Турција станува опасност за европските банки? | Економија | DW | 11.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Турција станува опасност за европските банки?

Турската лира бележи забрзан пад и ѝ создава брчки од загриженост на ЕЦБ. Дали турбуленциите во Турција се опасност за европските банки? Одговорите не се јасни.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара поддршка „од горе“: „Не заборавајте: тие ги имаат нивните долари, ние го имаме нашиот народ, нашиот господ“, изјави Ердоган деновиве пред своите приврзаници во Ризе, на Црното Море. На неговата земја ѝ е потребна помош, зашто кризата околу националната валута, лирата, се заострува.

Од почетокот на годинава турската лира загуби околу една третина од вредноста во однос на американскиот долар и еврото. Инфлацијата во Турција се искачи на 15%, а економскиот пораст во меѓувреме е под нивото коешто беше досега вообичаено.

И Европската централна банка (ЕЦБ) сега го набљудува драстичниот пад на турската валута. ЕЦБ ја анализира поврзаноста на европските банки со Турција. Дали се заканува заразата да премине и на европскиот банкарски систем?

Надзорните органи на ЕЦБ сѐ уште не ја оценуваат ситуацијата како критична, напиша „Фајненшл тајмс“ денеска, повикувајќи се на неименувани лица запознати со надзорот. Сепак, големите банки ББВА од Шпанија, италијанската Уникредит и француската БНП Парибас се особено изложени на опасност. „Фајненшл тајмс“ информира дека надзорните органи на ЕЦБ ја набљудуваат ситуацијата веќе неколку месеци. Официјална изјава од ЕЦБ за ваквите информации на весникот сѐ уште нема.

Türkei Recep Tayyip Erdogan (picture alliance/dpa/AP/B. Ozbilici)

Во намерата да ја зголеми својата моќ, Ердоган си обезбеди директно мешање во досега независната Турска централна банка

„На Турција ѝ се заканува финансиска криза“, оценува за ДВ познатиот турски еконмист Коркут Боратав. „Тогаш нема да бидат исплаќани кредити, претпријатијата ќе пријавуваат несолвентност и на крајот - од тоа ќе бидат погодени и банките.“

Европејците би морале да знаат дека кредити за турските претпријатија и банки се ризични, вели Боратав: „Тоа е еден до основните постулати на слободното пазарно стопанство - оној кој позајмува пари, презема ризик и подготвен е и на загуби.“

Добар дел од проблемите со лирата можат да му се припишат на претседателот Ердоган. Во намерата да ја зголеми својата моќ, тој си обезбеди директно мешање во досега независната Турска централна банка. Раководството на банката сега се поставува директно од страна на Претседателот. Меѓународните инвеститори реагираа иритирано. Оттогаш капиталот се излева од државата.

Повеќе: Сета моќ за Ердоган: Што сѐ смее турскиот претседател?

Тоа е товар не само за курсот на лирата. Турската валута денеска бележи рекордно низок курс. Вчера за едно евро се добиваа и по 6,63 лири.

Досегашниот полет на Турција беше во голем дел финансиран од кредити. Стручњаците предупредуваат на опасноста од високо приватно задолжување во американски долари, зашто долговите поради падот на курсот на лирата на тој начин само се зголемуваат. Освен тоа, Турција е упатена на постојано влевање на странски капитал со што го финансира својот увоз.

Со оглед на високата инфлација од, официјално, 15% економистите препорачуваат зголемување на основната каматна стапка од страна на Централната банка. Но, претседателот Ердоган тоа го спречува. Тој лично се нарече „противник на каматите“ и најави уште поголема контрола над монетарната политика.

Турскиот економист Боратав оценува: „Или тој (Ердоган, н.з.) е против повисоки камати од религиозни причини, или смета дека ќе профитира од многу задолженото градежништво.“

Infografik Wechselkurs türkische Lira zu Euro EN

Турската валута бележи рекордно низок курс

Ердоган сака банките и натаму да даваат евтини ркедити, за да го поттикнуваат економскиот пораст, но инвеститорите стравуваат дека може да дојде до „прегревање“. Турските претпријатија имаат кредити во висина од речиси една третина од турскиот брутодомашен производ. „На Турција во моментов ѝ се потребни 238 милијарди долари“, вели Боратав.

Со оглед на губењето на вредноста на домашната валута, ова би можело да претставува закана за банките во земјата. „Се разбира дека голема банкарска криза во Турција би имала негативни последици врз банкарскиот систем на еврозоната“, пишуваат експертите на Беренберг-банката во својата нова анализа.

Опасностите за еврозоната се додуша ограничени, но банки од три земји од еврозоната имаат поголеми побарувања од Туција, оценуваат експертите. Според Беренберг-банката, Шпанија има побарувања од 81 милијарда евра, Франција од 35 милијарди, а Италија од 19 милијарди евра.

Повеќе: Ердоган: Силни зборови- слаба валута

„Веќе извесно време инвеститорите ја оценуваат монетарната криза во Турција како локален проблем, но забрзаното темпо на падот на валутата ја потхранува загриженоста околу ангажманот на европските банки во Турција“, смета Мајкл Хјусон, аналитичар во компанијата за трговија со деривати ЦМЦ Маркетс од Лондон. Според аналитичарите на Беренберг-банката, инструментите на ЕЦБ во меѓувреме се доволни за да се спречи поголема криза.

Турскиот економист Коркут Боратав е на мислење дека финансиска криза може да се избегне само со програма за помош од ММФ. Во 2001 година земјата доби кредит од 10 милијарди американски долари и мораше да спроведе програма за санација. „ММФ тогаш успеа да ја натера турската држава да ги обезбеди долговите на приватниот сектор“, вели Боратав и додава: „Ако Турција побара помош од ММФ и ги подржави долговите, тоа ќе биде спас и за европските банки.“

DW.COM

Поврзана содржина