Туск: Вие сте шампиони во политичка зрелост | Северна Македонија | DW | 17.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Туск: Вие сте шампиони во политичка зрелост

Претседателот на Европскиот совет, Туск од Скопје им порача на лидерите на земјите-членки на ЕУ дека Северна Македонија си ја завршила својата работа за почеток на преговорите, и сега е редот на нив.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск е убеден дека Северна Македонија си ја завршила својата домашна работа што се однесува до добивањето датум за почеток на пристапните преговори и очекува од лидерите на ЕУ да го потврдат тоа во октомври. На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Туск не штедеше пофалби за напорите на земјата во последните две години.

„Напорите на Северна Македонија во последните неколку години беа извонредни. Станавте шампиони на политичката зрелост во вашиот регион“, рече Туск, потенцирајќи го како „импресивно достигнување“ - Преспанскиот договор- и порачувајќи дека тоа не треба да биде земено здраво за готово од ЕУ.

Туск рече дека и во јуни годинава, на самитот на ЕУ, отворено се залагал на земјата да и се одреди датум за почеток на преговорите, и вели дека останува на тој став и денес.

„Во последните две години направивте се што се очекуваше од вас, за да почнат преговори со ЕУ. Сакам да биде кристално јасно дека не постои сомнеж во Брисел во врска со вашата политичка обврска за владеење на правото и борбата против корупција. Скопје е најдоброто место од каде што можам да ги повикам лидерите на ЕУ да си ја завршат својата работа, затоа што Северна Македонија веќе си го заврши своето“, рече Туск.

Премиерот Заев, оцени дека е политички интерес и на Северна Македонија и на ЕУ, во октомври да се одобри датумот и бара „усвојување одлука за преговори без натамошно одложување“.

„Влегуваме во длабинско и долго трансформациско патување до целта- членство во ЕУ. 
Трансформација на земјата, согласно политиките и правилата на ЕУ, а во корист на нашите граѓани“, порача Заев, нарекувајќи го Туск „нашиот докажан пријател“.

Од Скопје, Туск продолжува за Тирана каде владата исто така се надева дека ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ во октомври. Неизвесно е дали тоа ќе се случи со оглед на длабоката политичка криза во Албанија и негативниот став во неколку европски земји, пред се, во Холандија и Франција.

 

DW.COM

Реклама