Уапсен можен соучесник во атентатот во Берлин | Свет | DW | 28.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уапсен можен соучесник во атентатот во Берлин

Во германскиот главен град е уапсено лице поврзано со Анис Амри, кој со камион изврши напад врз божиќниот пазар во Берлин пред девет дена.

Девет дена по извршениот напад врз божиќниот пазар на Брајтшајдплац во Берлин, полицијата во германската престолнина уапси лице кое било поврзано со осомничениот атентатор Анис Амри. Уапсениот е 40-годишен Тунижанец од Берлин, како што соопшти Сојузното обвинителство од Карлсруе. Истражителите од Сојузната криминалистичка служба врз основа на налог за претрес го пребарале станот и деловните простории на Тунижанецот.

Бројот бил најден во телефонот на Амри

Телефонскиот број на уапсеното лице бил најден во мобилниот телефон на Амри, пронајден на местото на нападот, соопшти Сојузното обвинителство, пренесувајќи ги сомневањата дека уапсениот можеби бил инволвиран во нападот. Дали претпоставките ќе се потврдат, останува да открие истрагата.

При нападот со товарен камион врз божиќниот пазар на Брајтшајдплац во Берлин на 19 декември беа убиени 12 луѓе. Се претпоставува дека Амри го украл камионот и свесно со него влетал во толпата луѓе. Терористичката организација Исламска држава ја презеде одговорноста за атентатот.

Неколку од жртвите се од странство

Меѓу жртвите се наоѓаат и повеќе странци од неколку земји, како што се дознава од кругови на истрагата. Покрај Германци, загинаа една Италијанка, една Израелка, еден Полјак, еден Украинец и еден Чех. Многу странци има и меѓу вкупно 55-те повредени луѓе.

Четири дена по нападот, италијанската полиција го застрела осомничениот напаѓач во Милано при рутинска контрола, откако тој отворил оган врз полицајците. Француските медиуми јавуваат дека Амри веројатно од Германија во Франција дошол преку Холандија. Од францускиот град Лион тој потоа отпатувал кон Милано. Холандската полиција сѐуште ги испитува укажувањата, а германската истрага не ги коментираше овие тврдења.

 

DW.COM

Реклама