Туск на заминување жестоко се пресмета со Макрон | Свет | DW | 14.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Туск на заминување жестоко се пресмета со Макрон

На две недели пред заминувањето од функцијата, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во остар говор на Универзитетот во Бриж отворено кажа што мисли за состојбите во ЕУ и за политиките на Емануел Макрон.

Доналд Туск го предводеше Европскиот совет полни пет години, од 2014 до крајот на овој месец. Секогаш важеше за отворен политичар без „влакна на јазикот“. Како што и самиот вели во говорот, доколку кажел некои од работите кои ги изнесе во својот говор пред студентите на Универзитетот во Бриж, веројатно ќе бил отпуштен. Во продолжение го пренесуваме поголемиот дел од неговиот проштален говор одржан синоќа, среда 13.11.2019:

-
Можеби звучи банално, но, кога ме прашаа за што ми беше мандатот, одговарам без двоумење: „Единство“ - лајтмотив, задача, речиси моја опсесија, уште од самиот почеток. На денот на моето заминување за Брисел, на аеродромот во Варшава, случајно се сретнав со Лех Валенса. Кога Валенса слушна дека бев на пат да го преземам Европскиот совет од Херман ван Ромпуј, тој реагираше импулсивно: „Само се надевам дека Унијата не се распаѓа со вас таму, веќе изгледа доволно лошо!“

Затоа не е изненадување што за време на церемонијата на примопредавање на 1 декември 2014 година, во мојот многу краток, двеминутен говор, го спомнав зборот „единство“ трипати. Мојата порака беше следнава: „Она што ѝ треба на Европа е да ги штити нашите основни вредности: солидарност, слобода, единство против заканите за ЕУ ​​и нејзиното единство, кои доаѓаат и од внатре и од надвор. Политиката се врати во Европа, историјата се врати и во вакви времиња се потребни лидерство и политичко единство “. Ви реков дека сум опседнат со единство.

Русија е наш „стратешки проблем“

Моите вежби во единство започнаа практично на првиот ден. Прво, се работеше за агресивната политика на Кремљ. Бев (и сè уште сум) убеден дека, во оваа игра, она што е во прашање, не е само иднината на независна Украина и безбедноста на Централна Европа, вклучително и онаа на мојата земја, туку суверенитетот на Европа како политички субјект. И не се сомневав дека стратешката цел на Путин не беше само да ја врати контролата врз териториите на поранешниот Советски Сојуз, туку и систематски да ја ослабне ЕУ со провоцирање внатрешни поделби. Морав јавно да ги потсетувам другите, речиси секоја недела, дека Русија не е наш „стратешки партнер“, туку наш „стратешки проблем“. Јас дури и бев етикетиран како „мономанијак“, затоа што бев толку фокусиран на оваа тема. Но, на крајот се исплатеше. Го одржувавме нашето единство, исто така и во однос на санкциите, во текот на целиот мој мандат.

Brüssel | Zweiter Tag des EU Gipfel | Jean-Claude Juncker und Donald Tusk (picture-alliance/AP Photo/V. Mayo)

