Турција чекор поблиску до претседателски систем | Свет | DW | 16.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција чекор поблиску до претседателски систем

Со уставни реформи турскиот претседател тежнее да ја зацврсти својата власт. Парламентот во Анкара во првото читање ги следеше неговите намери.

Турскиот парламент во првото читање го усвои новиот Устав, кој ќе овозможи јакнење на власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Пратениците во парламентот вчеравечер (15.01.) ги одобрија последните два од вкупно 18 членови на Уставот со неопходното трипетинско мнозинство. Партијата Правда и развој (АКП) во 550-члениот парламент има 316 пратеници, а нејзиниот сојузник, националистичката МХП, има 39 пратеници. Двете партии заедно имаат 355 пратеници.

За конечно прифаќање на уставните реформи меѓутоа е потребно секој од членовите на новиот Устав да биде усвоен со трипетинско мнозинство, односно над 330 гласа, и во второ читање, за потоа да може да се гласа на референдум. Одредена е 48 часовна пауза пред парламенот во среда да ја започне расправата за текстот во второто, последно читање.

Најраниот датум за најавениот референдум околу реформираниот Устав може да биде напролет. Владеачката турска партија АКП, која ја основаше сегашниот претседател Ердоган, ги поддржа уставните промени уште во времето кога Ердоган беше на премиерска функција, тврдејќи дека силно водство ќе доведе до поголем просперитет, а според новиот Устав, претседателот на државата нема да мора да ја напушти својата политичка партија. Со уставните реформи би се вовела и функција потпретседател на државата, а би се укинала премиерската. 

Претседателот би имал право на 2 петгодишни мандати, но во тоа веројатно не би се сметал постоечкиот мандат на Ердоган, што значи дека тој би можел да остане на власт до 2029. година.

Критичарите на уставните реформи велат оти овие промени само дополнително би ја зголемиле власта на претседателот и би му дозволиле да владее без никакви пречки.  За време на парламентарната дебата дојде до жестоки расправии, па дури и до тепачки меѓу пратениците на опозицијата и на власта.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама