Тутунарите на протест - за пари или за политика? | Северна Македонија | DW | 04.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тутунарите на протест - за пари или за политика?

Радикализацијата среде откуп е опасна и нема целосна поддршка кај тутунарите. Поделбата е очигледна, а играта провидна реагираат дел од нив и предупредуваат дека откупот не смее никако да запре.

Разногласие и поделба меѓу тутунарите среде откупот на годинешната реколта. Едни на протест, други да продолжи откупот на тутунот. Револтот се прелева пред Владата во Скопје и покрај активното посредство на надлежните и минималниот раст на откупните цени во деновите пред новогодишните празници. Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари обвинува дека договореното не се почитува:

„Неколкупати се среќававме со Владата и откупувачите, на маса имаше договор но на терен се случуваше обратно. Ситуацијата е се полоша и полоша. Премиерот и министерот застанаа на наша страна, ветија дека ќе се заземат за подобрување на состојбата, дадовме рок од 5 дена за да заживее договорот, но уцените станаа уште пожестоки, проценката полоша, а цените никакви. Затоа се договоривме да ги повлечеме поверениците за да направиме дополнителен притисок врз откупувачите но и да се укаже на Владата дека е алармантно и не отстапуваме“, изјави за Дојче веле Васко Јосифовски од Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари.

Тутунарите го истураат незадоволството пред Владата иако таа не е клучниот играч во бизнисот. Дел од упатените предупредуваат дека ваквата игра на радикалзиација е многу опасна и нема целосна поддршка кај поголем дел од тутунарите кои сакаат откупот да продолжи:

„Владата во Скопје ниту го откупува ниту го плаќа тутунот. Таа дава субвенции и нивната улога е дотука. Но сепак тие стојат зад нас, има интерес за решавање на процесот и нашите барања, но со одење и протести проблемите не се решаваат“, реагира Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

Откупот, вели тој нема да запре бидејќи во услови на криза тоа ќе предизвика уште поголема катастрофа:

„Проблеми има и состојбата не е задоволителна, но откупот ќе продолжи од проста причина затоа што има останато тутун оти деновиве откуп немаше. Ако тоа продолжи тој може да се расипе, а има огромен број на тутунари кои сакаат да го предадат родот. Многу е побитно да се избориме да се зголеми динамиката на откупот на над еден милион килограми дневно и да не се пробие рокот од 28 февруари. Оти потоа ќе се повлечат вагите и ќе мора да дремеме пред нивните центри и таму да чекаме со денови, а родот да се продава по уште побадијала цени. Затоа пунктовите мора да работат, а кој е незадоволен може да се жали на второстепена комисија, да стопира на вага, да алармира кај инспекторатот“, предупредува Стомнароски.

Mazedonien Land und Leute Tabak aus Mazedonien Prilep

Од Владата се свесни за проблемот но не гледаат причина за радикализација:

„Досега имавме десетина средби и со производителите и со откупувачите, а на две од нив беше присутен и премиерот. Се констатираше дека откупот е незадоволителен, но и дека нема доволно количина за да се создаде целосна слика за откупот. Досега се предадени околу седум илјади тони тутун и при оваа количина може да се констатира дека квалитетот на тутунот за нијанса е послаб од лани, а и откупувачите реагираат дека досега им се носеле послабите берби и затоа цената била пониска. Неколкупати се заклучи дека е потребно релаксирање на откупот, тоа и се случи, цената малку порасна и достигна 167 денари но еве повторно има незадоволство. Ние уште од старт сме активно присутни како медијатори, направивме се и еве пак има незадоволство“, коментираат за Дојче веле од Владата.

Дополнителен проблем кој создава притисок е исостојбата на глобалниот пазар, кој среде криза резултира со пад кај тутунската индустрија од 25 до 30%: 

„Едноставно се работи за пазарна логика, среде последиците од ударот од кризата врз оваа индустрија за која предупредуваат самите откупувачи. Ние повеќепати им сугериравме на тутунарите ако не се задоволни од откупната цена да се повикуваат на вторстепената комисија што ќе значи и нова проценка. Ова и е присутно и тоа значително повеќе од лани. Но од друга страна тутунарите подлегнуваат на шпекулации дека се врши увоз на тутун и дека тоа е причина за пад на цената што не е вистина. Оваа година има увоз на две илјади тони тутун кој што не е конкуренција на домашните производители бидејќи е поинаков од типот „Јака“ и „Прилеп“ што се произведува кај нас“, реагираат од министерството за земјоделство.

Во вакви услови се отвора и дилемата дали радикализацијата има поинакви мотиви. Дали можеби политиката меша прсти и ги подбуцнува работите?

„Кој ги буцка работите не би сакал сега јавно да укажувам, но гледате што се случува. Одеднаш како подддршка се јавуваат лозари, оризари што укажува дека целта е друго. Ако им е целта тутунот тогаш ќе бараат маката да се реши. А не да бараат да запре откупот, да се повлечат поверениците и да се прави притисок. Многу бргу ќе излезе на виделина кој тоа го прави“, реагира Стомнароски.  

Од иницијативниот одбор пак прстот го вперуваат кон другата страна: 

„Ако политиката имаше вмешано прсти во поглед на организација на овие случувања немаше да се мачиме да бараме превоз за Скопје и да се молиме за скршен денар. Ако имаше политика немаше да одиме кај премиерот за решение на проблемот, туку ќе баравме тие да си поднесат оставки. Но  од другата страна, кај поверениците, кај Сојузот на земјоделски здруженија политиката и тоа како е замешана“, обвинува Јосифовски.

Иницијативниот одбор останува на ставот дека Владата е вистинската адреса на решение на проблемот затоа што по нејзина иницијатива се донеле и измените во законот со кои се дозволил и увоз на тутун. Во вакви услови велат таа е единствената која може да се вмеша и да пресече но и да влијае на откупувачите со повеќе инструменти.

Тутунарите годишно добиваат 30 милиони евра субвенции, или 30% од вкупниот буџет наменет за сите земјоделски култури. Исплатата на овие средства се реализира веднаш по завршување на откупот која е практично и прва исплата на државната поддршка. Тутунот е единствена култура која е организирана со закон. Ова овозможува и редовна односно непречена исплата на откупениот тутун веднаш чим тој биде предаден на преработувачите. Годинешнава реколта изнесува околу 23 илјади тони, од кои досега се продадени близу 7 илјади тони тутун. Ланската реколта која важеше за една од досега најдобрите заврши со откупени 26 илјади тони тутун. Просечната цена за т.н. жолто злато изнесуваше 220 денари.

 

Реклама