прашањето дали осомничениот е исламист, портпаролот изјави дека „какво било сомневање за тероризам сѐ уште не е потврдено“.

Според наводите на новинските агенции кај 27-годишното уапсено лице бил пронајден експлозивен материјал, тоа се сомничи дека планирал бомбашки напад за време на градскиот фестивал и ѝ припаѓало на салафистичката сцена во градот.

Градскиот фестивал во Ајзенхитенштад е планирано да се одржи три дена, од 26. до 28. август. Градот во покраината Бранденбург има 30 илјади жители. Во минатиот месец серија напади во рок од една недела ја потресе Германија. Во Вирцбург на 18. јули 17-годишен Авганистанец со секира и нож нападна патници во регионалниот воз и повреди пет лица. При бегството од местото на злосторството беше смртно застрелан од полицијата. Три дена подоцна во Минхен 18- годишен напаѓач во Минхен уби девет лица и на крајот се самоуби. На 24 јули пак во градот Ансбах пред влезот на еден концерт се разнесе 27-годишен Сириец. 15 лица беа повредени. Нападите во Вирцбург и Ансбах имаа исламистичка заднина.

Нови безбедносни мерки на Октоберфест

Поради серијата напади во Германија, градот Минхен забрани носење на ранци и големи торби на овогодинешниот Октоберфест, а околу просторот на фестивалот ќе има заштитна ограда, соопштија градските претставници.

Посетителите на традиционалниот фестивал на пиво и фолклор нема да можат да внесат во оградениот простор торби потешки од 3 килограми, а ќе биде ангажирано и дополнително обезбедување, соопшти заменикот на градоначалник Џозеф Шмит.

Шмит рече дека градските власти планираат да се зголеми бројот на редари на фестивалот во Минхен од 250 на 450.

Тој рече оти Октоберфест „нема да стане зона на висока безбедност, но ќе има значителни промени кои ќе влијаат на посетителите“.

Околу просторот на овој угледен фестивал ќе биде подигната ограда висока 3,5 метри, а посетителите ќе можат да влегуваат само на неколку места.

Фестивалот започнува на 17. септември и ќе трае до 2. октомври. Организаторите очекуваат неколку милиони туристи. Баварија се наоѓа под високи мерки на безбедност поради серијата терористички напади.

DW.COM

Реклама