Заминувањето на двајца големи Европејци: Жан-Клод Јункер и Доналд Туск

Вториот тест беше заштита на единството на Еврозоната. Никогаш не се преправав дека сум експерт, како што е Херман, на тема заедничка валута или банкарство. Грчката криза ја гледав во политички и гео-стратешки, а не во финансиски категории. Затоа, направив сè за да го избегнам ризикот од Грекзит. Како типичен претставник на „Северната школа“, отсекогаш верував дека не треба да трошите повеќе отколку што имате. Но, и покрај ова верување, ги заштитував Грците од премногу тешкиот и на моменти, конзервативен пристап на Германците и Холанѓаните. Не само затоа што отсекогаш сум бил вљубен во грчката култура. Всушност, јас ги ценам исто толку високо музиката на Јохан Себастијан Бах и сликите на Вермер, како и скулптурите на Партенон. Но затоа што знаев дека Еврозоната може да пропадне доколку страните во овој конфликт отидат предалеку. И тоа, всушност, за малку и се случи. Во таа судбоносна ноќ на 12 јули 2015 година, кога канцеларката Меркел и премиерот Ципрас беа на работ да се разделат, во четири часот наутро ја затворив вратата и им реков: „Извинете, но нема шанси да ја напуштите оваа просторија сè додека не се согласите “. Четири часа подоцна го објавив нашиот „аГрикмент" (Комбинација од англискиот збор agreement i Greece). Еврозоната беше спасена и денес Грција е една од поперспективните економии на Унијата.  Третиот предизвик беше градење консензус околу заедничката миграциска политика. Од почетокот видов дека поделбите тука можат да бидат многу опасни. Споровите околу политиката за азил, особено задолжителното преместување, предизвикаа емоции и незадоволства во голем обем. Ова е причината зошто приоритет број еден за мене беше да ја отфрлам алтернативата на Отворена Европа наспроти Тврдината Европа. Чувствував дека е неопходно да се избегне сликање црно-бели слики. Застапниците на цврстите надворешни граници беа обвинети за ксенофобија и недостаток на солидарност, додека приврзаниците на политиката на отвореност (Willkommenspolitik)- за пуштање на терористи и за неприфатливо потчинување. Земјите на Бенелукс, Германците и Скандинавците сакаа поголема решителност во постапките на јужните земји, но искрено кажано, тие беа најгласни во критиките на источните земји за нивниот недостаток на солидарност.
И јужна Европа се приклучи на овој анти-источен хор, затоа што беше многу полесно да се предложи задолжително преместување отколку да се заштитат границите. Начинот за олеснување на тензиите беше, пред сè и најзначајно, да ги натераме сите земји да сфатат дека немаше суштински противречности меѓу либералната демократија и ефективните контроли на нашите надворешни граници. Дека ние мора да им помогнеме на бегалците, но да не ја напуштиме нашата примарна должност да ја заштитиме нашата територија. Се разбира, проблемот со миграцијата не исчезна и ќе нè држи зафатени во наредните години. Но, успеавме да ги убедиме повеќето актери да ги смират своите емоции и да се фокусираат на попрагматични иницијативи што ги штитат нашите граници, на борбата со шверцерите со луѓе, како и на соработката со Либија и другите африкански земји и секако на договорот со Турција.

Гледај видео 00:56

Говорот кој ги „стопи“ срцата на Бугарите

Фрустрацијата на федералистите

Во изминативе пет години, исто така беше неопходно да се прекине со таканаречените „креативни“ идеи и иницијативи како „помал клуб“, „јадро на Европа“ и други. Тие делумно произлегоа од фрустрацијата на федералистите и од често оправданите поплаки за некои држави кои ја блокираат натамошната интеграција. Париз беше особено активен овде, парадоксално, особено по изборот на претседателот Макрон, искрен и енергичен Европеец.

Како што реков во Рим, за време на церемонијата по повод 60-годишнината од Договорите, не можам да прифатам враќање на повеќебрзинска Европа. Половина од мојот живот го поминав зад Железната завеса, во советската сфера, под комунистичкиот режим, така што многу добро знам што навистина значи дво-брзинска Европа. Единството на ЕУ бара взаемна трпеливост, а не принуда. Во разни прилики, секогаш кога ќе се подигне темпото на интеграција, сакам да цитирам една африканска поговорка: "Ако сакате да одите брзо, одете сами. Ако сакате да одите далеку, одете заедно".

EU-Gipfel in Brüssel | Emmanuel Macron, Donald Tusk & Angela Merkel (Getty Images/AFP/K. Tribouillard)

„Доста е со „креативните“ идеи за двобрзинска Европа“. Доналд Туск со Емануел Макрон и Ангела Меркел

Во нашите размислувања за иднината на Европа, треба да се водиме од нашиот здрав разум и чувството за тајминг. Не можеме да се препуштиме на лажната алтернатива за брза интеграција или пропаст на Унијата. Вреди одновно да се открива патот - понекогаш накриве, понекогаш доста тесен - што води помеѓу утопија и дистопија. Единството нема да биде изградено од екстремни евроскептици или радикални федералисти. Се обидов да се придржувам до овој личен и тесен пат цело време.

Брегзит е вистинскиот крај на британската империја

(...) Конечно, ако ми дозволите, сакам да ви кажам нешто што не би се осмелил да го кажам пред неколку месеци, затоа што можев да бидам отпуштен поради тоа што сум искрен. А денес, едноставно е премногу доцна да се отповика Доналд, барем овој европскиот. Всушност, му завидувам на Џон Берков (поранешниот спикер на британскиот парламент, н.з.) затоа што тој конечно, искрено може да го каже она што го мисли за Брегзит.

