1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туск на средба со Иванов, Хојт Ји со партиските лидери

Катерина Блажевска1 март 2016

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск утре доаѓа на средба со претседателот Иванов за бегалската криза, а за политичката - со домашните лидери задутре ќе разговара високиот функционер на САД, Хојт Ји.

https://p.dw.com/p/1I4b2
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Charlier

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, утре попладне доаѓа во Скопје на средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, посветена на бегалската криза, предизвиците и проблемите што таа ги наметнува, како и придонесот на Македонија во справувањето со неа. Посетата е дел од мини - турнејата на Туск, во чии рамки од 1-ви до 3-ти март тој ќе ги посети Виена, Љубљана, Загреб, Скопје и Атина, со цел да се продолжи со градење на европски консензус за справување со мигрантската криза, но и за подготовка на Самитот ЕУ-Турција на 7-ми март и Европскиот совет на 17-18 март. Посетата која е најавена на неговата веб-страница, ја потврдија и од кабинетот на претседателот Иванов. Пораките со кои доаѓа Доналд Туск, се оние што тој ги искажа пред Европскиот парламент на 24 февруари.

„Нема сомневање дека треба да се врати Шенген. Тоа ќе чини пари, ќе биде потребно време и бара големи политички напори. Ќе има земји кои не ќе може да бидат во можност да се справат со овој предизвик. Но, Европа ќе биде таму за да им помогне. Ние треба да инвестираме во Шенген, а не во неговиот колапс. Во иднина ова ќе биде едно од клучните прашања кои ќе се дискутираат од страна на лидерите на 7-ми март. Мора да избегнеме битка помеѓу плановите A, Б и Ц. Тоа нема никаква смисла и само создава поделби во Европа без да не донесе поблиску до решение. Наместо тоа, треба да бараме синтеза на различни пристапи. Не постои алтернатива на еден сеопфатeн европски план“, изјави Туск.

Grenze Griechenland Mazedonien Flüchtlinge
Фотографија: L. Gouliamaki/AFP/Getty Images

Релокација на бегалците

Во рамките на сеопфатниот план, за клучен сегмент се смета почитувањето на договорот за релокација на бегалците. Претседателот на Европскиот план, Мартин Шулц, вчера побара сите членки на Унијата да се држат до тој договор.

„Два милиона бегалци не би претставувале никаков проблем ако се направи правилна распределба. Само во таков случај не би имало хуманитарна криза“, изјави Шулц. Во спротивно, тој предупреди дека најзасегнатите гранични линии преку кои мигрантите се обидуваат да стигнат до западно-европските земји, ќе се претворат во огромни бегалски кампови. Таква беше сликата вчера претпладнето на грчко-македонската граница, каде неколку стотици мигранти на кои не им се дозволува влез и транзит низ балканската рута, се обидоа насилно да ја поминат границата. Откако го пробија кордонот на грчката полиција, се обидоа да влезат во земјава уривајќи ја жичаната ограда. Во првите редови беа жени и деца, а мажите ги каменуваа македонските безбедносни сили. Полицијата мораше да употреби солзавец за да го сопре пробивот на мигрантите, кои извикуваа дека Европа им ги крши човековите права. Тензиите набрзо се смирија, а заради зголемување на безебдноста на просторот околу каменот 59, армијата почна со поставување ограда по должината на патот што води од граничниот премин до транзитниот центар.

Во моментов сите надежи се насочени кон Самитот на 7-ми март. Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, вчера во Женева предупреди дека до тој датум кризата веќе може да се компликува.

„Сите очекуваме справување со мигрантската криза од хуман и безбедносен аспект. Околу хуманоста кон мигрантите, Македонија и Грција се на иста гранка и затоа е потребна прекугранична соработка. За безбедно справување со мигрантскиот бран, сите очи се свртени кон следниот Самит на Европската унија. Има основа за загриженост дека кризата може да ескалира, или во најмала рака да се компликува, порано од 8 март“, изјави Попоски, во обраќањето на Сегментот на високо ниво во рамки на 31-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации.

Од Европската комисија тврдат дека ги вложуваат сите напори за решавање на овој проблем.

Nikola Poposki West Balkan Konferenz Wien Österreich PK
Никола ПопоскиФотографија: picture-alliance/dpa/Hasan Tosun

„Комисијата веќе испраќа писма до оние земји кои се уште не се согласуваат за релокација на мигрантите. Целта е сите да се придржуваат до договорот за релокација на бегалците и ние ќе го забрзаме тој процес. Тоа ќе биде главна точка на агендата на Конференцијата што ќе се одржи на 7-ми март. Ќе видиме до каде сме“, изјави портпаролката на ЕК, Нина Андреева.

Од Скопје во Атина

До каде сме и како понатаму - ќе биде темата на која Туск денеска во Виена ќе разговара со австрискиот канцелар, Вернер Фајман, а веднаш потоа и со словенечкиот премиер Миро Церар во Љубљана. Утре, по средбата со хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ во Загреб и попладнето со претседателот Иванов во Скопје, Туск задутре заминува во Атина на средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Серијата разговори Туск ќе ја заврши на 4-ти март во Брисел, со средби со генералниот секретар на НАТО и со извршниот директор на Фронтекс.
Туск ја посети Македонија и на 22 ноември минатата година, за да се запознае со состојбата со бегалците и мигрантите, особено откако беа воведени новите селективни мерки за транзит низ Македонија, Србија, Хрватска и Словенија. На негова лична покана претседателот Иванов досега два пати присуствуваше на координација пред самити посветени на бегалската криза, а од октомври досега остварија шест средби посветени на бегалските проблеми.

Решавање и на политичката криза

Но, бегалската криза не смее да го стави во сенка решавањето на проблемите кои доведоа до политичка криза. Тоа е оценката околу која се согласуваат гарантите на Договорот од Пржино, а како што дознава Дојче веле, тоа е причина што в четврток во Македонија ќе пристигне заменик-помошникот на државниот секретар за Европа и за Азија на САД, Хојт Ји. Тој ќе има средба со партиските лидери, посветени на досегашната реализација на Договорот од Пржино, но и за реформите и предизвиците што стојат пред земјата за излез од политичката криза.
Високиот функционер на Стејт департменот беше во дводневна посета на Скопје на 17 и 18 април минатата година. Се сретна со тогашниот премиер Никола Груевски, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерите на ДУИ и на СДСМ. По средбата со Груевски, тој изјави дека треба бидат процесуирани и случаите каде има сомневања за функционерите на власт, а не само за опозицијата.

Hoyt Brian Yee
Хојт Брајан ЈиФотографија: Daniel Mihailescu/AFP/Getty Images

„Ја повикавме Владата и нејзините институции да ги земат предвид обвинувањата и инсинуациите за злоупотреби на службената должност и за можното незаконско однесување, многу сериозно, најмалку толку сериозно како што Владата ги зема обвинувањата против лидерот на опозицијата“, рече Хојт Ји.

Притоа потенцираше дека важен аспект на кризата е правната постапка што се води за прислушувањето, но исто така важен аспект на кризата за кој разговарале се информациите што биле откриени преку аудио-снимките што беа објавени.

„Тоа се информации за можна корупција на функционери, за можно неприлично влијание на владата врз медиумите и врз судството, за можни изборни злоупотреби и други можни злоупотреби на власта“, потенцираше високиот функционер на Стејт департменот.

Хојт Ји доаѓа во време кога Специјалното обвинителство се соочува со опструкции, а граѓани секојдневно протестираат пред Уставниот суд поради неговата одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за помилување, стравувајќи дека таа постапка може да резултира со одлука која на претседателот на државата ќе му даде право да помилува лица осудени за изборен криминал.