Уапсени силувачите на Швајцарката во Индија
17 март 2013Петмина од силувачите на швајцарската туристка во Индија се уапсени и го признале делото. Дваесет лица биле испитани поради силувањето во петокот. Се претпоставува дека вкупно биле седум до осум напаѓачи.
Швајцарската државјанка (39) патувала заедно со сопругот за храмот Таџ Махал. Двојката патувала со велосипеди и сакала да преспие во шатор во индиската држава Мадја-Прадеш. Кога го поставувале шаторот, ги нападнала група вооружени мажи со стапови, го претепале мажот, а жената ја силувале, а потоа украле десет илјади рупии (142 евра) и мобилен телефон. Жената, која била хоспитализирана една ноќ во Гвалиор, на 340 километри од Бопал, главниот град на Мадја-Прадеш, во меѓувреме е на пат за татковината преку Њу Делхи.
Швајцарското Министерство за надворешни работи остро го осуди трагичниот настан и побара напаѓачите брзо да бидат откриени и изведени пред суд.
Инцидентот се случи само неколку месеци откако бруталното групно силување на една 23-годишна индиска студентка предизвика општ револт во светот, а во Индија масовни протести. Во декември лани шестмина мажи силуваа студентката во автобус, ја малтретирале со метална шишка и jа фрлиле од автобусот во движење. Нејзиниот пријател морал да го гледа целото изживување. Девојката почина по неколку дена поради тешките повреди. Со недели илјадници демонстранти во Индија бараа казни за злосторниците и построги закони, но се чини оттогаш малку нешто се промени. Сега е најавено донесување на нов закон, кој предвидува за силувачите казни од најмалку 20 години затвор. Во случаите кога жртвата на нападот ќе умре или паѓа во кома, треба да биде изречена смртна казна.