Јас исто така ќе се осврнам на оваа тема. Јас повеќепати слушнав од Брегзитерите дека сакаат да ја напуштат Европската унија за повторно да ја направат Велика Британија глобална, верувајќи дека само сама, навистина може да биде голема. Во овие гласови можеше да се слушне копнежот кон Империјата. Но, реалноста е токму спротивна. Само како дел од обединета Европа може Велика Британија да има глобална улога, само заедно можеме да им се спротивставиме, без никакви комплекси, на најголемите сили на светот. Всушност, истото можам да го кажам и за Германија или Франција. И светот го знае тоа. Го слушнав истото во Индија, Нов Зеланд, Австралија, Канада и Јужна Африка; дека по нејзиното заминување, Велика Британија ќе стане аутсајдер, второстепен играч, додека главното бојно поле ќе го окупираат Кина, САД и Европската унија. „Зошто го прават тоа?“ – ми го поставуваа ова жално прашање насекаде каде што одев. Еден мој англиски пријател е веројатно во право кога со меланхолија вели дека Брегзит е вистинскиот крај на британската империја.
Изборите во Велика Британија се одржуваат за еден месец. Дали сè уште може да се сменат работите? Хана Аренд не учеше дека работите стануваат неповратни само кога луѓето почнуваат да размислуваат така. Значи, единствените зборови што ми паѓаат на ум денес се едноставно: Не се предавајте. Во овој натпревар веќе имавме дополнително, веќе сме во продолженија, можеби дури ќе оди и на пенали?

Donald Tusk und Stevo Pendarovski (Getty Images/AFP/J. Thys)

Нема суверена Европа без стабилен Балкан. Стево Пендаровски и Доналд Туск

Нема суверена Европа без стабилен Балкан

Сега да се позанимаваме со францускиот претседател, еден од неспорните лидери на Европската унија и нашата надеж за иднината, и мој драг пријател. Сакам да му кажам дека го споделувам неговиот сон за вистински суверена Европа. Убеден сум дека сме способни за тоа, под услов да се однесуваме како суверени. А не како што беше неодамна во случајот со проширувањето на ЕУ. Нема да има суверена Европа без стабилен Балкан, интегриран со остатокот од континентот, и не треба да бидете историчар за да го разберете ова. И нема да има суверена Европа без независна Украина. Нашиот строг и постојан став кон Русија беше првиот израз, толку јасен и недвосмислен, за нашиот суверенитет. Ние мора да истраеме во ова.
И ова е причината зошто кога ќе ги слушнам зборовите на Макрон дека „ние мора да го преиспитаме нашиот став кон Русија, да го преиспитаме стратешкиот однос“, можам само да изразам надеж дека тоа нема да се случи по цена на нашите соништа за суверенитетот на Европа. Во истото интервју за „Економист“, претседателот Макрон вели дека ги споделува истите ставови на оваа тема како Виктор Орбан и дека се надева дека г-дин Орбан ќе помогне да ги убеди Полјаците да го променат ставот кон Русија. Можеби, но не и јас, Емануел.

И, конечно, она што е најважно за мене. Отсекогаш ја потенцирав улогата на компромисот во европската политика. Компромис, преговори, консензус, клучните зборови без кои не можеме да ја разбереме ЕУ. Сепак, постојат работи и прашања, кои не можат да бидат предмет на компромис и преговори. И јас зборувам за нашите основни вредности: слобода, владеење на правото, достоинство на поединците.
Која е поентата на единството, суверенитет и солидарноста ако не можеме да ја одбраниме Европа, сфатена како територија на слобода, култура и закон, против надворешни и внатрешни противници? Ако не сме во состојба да ја одбраниме Европа исто така и од нашите слабости и грешки, против искушението да правиме договори со ѓаволот, и против потчинувањето на моќните и немилосрдните? Европа не е континент во географска смисла. Тоа е континент во аксиолошка (вредносна) смисла. И ќе остане така, сè додека имаме доволно сили да ги заштитиме не само нашите граници и интереси, туку - пред сè и најважно - суштината на Европа. На крајот на краиштата, ние не сакаме да биде нашиот дел од светот, како што е прикажано на физичката карта во училишниот атлас, едноставно голем, но периферен полуостров на голема Евроазија. Ви благодарам.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама